Д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар за сезонските алергии: „Кортикостероидните спрејови се безбедни, изложеност на полен не може да се избегне“
Каква терапија се дава за алергии кај деца? Која е разликата помеѓу сирупите и назалните спрејови?
Може да се каже дека се дава комбинирана терапија која ги олеснува симптомите. Терапијата е симбиоза од назални спрејови и антихистаминските сирупи.
Има два типа на спрејови - едните се за олеснување на моменталните симптоми, додека другите се за намалување на времетраењето и појавата на симптомите.

Дали терапија се дава во текот на целиот период додека траат сезонските алергии или треба да се прават прекини соодветно симптомите?
Тоа зависи од типот на алергиската манифестација и каква е нејзината тежина на појавување.
Што треба да се прави доколку во текот на ноќта детето има силна и зачестена кашлица, па дури и неможност да земе воздух преку уста?
Прво треба да се исклучи постоење на ларингеална кашлица, за која најчесто им објаснуваме на родителите што треба да направат.
А потоа ако утврдиме дека не е ларингеална кашлицата, прво се чисти носот, па се става деконгестив во носот и ако е потребно и инхалаторна терапија.

Кога се препорачуваат кортикостероидни спрејови, колку долго смеат да се користат и дали имаат долгорочни последици?
Кортикостероидните спрејови се употребуваат во зависност од состојбата. Времетраењето на користењето на спрејовите зависи од јачината на симптомите.
Должината на употребата варира од неколку месеци понекогаш и во текот на целата година.
Тоа што е важно е дека нивната долгорочна употреба е сосема безбедна и може да се употребува и подолг временски период.
Како да се намали изложеноста на полен? Дали треба да се избегнува надворешна средина, што се коси со она дека треба повеќе време да поминуваат децата надвор?
Изложеноста на полен не може да се избегне. Избегнување на престој на отворено се препорачува само кај екстремно тешки форми на алергии.
Додека за другите се употребуваат спрејови кои ги блокираат продирањата на полените и така се намалува појавата на симптомите.

Дали постојат природни или алтернативни начини за олеснување на симптомите?
Во алтернативни начини спаѓаат назалните спрејови за измивање на носот кои се на природна база.
Кои се најчестите грешки што ги прават родителите поврзано со сезонски алергии?
Најчестите грешки се во прерано прекинување или предоцна започнување на терапијата со цел да се намали употребата на назалните кортикостеродини спрјови и да се избегнат за нив постоечките несакани дејства.
Што задолжително да имаме дома за брза реакција?
Зависно од типот на реакцијата, но секој треба да има сируп за алергија, ампули за инхалација, и ако станува збор за тежок облик на алергија и епипен.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело / фото: depositphotos.com
