Интервју со Горан Тонев, гитаристот од ДНК: „Благодарен сум на Бога – откако отворив очи тоа ми е главна емоција“
Имаш спомнато дека персоналот во Солун те гледал како дете, а не како пациент. Како одржувате контакт, раскажи ни нешто околу тоа.
Ние ја преминавме границата на пациент и доктор, како што на мене ми беше пружена максимална нега, воедно и многу голема поддршка на моето семејство кое беше деноноќно со мене.
Ние сме постојано во контакт, тие го следат моето закрепнување, при секоја моја посета на Солун не можам, а да не ги посетам.
Сакам да напоменам дека по враќањето од Солун добив голема нега од страна на нашите здравствена работници, а посебно од д-р Катерина Паниќ, ја користам оваа прилика да се заблагодарам и на докторката Наталија Георгиевска, како и многу други.
А, како се чувствуваш сега, една година по трагедијата? Како се справуваш со емотивниот товар, како ја поднесе целата ситуација, што ти беше најтешко?
Најтешко ми паѓа загубата на моите колеги, блиски пријатели и сите млади луѓе кои го загубија животот таа ноќ.
Благодарен сум на Бога што ја имам оваа шанса и тоа е главната емоцијата што ја чувствувам од првиот момент кога ги отворив очите.
Би ни споделил ли и некои убави сеќавања со колегите од ДНК?
Имам само убави спомени со нив ќе ги задржам за себе, ќе ги паметам само по добро, сепак ДНК беше најбараниот бенд на овие простори и многу голем дел од времето го поминуваме заедно, тоа беа убави моменти кои ќе ми недостигаат.

Дали си подготвен да се вратиш на настапи во ноќни локали?
Настапите во живо бараат многу голема енергија и голема физичка спремност која јас досега ја немав, но, работам на тоа и се надевам дека за многу брзо време ќе се вратам на стариот начин на живот.

Какви ти се сега плановите поврзани со музичката кариера?
Бидејки изминатите неколку години бев многу посветен на студиите за класична гитара и успеав да дипломирам на факултетот за музичка уметност, како што знаете бев и гитарист на групата ДНК, од сега мојот фокус би бил само на создавање на авторска музика.
„Да си со мене“ е мојата трета песна после „Не можеш без мене“ и макфестовската „Моја и твој“.
Во летниот период што следи ќе работам на друга песна која засега е само демо и е во процес на компонирање.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело