Д-р Маја Врчаковска, кардиолог: „Постојан висок притисок над 140/90 е опасен за срцето, мозокот и крвните садови“
Има ли симптоми кои може секој да ги препознае (или се најчести)? Кои се првите симптоми за покачен притисок? Како се постапува - дали да се пијат повеќе течности, каква храна да се земе? Дали треба одмор?
Кај дел од луѓето може да се јават главоболка (особено во тилот), вртоглавица, заматен вид, зуење во ушите, чувство на притисок во главата или срцебиење.
Овие знаци не се специфични и единствен сигурен начин за откривање е мерење на притисокот.
При инцидентно покачување се препорачува краток одмор во седечка положба 5–10 минути и повторно мерење.
Повеќе течности не го намалуваат директно притисокот, а не се препорачува ниту „корективна“ храна.
Долгорочно, најважни се умерен внес на сол, балансирана исхрана, редовна физичка активност и контрола на телесната тежина.
Доколку вредностите се високи и се повторуваат, потребна е лекарска консултација.
Итна медицинска помош е неопходна ако покачениот притисок е придружен со болка во градите, отежнато дишење, силна главоболка или невролошки симптоми.

Што точно претставува покачениот крвен притисок и зошто се појавува?
Покачениот крвен притисок (артериска хипертензија) е состојба при која крвта врши зголемен притисок врз ѕидовите на артериите подолг временски период.
Најчесто причината е комбинација од генетска предиспозиција и фактори на начин на живот - прекумерен внес на сол, зголемена телесна тежина, физичка неактивност, стрес, пушење и алкохол.
Поретко, хипертензијата може да биде последица на друго заболување (на пример бубрежно или хормонално нарушување).
Кога се смета дека е опасен? Може ли да се контролира високиот притисок (и како)?
Високиот притисок станува опасен кога е постојано покачен (над 140/90 mmHg), бидејќи долгорочно ги оштетува срцето, мозокот и крвните садови.
Итна состојба е ако вредностите се екстремно високи или се јават силни симптоми.
Контролата е можна со здрав начин на живот: помалку сол, редовно движење, балансирана исхрана и контрола на телесна тежина, а кај многумина и со редовна терапија препишана од лекар.

Дали промената на животниот стил или исхраната може да го намали притисокот без лекови? Дали треба пациентот да вежба, што е препорачливо да јаде, а што да избегнува?
Да, здрави навики можат значително да го намалат крвниот притисок и без лекови. Се препорачува:
Вежбање: редовно аеробно движење, како одење, пливање или велосипед 30 минути дневно.
Исхрана: повеќе овошје, зеленчук, интегрални житарки, намалена сол и маснотии.
Избегнување: пржена и преработена храна, алкохол и пушење.
Овие промени ја подобруваат циркулацијата, ја намалуваат телесната тежина и го поддржуваат здравјето на срцето.
Дали е вистина дека денес и помладите често страдаат од покачен притисок? Зошто е тоа така?
Да, денес и помладите лица почесто имаат покачен крвен притисок.
Главните причини се модерниот начин на живот: слаба физичка активност, прекумерна тежина, висока консумација на сол и преработена храна, стрес и долгото седење.
Генетската предиспозиција и одредени заболувања, како дијабетес или проблеми со бубрезите, исто така го зголемуваат ризикот меѓу помладите.

