Надица од Валандово: „Син ми Лука (6) се роди со 720g, се избори лавовски, но на 16 месеци ја добивме дијагнозата - рак“
Имате ли случаи на рак во вашето семејство? Влијае ли генетика на оваа состојба?
Во нашето семејство нема историја на болести кои вклучуваат рак. Неговата дијагноза не е генетска.

Колку информации ви беа дадени од лекарите во почетокот? Дали чувствувавте дека разбирате што значи оваа дијагноза?
На само 23 години првпат се соочив со ваква дијагноза. Сè ми беше толку непознато.
Информации добивав многу малку, затоа константно истражував и се консултирав со други доктори надвор од клиниката.

Кои третмани ги примаше вашето дете?
Лекувањето на Лука започна со хемотерапија, која не ја поднесе добро.
Пред да почнеме со втората тој заврши на интензивна нега, односно состојбата му беше многу лоша и беше зависен од респиратор.
Баравме спас и благодарение на две прекрасни жени се започна акција за лекувањето да продолжи во Џенова, Италија.
Организацијата и транспортот се одиграа во 5 дена. Вечно ќе сум благодарна што Господ ги спои сите тие луѓе во толку мал временски период.

Лекувањето таму продолжи на интензивна нега со хемотерапии.
Се донесе одлука дека ќе мора да се пристапи со трансплантација. После 2 месеци бевме префрлени во Бергамо и Лука беше ставен на листа за чекање орган, за 8 дена веќе беше опериран.
Лекувањето и следењето на неговата состојба траеше уште 8 месеци, потоа се вративме дома.

Колку време траеше лекувањето и кои моменти во болницата ви беа најтешки, а кои ви останаа во сеќавање како позитивни?
Целокупното лекување траеше 13 месеци. Најтешкото нешто што ќе го паметам е кога ми се изгуби во рацете, докторите го зедоа и го поврзаа на респиратор, мислев дека е крај.
Исто така чекањето пред операционата сала 12 и пол часа додека траеше трансплантацијата.
Како позитива би ги издвоила моментот кога сопругот ни се придружи и целокупната поддршка во болницата од персоналот и асоцијацијата која нè застапуваше.

Дали имавте поддршка и од кој најмногу?
10 месеци од лекувањето го поминавме сами јас и Лука.
Сопругот беше со нас само 3 месеци и тоа многу ни значеше. Во секој случај тој ми беше најголема поддршка.
После него фамилијата и пријателите.
Поддршка од институциите или државата немавме воопшто. Транспортот во Италија, лекувањето и сè останато беше платено од италијански фонд и нивни организации.
Контролите во Италија сега си ги покриваме ние, фондот не застанува позади нас.
