Гаро Тавитјан за Андреј ДНК, другарот од училишните клупи: „Беше омилен во нашиот клас, нè собираше секоја година да се дружиме“
- Детали
- понеделник, 16 март 2026
„Андреј беше човек на кој можеш секогаш да се потпреш, пријател кој би направил сè за својот пријател во секое време од денот и ноќта со неговата безрезервна поддршка“, вели Гаро Тавитјан, кој со Андреј ДНК седеше во иста клупа, за CRNOBELO.com.

Малкумина знаат дека Гаро Тавитјан и Андреја Ѓорѓиески од ДНК се другари од училишните клупи во средното музичко училиште.
Се запознале во 1995-та година, кога Андреј бил на почетоците на кариерата и водител на емисија која се снимала на базенот „Плаја виста“ во Скопје.
За кратко време сфатиле дека ги поврзуваат многу работи и имаат заеднички ставови, взаемно се дополнувале, разменувале мислења...
Од Гаро, Андреј дознал многу за уметноста и џез музиката, а Андреј пак, го запознал Гаро со авангардниот хип-хоп.
За CRNOBELO.com Гаро вели дека нивното дружење се темелело на почит, љубов, истражување и откривање предизвици во животот:
„Тој беше човек на кој можеш секогаш да се потпреш, беше пријател кој би направил сè за својот пријател во секое време од денот и ноќта со неговата безрезервна поддршка.
Беше омилен пријател во средното музичко во нашиот клас, имаше огромна поддршка од сите соученици. Тој нè собираше секоја година после матура, целиот клас за да се дружиме, некогаш и по неколкупати годишно. Искрен човек, со искрено срце“, ни кажа Гаро.

Ни откри и дека двајцата многу сакале да читаат и често зборувале на длабоки филозофски теми како и на теми во кинематографија и во областа на науката.
„За некои луѓе зборовите се малку бидејќи речникот не содржи толку емотивни зборови и длабоки значенија колку што содржат внатрешните чувства и капките солзи кои кријат повеќе вистина од секоја искажана реченица.
Како ли би ги опишал неговите таленти, необјасниви дела, суштински подвизи и привилегијата да се дели соживот со Андреј?
Кој може да ја долови уметноста и динамиката на нотите кои излегуваа од чистото срце и неговото срцебиење исполнето со љубов и многу живот?
Како да се објасни ненаметливиот најхрабар борец чии главен двигател беа скромноста и топлината исполнета со длабока душа колку океан?
Кој е вреден да ја оцени животната приказна на еден човек кој чекореше на земјата со спремност да помогне секому, кој даваше неизмерна љубов кон луѓето , кој даваше од срце некомпромисно пријателство, животна пожртвуваност и столб на многумина околу себе?
