Виктор, внукот на Зоки Фаци: „До последниот ден се шегуваше дека ѕвезда како него мајка еднаш раѓа“
Кога првпат ти стана свесен колку е тој популарен, што работи, со кого се дружи? Те носеше ли со себе на снимања, настани?
Првпат навистина станав свесен колку е популарен кога бев почнавме почесто да излегуваме заедно.
За мене, тоа што го гледав дома беше едно, а надвор сосема друго - реакцијата од луѓето, препознавањето, гужвите… тогаш сфаќаш дека не е обичен човек за јавноста, туку некој што сите го знаат.
Да, ме носеше со себе и на снимања и на настани, тоа ми беше многу интересно, затоа што одблиску гледав како функционира сè, луѓето со кои работи, енергијата зад камерите, целата таа динамика.
Со тек на време тоа за мене стана нормално, затоа што растев во таков амбиент и едноставно стана дел од секојдневието.
И генерално, секогаш сум бил позади камерите на шоу-бизнисот и точно знам како функционира целиот тој систем, одвнатре, не од страна.
Па, со време почнуваш да разбираш и што навистина сака публиката и како дише целиот тој свет.
Зочко генерално се дружеше со луѓе од естрадата, од медиумите и од креативната сцена, луѓе со кои имаше заедничка енергија и работа, беше човек што лесно воспоставува контакт, па околу него секогаш имаше различни луѓе од тој свет.

Излегувавте ли заедно? Како изгледаше кога ќе седневте некаде со Зоки во град? Како реагираше ти на вниманието што го добиваше тој?
Уште од мал растев со Зочко и практично бев постојано со него.
Во времето на А1, кога со Хелена Роза ги водеа најпопуларните забавни емисии, тој веќе беше многу препознатлив и големо име, а за мене тоа беше нешто нормално, затоа што го гледав одблиску и растев во таа динамика.
Со тек на времето, вниманието околу него стана дел од моето секојдневие, уште како дете се навикнав на тоа.
Каде и да одевме луѓето го препознаваа, го поздравуваа, му приоѓаа, за мене тоа не беше ништо ново, затоа што таков му беше животот уште тогаш.
Подоцна, кога јас пораснав, бевме уште поблиски, буквално постојано заедно, и тогаш дојде „Без лимит“, кој за него беше како втора слава.
Тој проект му донесе нов бран на внимание, но и нешто поважно - многу луѓе конечно го запознаа во вистинско светло.
Тие што го знаеја уште повеќе го засакаа, а тие што не го знаеја, конечно сфатија каков човек навистина е.

А која е најголемата лекција што ја научи од него?
Најголемата работа што сум ја научил од него е да не се замарам со туѓи муабети и што зборуваат луѓето.
Тој секогаш знаеше да каже „Народот сè ќе ти прости, ама успехот никогаш, затоа глеј си го твојот пат“.
И тоа ми остана. Секогаш ќе има фрустрирани, секогаш ќе има луѓе што зборуваат, ама тоа не те носи никаде.
На крај, најјако „враќаш“ со работа и со тоа што ќе постигнеш, не со зборови.

Раскажи ми за последната средба со Зоки, последните разговори, кога тој веќе знаеше дека нема да ја победи болеста.... Каков беше Зоки во тие последни моменти?
Зоки до последен момент имаше надеж, таква му беше енергијата никогаш не се предаваше, дури ни кога ситуацијата беше тешка.
И во тие последни разговори се чувствуваше таа негова сила и верба дека ќе помине и ова, како што поминал и многу работи дотогаш.
Последните зборови што ми останаа се дека е многу болен, но дека верува дека и ова ќе помине, и во исто време, на свој начин, со шега и негов стил, знаеше да каже дека „ако нешто се случи, ваква рич-бич ѕвезда еднаш мајка раѓа“.
Тоа беше Зочко, до крај со свој став, со хумор и со таа негова специфична енергија што не се гасеше ни во најтешките моменти. Неговите зборови и неговиот дух вечно ќе живеат.
Со него имавме и многу заеднички работи - делиме ист имиџ, многу работи од него сме наследиле и искрено ми е драго што ги носиме со нас: сакавме гардероба, сакавме да шетаме, и јас често му правев фотки и видеа.
Буквално само јас можев да му ги погодам како што треба од прва.
Дури знаеше и да ми се јави кога беше излезен со друштво и да ми каже „Дојди направи ми фотка, овие клошариве не ги бива за ништо“ таков беше директен, свој и со свој стил до крај.
Последната фотографија, направена една недела пред смртта на Зоки
Ви остави ли тој некаков аманет тебе и на брат ти?
Искрено, не во форма на класичен аманет со конкретни зборови или инструкции, туку повеќе како начин на размислување и животен став што ни го пренесе.
Нè учеше со пример да бидеме свои, да не се плашиме да одиме по свој пат и да не се замараме со туѓи мислења, да работиме, да се бориме и сè што ќе правиме да го правиме со целосна енергија, не половично,.
Тоа што ни го остави не е една реченица, туку цела филозофија како се живее, како се носи карактер и како се оди напред без разлика на околностите и предизвиците.
И тоа е нешто што и јас и брат ми се обидуваме да го носиме секој ден.

Дарко Митровиќ
Ти си коосновач на музичката издавачка куќа Aura Dominion Records. Мислиш ли дека Зоки би се гордеел со тебе и ова што го постигнуваш?
Верувам дека би бил горд, пред сè поради тоа што сум посветен и што градам нешто свое со јасна визија.
Од него научив дека најважни се континуитетот, трудот и тоа да останеш доследен на себе.
Имавме слична естетика и сензибилитет, знаевме да препознаеме што функционира и како да креираме содржина што остава впечаток.
Денес јас сум повеќе насочен кон музиката, но кога станува збор за „контент“ и јавна работа, пристапот е многу сличен - преку имиџот, начинот на претставување и енергијата што ја вложуваш се гради препознатливост.
А со трудот и посветеноста што ги вложувам, верувам дека следува нешто многу добро.

Што мислиш, што би ви кажал денес Зоки на тебе и на брат ти да беше жив?
Мислам дека прво би ни рекол да не застануваме и да не се задоволуваме со просек.
Зоки секогаш туркаше напред и не прифаќаше половични работи.
Би ни кажал да си го тераме нашиот пат, да не се замараме со туѓи мислења и да вложуваме максимална енергија во тоа што го правиме.
Исто така, сигурно би нè потсетил да останеме свои и доследни на тоа што сме.
Во суштина, мислам дека неговата порака би била едноставна: „Работи, верувај и не отстапувај“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива
