Живко од Скопје е гејмер и колекционер: „Имам повеќе од 1.800 видеоигри и фигури, колекцијата чини над 60.000 евра“
Најновата колекција во нашиот дом е импресивната Lego колекција која некако тивко ни се лизна под кожа буквално. Некако се поврзавме преку Lego игрите за PS4 и минатиот март почнавме со некои помали сетови, за во тек на годината да се зголеми таа пасија.
За околу 13 месеци собравме 164 сетови и тоа буквално во тие сетови има она се што е најпрестижно од Lego во моментов во светски рамки.
Еве, на пример, имам 5-6 сета што се во топ 10 најголеми сета на сите времиња, тие се купени во Дубаи, Белград, Лондон и Милано затоа што генерално овде понудата е доста ограничена.
Само вредноста на тие неколку сета е околу 3.500 евра.

Кое ти е омиленото парче од колекцијата и зошто?
Тешко прашање... Мојот оригинален PS1 од 1999 година, Nintendo 64 во беспрекорна состојба, PS5 Pro купен на денот на пуштање во продажба, Avengers Tower Lego, PS4 Pro Spiderman Limited, Titus Space Marine Action Figure, Bowsers Castle Playset, Link 60cm action figure, Dune Atreides Ornithopter…
Жал ми е да ги двојам.

Кое е најскапото парче од колекцијата?
Веројатно ако бираме како единка тоа треба да е PlayStation 5 Pro конзолата, околу 57.000 денари.
Ако не е тајна, знаеш ли колку пари имаш вложено во колекцијата или на колку би ја проценил „од око“?
Тешко прашање, треба малку математика тука. Слободна процена некаде помеѓу 60.000 до 75.000 евра.
Дали играш и на компјутер или строго на конзоли?
Не играм на компјутер, во моментов играм само на конзоли, но ми се јавува некако носталгија за старите RTS игри од ерата на Star Craft и давам мала шанса во иднина да набавам еден.
Како изгледа да си колекционер и гејмер, а притоа и татко на четири деца? Како наоѓаш време?
Многу поедноставно од што изгледа, само треба да знаеш што ти се приоритети.
Јас на работа сум посветен исклучиво до 16 часот максимум, 4 до 5 дена неделно, после тоа мојот телефон е комплетно недостапен, никогаш не губам време на вести, серии, обложувалници и слично.
Гејмингот и колекционерството дури многу и ми помагаат во поврзаноста со децата, минуваме мнооогу време заедно, се дружиме, едуцираме.
Гејмингот има и една многу едукативна страна – еден од моите синови научи да чита англиски на 3 години, буквално сам од себе, додека друг на 5-годишна возраст прави Lego сетови наменети за постари од 18 години.
Дали децата и сопругата ја делат љубовта кон гејмингот? Дали играте заедно и кои ви се омилените игри?
Генерално да! Иако морам да признаам дека јас сум најголемиот фанатик.
Знаеме често да се собереме и да изиграме некоја забавна co-op мултиплеер игра. Најомилени ни се Mario Party на Nintendo и Sonic Racing на PlayStation.