Д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар за сезонските алергии: „Кортикостероидните спрејови се безбедни, изложеност на полен не може да се избегне“
- Детали
- среда, 13 мај 2026
„Симптоми кои ќе се појават и се знак за одење на лекар се тешкотии во дишењето, брзо заморување, неможност за да се каже една реченица без кашлица. Најчести грешки на родителите се прерано прекинување на терапија или доцна почнување, за да се намали употребата на назалните кортикостеродини спрејови“ - Д-р Драгана Емел Маркоска за CRNOBELO разјаснува дилеми за сезонски алергии кај деца.

Д-р Драгана Емел Маркоска како педијатар работи речиси 10 години, а како лекар повеќе од 15 години.
Во сезоната на пролетни алергии, кога многу деца мака мачат, а родителите имаат безброј прашања, за CRNOBELO.com д-р Маркоска разјаснува некои дилеми.
Кои се симптомите, кога треба да се посети лекар, каква терапија се употребува и кои се грешките што родителите често ги прават...
Во продолжение целото интервју со д-р Драгана Емел Маркоска за сезонски алергии кај деца:
Кои сезонски алергии се најчести кај нас, во кој период се јавуваат и колку траат?
Најчести се пролетните сезонски алергии, се јавуваат во рана пролет, кога се забележува зголемено количество на полен во воздухот.

Кои се симптомите на сезонска алергија на полен и како да се прави разлика помеѓу симптоми на алергија и настинка?
Почетокот на овие симптоми е многу сличен, да не кажеме дека е ист.
На почетокот и двете состојби се со чешање на очите, течење на бистар секрет од носот, кашлица и лесен умор.
Но, најчесто за ден два тие добиваат различен тек и прогресија на состојбата.

Кои симптоми се „нормални“, а кои се аларм за посета на лекар и посериозно третирање?
Симптоми кои ќе се појават и се знак за одење на лекар се тешкотии во дишењето, брзо заморување, неможност за да се каже една реченица без кашлица. Тогаш не е лошо да се јавите кај матичниот лекар.
Како да препознаеме алергиска кашлица наспроти вирусна? Може ли да се предизвика ларингитис на алергиска база?
Ларингитичната кашлица се јавува најчесто од вирусна етиологија, но може и од алергија да биде. Честата сува надразнителна кашлица најчесто е од алергиска природа. Но многу е тешко врз основа на звукот од кашлицата да се распознае дали станува збор за алергија или вирус.

Како се утврдува алергија? Од кога најрано може да се прават алерго-тестови кај деца?
Алерготестовите најчесто се прават после третата година од животот. Но доколку станува збор за тежок степен на алергија со респираторни потешкотии, тие може да се прават и од најрана возраст.
Имаме повеќе типови на алерготестови и кој вид на тестирање ќе се примени зависи од возраста и состојбата на детето.

Дали се дава алергиска терапија и пред да се направат алерго-тестови за олеснување на симптомите?
Да, се дава во одредени ситуации бидејќи не секогаш се прават иследувања веднаш.
