Надица од Валандово: „Син ми Лука (6) се роди со 720g, се избори лавовски, но на 16 месеци ја добивме дијагнозата - рак“
- Детали
- вторник, 31 март 2026
„Симптоми воопшто немаше, освен неконтролиран плач 3 дена. Koга ја дознав дијагнозата се распарчив на милион парчиња. Пред да почнеме со втората хемотерапија, Лука заврши на интензивна нега и беше зависен од респиратор. Баравме спас и лекувањето продолжи во Италија, чекав пред сала операција од 12 часа“, вели Надица (28) од Валандово за CRNOBELO.com, а сега слави 5 години без рак со синот.

Надица (28) од Валандово е мајка на Лука (6), кој е предвремено родено детенце, кое зад себе има големи битки.
Но, една од најтешките негови борби е дијагнозата рак на црниот дроб, за која имаше и трансплантација во Италија, но е зад него и сега тој прослави 5 години без рак, временски период кој е многу значаен за онколошките пациенти.
Надица ја споделува приказната на својот мал јунак за CRNOBELO.com:
Со какви животни предизвици се соочи вашиот син некогаш, а со какви се соочува денес?
Лука од самото раѓање се соочи со најтешкиот животен предизвик, борба за сопствениот живот.
Тој е роден со 720 грама. Се избори лавовски и за 68 дена беше во нашите прегратки.
Судбината сакала по втор пат да ја покаже својата храброст и да се бори со најтешката болест во денешницава, ракот.
Денес тој е здраво, среќно момче за кое небото е граница.

Како и кога дознавте за дијагнозата на вашето дете? На колку години и кои беа првите симптоми?
Дијагнозата на Лука ја дознавме на негови 16 месеци.
Симптоми воопшто немаше, освен неконтролиран плач 3 дена. Го носевме на прегледи, но се враќавме дома без одговор. Третиот ден закажавме ехо во една приватна болница и таму нè советуваа за понатамошно постапување без притоа да ни кажат во што се сомневаат.
Од денешен аспект му благодарам на докторот затоа што бев сама со Лука и не знам како би го поднела тоа.

Која беше вашата реакција кога ја слушнавте дијагнозата? И како му соопштивте?
По советите од лекарот се спакувавме и тргнавме за Скопје. Додека возевме се консултирав за извештајот и дознав во што се сомневаат.
Во тој момент се распарчив на милион парчиња. Сакав само што побргу да стигнеме на Клиника.

Се прашував како е можно толку мало човече веќе двапати да поминува низ пекол, двапати да мора да се бори за својот живот.

Што ви кажаа докторите за хепатобластомот, односно туморот на црниот дроб?
Дијагностицирањето на клиника траеше околу дваесеттина дена.
Докторите ни кажаа дека кај Лука е зафатен голем дел од црниот дроб и ќе се направи сè што е во нивна моќ.

Најдобро би било да се постапи со „сендвич“ терапија, односно хемотерапија-операција-хемотерапија.
Подетални информации за болеста си наоѓавме сами.
