Интервју со Горан Тонев, гитаристот од ДНК: „Благодарен сум на Бога – откако отворив очи тоа ми е главна емоција“
- Детали
- понеделник, 11 мај 2026
„Ми следат уште интервенции и третмани, како за изгорениците, така и за дишните патишта, но се надевам на најдоброто. Имам само убави спомени со ДНК, но ќе ги задржам за себе. За музичката кариера, од сега мојот фокус би бил само на создавање авторска музика“ - вели зa CRNOBELO.com младиот музичар Горан Тонев (25).

Горан Тонев е 25-годишен музичар од Штип, кој долг период настапуваше како гитарист заедно со бендот ДНК.
Тој беше присутен на сцената на кобната вечер на 16-ти март кога се случи трагедијата во Кочани, а по едномесечен престој во болница во Скопје, беше префрлен на лекување во Солун.
Младиот музичар сега, по повеќе од една година од трагедијата, реши повторно да се врати на музичката кариера и неодамна ја објави својата најнова песна, која била снимена неколку дена пред сè да се промени.
Со Горан поразговаравме за неговата кариера, за процесот на закрепнување и за идните планови, а за CRNOBELO тој открива:
Се враќаш на музичката сцена со нова песна, колку ти беше тешко да ја објавиш, какви емоции и мисли те совладуваа целиот период?
Финалната верзија од песната прв пат ја слушнав во болницата во Солун, ја работевме со познатиот музичар и продуцент Јордан Манов, неколку недели пред несреќата...
Не би посакал никој да се почувствува како јас во тие моменти.

Колку музиката ти беше лек, дали тоа те натера да се вратиш на музичката сцена?
Не би можел да се замислам без музиката, целото мое внимание отсекогаш било насочено само кон тоа, со нетрпение чекам и работам за да се вратам на настапите во живо.
Од кога се занимаваш со музика?
Се случи многу природно, секојдневно бев опкружен со музика, бидејќи мојот татко е музичар.
Гледајќи го него како свири и настапува со неговиот бенд, јас на 6-годишна возраст изразив желба да свирам на гитара.
Првите лекции ги добив од него, а по некоја година почнав и на нижо музичко училиште, средно исто така и дипломирав како музичар изведувач, а својот прв настап со бенд ми беше на мои 13 години.

Што повеќе сакаш – свирењето или пеењето?
Тоа е тешко да се одлучи, но ако би морал да одберам тоа би било свирење гитара.
Дали целосно закрепна од повредите, колку време е потребно за тоа?
За целосно закрепнување навистина треба многу време, рехабилитацијата на ваков тип на повреди трае неколку години, ми следат уште интервенции и третмани, како за изгорениците, така и за дишните патишта, но се надевам на најдоброто.
Колку беше тешко закрепнувањето, како се одвиваше? Кој ти беше најголема поддршка?
Најголема поддршка и мотивација ми беше моето семејство, како што знаете бев 2 месеци во болница и ден денес сè уште имам третмани од физикална терапија, ласери и правам редовни контроли.
