Сара Климоска за снимањето на „Senke nad Balkanom“: „Сите имаат посебна почит кон Бјелогрлиќ, интимните сцени се чиста кореографија“
- Детали
- среда, 29 април 2026
„Бјелогрлиќ побарал предлог за млада актерка и двајцата мои драги колеги ме препорачале мене. Глумев со легенди од цел Балкан и тоа што издвојуваат време за да снимаат се должи на почитта која сите ја имаат за Бјелогрлиќ. Андрија Милошевиќ има одличен хумор, меѓутоа во оваа серија има направено и тоа како сериозна улога“ - Сара Климоска за CRNOBELO.com раскажува детали за улогата во српската серија „Сенки над Балканот“.

Сара Климоска е наша маестрална театарска и филмска актерка, која за својот талент е повеќепати наградувана.
Таа е помеѓу нашите најдобри актерки, која зад себе има неколку улоги во филмовите на Милчо Манчевски, како и во регионалната хит-серија „Сенки над Балканот“, меѓу другите балкански проекти.
Сара ја имаше улогата на Јана од Македонија во втората сезона на серијата на Бјелогрлиќ, „Сенки над Балканот“, а сега во третата сезона која неодамна имаше премиера, нејзината улога станува уште подоминантна.
Поразговаравме со Сара за тоа како стигнала до овој проект, како е да се работи со едни од најголемите актери во регионот, но и кои се нејзините следни планови:
Како стигна до улога во „Senke nad Balkanom“? Беше ли тешко, како изгледаше процесот?
Јас се вклучив во таа серија уште во предходната, односно втората сезона која се снимаше пред повеќе од седум години.
Во тоа време, играв во филмот „Лена и Владимир“ заедно со Петар Мирчевски и Петар Арсовски кои играа и двајцата во серијата „Сенки над Балканот“.
Бјелогрлиќ побарал предлог за млада актерка која може да ја одигра улогата и двајцата мои драги колеги ме препорачале мене, бидејќи веројатно биле задоволни од соработката на филмот.
Многу сум им благодарна за таа препорака. Драго ми е што, ете, и во оваа сезона, повторно беше присутен мојот лик, дури овој пат и поразвиен и подоминантен.

Каде се одвиваше снимањето на новата сезона, колку време траеше, дали престојуваше подолго таму? Има ли сцени во Македонија?
За жал, во оваа сезона, па дури и во минатата, немаше сцени кои се снимаа во Македонија.
Само првата сезона била поддржана од нашата Агенција за филм, па затоа и само првата сезона имаше сцени во Македонија.
Вкупното снимање на серијата траеше околу пет месеци со прекини, а јас отидов на неколкупати и снимав по неколку дена па се враќав назад за Македонија.
Главната локација беше Јатаган маало кое е сместено во студиото кое Бјелогрлиќ го има изградено специјално за оваа серија.

Твојата глума е маестрална, а и одлично звучи твојот српски акцент. Дали претходно го учеше јазикот и нагласокот или ти доаѓаше природно?
Живеев во Белград година и пол пред Ковидот. Смешно е што во денешно време, секој период го мериме пред Ковид и после Ковид.
Кога стигнав таму, мојот српски јазик беше многу проблематичен. Дури и отворено ми беше кажано за некои аудиции дека не можам да ја добијам улогата бидејќи лошо го говорам јазикот и многу се познава мојот акцент.

Но после одредено време живеење таму, после неколку снимања, после долги разговори со кругот на пријатели кои го стекнав таму, јазикот се подобри.
Сега секогаш ме радува кога одам во Белград, а одам често, многу почесто од што одам во Охрид, кој е мојот роден град. И Белград ми стана мојот втор дом.
