Јованка од Богданци: „16 години се борев со стерилитет, имав 9 ин витра, денес сум мајка на близнаци“
Бев член на еден форум и таму читав и споделував искуства со сите со иста борба, а секое позитивно искуство на други луѓе таму, за нас беше нова надеж и желба да продолжиме понатаму.
После извесна пауза, јас повторно со шема и протокол се подготвував пак за ин витро - петто, иста желба и полна надеж, но, за жал, повторно неуспешно.
Ајде, пак пауза, па повторно протоколи и шеми…

Помина шесто ин витро – успех овојпат, неверојатна радост, едноставно не можам да ви опишам, но се случи обилно крвавење.
Без објаснување беше, иако ембрионите беа во ред со срцева реакција, но крварењето не престана и потврдено беше хематом од третиот ембрион, кој сè уште беше тука, а не се развил.

Ајде, помина тоа, се среди и таман помисливме дека сè е во ред, мене ми пукна воденикот многу рано при бременоста.
Од матичниот доктор бев препратена веднаш на ГАК, но со самото пукање на воденикот се знаеше дека породувањето ќе почне наскоро.
Се случи најлошото. Не би коментирала на таа тема и за искуството што никому не би го посакала.

Пауза, одмор, средување сама со себе, полна надеж продолжив - сега веќе седмо ин витро, но и тоа неуспешно.
Одиме напред веќе осмо, но, за жал, биохемиска бременост, а среќата траеше многу кратко, после позитивниот тест и бета hCG која наместо да се дуплира, таа се намали.
Во нормална бременост, бета hCG се удвојува приближно на секои 48 часа во првите недели. Ако вредностите не растат или се намалуваат, тоа може да укажува на проблем.

Деветто ин витро успешно, на среќата ѝ немаше крај, но кај мене никогаш не поминува сè лесно и без препреки.
Овој пат почна да се крати грлото на матката, но за среќа матичниот гинеколог, на кој сум му бескрајно благодарна, веднаш реагираше и повторно ме препрати на ГАК.
Таму бев примена од докторка, на која исто така цел живот ќе ѝ бидам благодарна, ме стави на оддел каде бев 24 часа под надзор, и доктор и сестри мора да кажам - одличен персонал…

Примав двапати инјекции за зреење и во 29-тата недела се породив со царски рез.
Повторно борба, ама сè што поминав вредеше, ниеден момент не помислив да се откажам, јас се борев, а се бореа и тие – моите синови.
Од оваа борба може да кажам ние сме победници. Сите тие инјекции, таблети сето тоа сега е зад нас, ќе излажам ако кажам дека се заборава, не се заборава ама вреди!“

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело