Сара Климоска за снимањето на „Senke nad Balkanom“: „Сите имаат посебна почит кон Бјелогрлиќ, интимните сцени се чиста кореографија“
Како е да се работи со Драган Бјелогрлиќ?
Драган, освен што е одличен глумец, е и многу добар режисер. Има јасна визија, знае како да направи нешто кое ќе биде гледано на целиот Балкан.
И тоа што е актер само го зголемува квалитетот на режијата во работата со актерите. Пријатен е и како човек и нема никаква мистификација во работата.

Какво е чувството да се биде дел од екипата заедно со најпознатите српски актери?
Не се само српски актери, него од целиот Балкан. Во оваа серија нема ниеден актер, кој се појавува макар еднаш, кој не е одличен актер со многу кредити на неговата ИМДБ страница.
И таа заслуга за сите тие „легенди“ да издвојат време и да дојдат да снимаат, се должи на Бјелогрлиќ. Сите имаат посебна почит кон него.
Одлично е да се игра и да се споделува искуство со сите до еден од нив. Чест ми е што ја имам таа привилегија.

Каков е Андрија Кузмановиќ? Како изгледаше снимањето на љубовните (интимни) сцени, тешки ли се за снимање или беше едноставно заради професионалноста?
Не може да биде тешко да се снима љубовна сцена со Андрија, кој е сјаен колега и кој во секој момент пристапува со апсолутна почит.
Тие сцени и обично се чиста кореографија. Се местиш, ги снимаш и одиш понатаму, нема филозофија.
Таа конкретна сцена ја режираше Маша Нешковиќ, која веќе има работено како координатор за интимни сцени, така што сè одеше глатко.

Дали се дружевте приватно со актерите од екипата? Како беше македонската екипа прифатена?
Со дел од актерите и веќе приватно се знам и пред снимањето, така што не можам да зборувам дека сум прифатена како „странец“ во екипата.
А и никој таму не е странец, сепак е ова балканско тло и сите сме колеги, од иста професија, кои делиме слични интереси.

Вистина ли е дека не може да не се смееш со Андрија Милошевиќ?
Чудно ми е да го прочитам ова прашање кога баш пред неколку денови, гледајќи ја серијата, го изјавив тоа во приватна атмосфера за првпат во животот. Како да сте ми ставиле камера во соба.
Андрија има одличен хумор, меѓутоа во оваа серија има направено и тоа како сериозна улога.
И не само во оваа, него и во доста други филмови како и театарски претстави. Имав една сцена со него во целата серија и супер си поминав.

Дали овој проект ти отвори некои нови врати? Што може да очекуваме следно од тебе на професионален план?
Во овој момент додека го пишувам ова интервју, во авион сум и се враќам од Хрватска од снимање на серија.
Во подготовка сум на мојот втор краток филм, „Врзани“ и имам уште неколку проекти кои се тука на Балканот. Ќе дознаете нешто повеќе кога ќе постирам некоја слика на Инстаграм.

Се разбира, тука е и театарот. Во моментов сум во подготовка на претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски која имаше премиера на 21-ви април.
Исто така, ја користам приликата да ја повикам публиката да ги гледа и активните претстави во кои играм „Ова е само крајот на светот“, „Ифигенија за ништо“ и „Мојот маж“ во Драмски театар – Скопје.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело