Боро Мирчески: „Син ми до 3 и пол години не кажа ниту еден збор, по многу работа, на првото ‘мама’ - плачевме“
Кога се случи пресврт?
Пресвртот во состојбата на Марко се случи по нашето враќање во Македонија, кога почнавме да посетуваме редовни сесии во Центарот за стимулација на ран детски развој – Тимот А, на кои сме им неизмерно благодарни за севкупниот професионализам и ангажман во подобрувањето на развојот на нашето дете.
Неизмерно сме благодарни и на другарчињата на Марко од градинка и на учителките Еми и Бети, кои се нашите хероини од градинката „13 ноември“ без чија поддршка Марче немаше да биде тоа што е денес – прваче!
Кои мали победи никогаш нема да ги заборавите? Какво беше чувството кога првпат кажа „мамо“ или „тато“?
Најголемиот излив на емоции се случи кога по шест месеци редовно посетување на Центарот, Марко гласно кажа „Мама“.
Ноќ во солзи, треперење, неверувања дека сепак чуда постојат и истовремено, чувство на благодарност, прво на самите себе како семејство, на нашето трпение, ангажман, благодарност до целата околина која секогаш ни беше ветер во грб и мотиватор дека сè ќе биде добро еден ден.
И дојде денот. А со тоа и солзите, но овој пат од среќа. За многу кратко време потоа, Марко доби огромен фонд на зборови.

Кој сè работеше со Марко? Како изгледаше процесот?
Со Марко, веќе трета година работи тим од логопед, дефектолог и специјален едукатор.
Првата проценка беше дека има застој во развојот во бројни сегменти.

Последната проценка е евидентна... Сега, Марко се запиша, заедно со другарчињата од генерацијата, редовно во прво одделение.
Долг процес на континуирана работа и посветеност, но крајот сепак го краси делото.
Тука не запираме да работиме. Имаме уште бројни предизвици кои треба да се надминат, но сега барем веруваме дека можеби одгледуваме и следен научник.

Живееме живот technology free (без технологија) и целата игра на нашите деца е креативна, едукативна и насочена кон развој на нивната имагинација.
И нема ништо чудно, ниту страшно, што немаме Сони Плејстејшн 5, како некои нивни другарчиња.
За нас како семејство, промената на навиките значеше и подобрување на неговиот развој.
Денес Марко ужива да зборува, да пее, да се смее и да се дружи со другарчињата. Има изобилие на љубов кон сите од неговата околина и ужива во детството.

Што научивте како родители од ова искуство?
Никогаш не ги земајте работите „здраво, за готово“. Бидете храбри, истрајни и посветени. Работете на себе, на семејството.
Менаџирајте ги вашите емоции иако тоа е најтешкиот процес кај семејствата кои се соочуваат со иста или слична ситуација во развојот на нивното дете.
Ако изложеноста на екрани е главниот проблем, тогаш нема никаков проблем, извадете го телевизорот од домот и складирајте го во подрум, телефонот ставете го во фиока, не дремете со телефон во рака на социјални мрежи додека детето само си игра.
Бидете активни чинители во играта на децата и пружете им го вниманието кое го заслужуваат и очекуваат од вас.
