Д-р Маја Врчаковска, кардиолог: „Постојан висок притисок над 140/90 е опасен за срцето, мозокот и крвните садови“
- Детали
- петок, 13 март 2026
Кои се симптомите на висок притисок? Колку е опасен и како да го намалите? Што значи ако постојано имате висок крвен притисок над 140/90 и кои се препораките? Кардиологот д-р Маја Врчаковска за CRNOBELO.com дава одговори на прашањата со кои се соочуваат многу Македонци.

Д-р Маја Врчаковска (45) е специјалист-интернист и супспецијалист-кардиолог во ПЗУ „Д-р Врчаковска - Скопје“, специјалистичка ординација по интерна медицина и кардиологија.
Средното медицинско училиште го завршила во „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, на отсекот за медицински сестри. Со звањето доктор по медицина (степен на едукација - мастер) се стекнала на Тракискиот Универзитет, во Стара Загора, Бугарија.
Д-р Врчаковска, која е познат и стручен кардиолог, за CRNOBELO.com откри детали за високиот крвен притисок, кога да се реагира и што треба да направи секој што се сомнева дека има висок крвен притисок, и препораки за негово третирање.

Дали Македонците страдаат многу од покачен крвен притисок? Имате ли сознанија за колкава бројка станува збор?
Висок крвен притисок е чест здравствен проблем меѓу населението во нашата земја.
Според достапните податоци од Институтот за јавно здравје и Светската здравствена организација (СЗО) околу 30-40% од возрасната популација во Македонија има зголемен крвен притисок.
Тоа значи дека приближно секој трет возрасен човек страда од хипертензија особено на возраст над 45 години, но сè почесто се среќава и кај помладите.
Зошто високиот притисок се нарекува „тивок убиец“?
Покачениот притисок често не дава симптоми, а со години тивко ги оштетува срцето, бубрезите, мозокот.
Доколку притисокот низ годините постепено се покачува и достигнува одредена вредност, на пример 150/100mmHg, мозокот и другите органи се „навикнуваат“ на тие вредности и затоа немаат симпоми сè додека не се покачи или падне нагло.
Многу луѓе не знаат дека имаат висок притисок додека не се појави сериозна компликација.
Пациентите често велат дека не поднесуваат пониски вредности на притисокот од овие и кога започнуваме со терапија постепено ја зголемуваме дозата на лековите за притисок додека се адаптираат на посакуваните резултати.

Дали се денес поместени границите за тоа што се смета за нормален, а што се смета за висок притисок? И ако некому инцидентно му се качи притисокот, да речеме на 150, што треба да направи - да оди на лекар, да повика брза помош, некакви лекови?
Границите за артериска хипертензија во последните години се променети и построги бидејќи се смета дека ризикот од кардиоваскуларни заболувања расте кога притисокот ќе надмине вредности над 120/70mmHg.
Според препораките на Европското здружение за кардиологија и Американската асоцијација за срце, вредности ≥140/90 mmHg се сметаат за хипертензија, додека вредностите над 120/70mmHg се гранични вредности на „покачен крвен притисок“ или „сива зона“.
Ако пациентот има висок кардиоваскуларен ризик како дијабетес, срцево заболување, бубрежна слабост, мозочен удар - задолжително е да се третира крвен притисок над 120/70mmHg, што значи што пониско, тоа подобро доколку се толерира зависно од индивидуалната здравствена состојба.
Нормалниот притисок е притисок под 120/70 mmHg.
Еднократно мерење од 150/90 mmHg не значи веднаш дијагноза. Притисокот може привремено да се покачи поради стрес, физички напор, промени во временските услови, премногу алкохол, сол, кофеин или анксиозност.
Во таков случај се препорачува краток одмор и повторно мерење по 5–10 минути.
Медицинска проценка е потребна ако покачените вредности се повторуваат во повеќе наврати.
Итна помош е неопходна при многу високи вредности (над 180/120 mmHg) или ако се јават симптоми како болка во градите, отежнато дишење, изразена главоболка или невролошки испади.

