Љубовната приказна на актерката Ангела Д. Митровиќ и сопругот Дејан: „Ме запроси во фото-кабина во Виена“
Како те запроси? Ти подготви ли некакво изненадување?
Морам да признаам дека запросувањето ми беше еден прекрасен момент кој воопшто не го очекував.
Ние многу често патуваме и имаме обичај во секој град, место, каде што сме, се сликаме во фото-кабина (photobooth) за да имаме сеќавање од тие моменти.
Така, оваа зима бевме на викенд во Виена за време на божиќните базари.
Дејан успеал да најде каде има таков апарат кој фотографира и развива ретро, црно-бели фотографии.
Се упативме кон фото-кабината и застанавме да чекаме ред.
Јас во ниеден момент не се посомневав дека токму во тоа место од метар квадратен ќе се случи запросувањето и дека баш мојата искрена реакција ќе биде овековечена со фотографија.
Иако сега, кога ќе размислам, не знам како не сфатив во тој момент дека нешто ми спрема, бидејќи Дејан во глобала не сака да чека ред за ништо.

Кога и каде ја направивте свадбата?
Свадбата ја направивме на 21 февруари во „КафанЧе“ во Скопје и тоа во два дела: дента, ручек со најблиските роднини, а вечерта журка со најблиските другар(к)и, за која што главен виновник беше ДЈ Славе.
Венчаницата ми ја изработи ателје „Персемпре” и сакам да ја искористам приликата да им се заблагодарам затоа што ја направија токму онака како што си ја замислував.
Свадбата помина прекрасно, имаше многу моменти што не можам да ги набројувам, ќе оставам фотографиите да зборуваат повеќе.

Кој е поромантичен - ти или сопругот? Која е најубавата романтична работа што ја направил за тебе, или ти за него?
Дејан е многу романтичен и секоја прилика ја користи да ми покаже колку ме сака, цени и почитува.
Морам да се пофалам дека имам сопруг, кој е извонреден готвач (јас го викам master chef) и ми е огромна поддршка во сè што правам.

Кој е поизбувлив, a кој попушта полесно (за да се смирите кога ќе се скарате)?
Двајцата знаеме да сме избувливи, но во зависност од ситуацијата секогаш има еден попаметен што ќе попушти.

Колкава поддршка ти е сопругот во кариерата?
Бидејќи тој е музичар, имаме потполно разбирање еден за друг.
Заедно создаваме, се инспирираме и размислуваме за идни заеднички проекти.

