Еден ден со Ангела, мајка на две деца до 3 години: „Денот ми започнува во 5h, немаме баби во Скопје“
- Детали
- петок, 13 март 2026
„Сама сум често со двете деца, сопругот не дека не сака да биде со нас, туку така изгледа борбата за егзистенција. Денот ми започнува со поголемата ќерка што ја буди помалата, хаотично барање чорапче што „исчезнало“, играчка што мора да оди со нас во градинка“, споделува Ангела Бебекоска Главчев за CRNOBELO како ѝ изгледа еден ден со две мали деца, без баби и дедовци во Скопје.

Ангела Бебекоска Главчев (29) потекнува од живописното Вевчани, а веќе 11 години живее во Тафталиџе, Скопје, од кои 7 години животот го дели со сопругот.
Парот со двете ќерки, Ева и Ива, живее во стан од 67.5m2, кој со сопругот го уредувале со многу љубов, вложувајќи внимание и душа во секој детаљ.

Aнгела е мајка на 3-годишната Ева и 8-месечната Ива и поради работните обврски на сопругот како шеф на ресторан, често е сама со нив, без помош од баби и дедовци, бидејќи тие не живеат во Скопје.
Таа плус се обидува да балансира помеѓу домашните обврски и обврските околу нејзиното фото студио.

Таа за CRNOBELO искрено доловува како ѝ изгледа денот со две мали деца:
„Не се будам од аларм. Се будам од чекори низ станот. Од мал глас што радосно шепоти „мамо“.
Ева, поголемата ќерка, има три години и е ранобудникот во нашиот дом. Во пет, најдоцна шест наутро, таа веќе е будна, полна енергија, како денот да ја чекал само неа да почне.

За неа нема „уште малку“. Денот започнал.

Ива го чувствува движењето и се буди по неа. Додека ја земам во раце, Ева веќе раскажува што сонувала, што ќе прави денес, што сака за појадок (да штом отвори очи бара да јаде).

Нашиот миленик Мини веќе шета низ станот, а јас се обидувам да станам, пред телото навистина да се разбуди.

Ева оди во градинка и утрата се вистинска мала трка со времето.

Појадок, облекување, барање чорапче што „исчезнало“, играчка што мора да оди со неа и обид сите да излеземе од дома навреме.

