Елена од Битола: „На сакото од баба ми, старо 37 години, му дадов нов живот со брошеви - омилено ми е“
- Детали
- среда, 27 мај 2026
„Баба ми го носеше ова сако на свадбата на вујко ми, далечната 1989 година, кога јас имав 4 години, ете сум до неа на фотографијата. Сега, инспирирана од актуелниот тренд на брош - сакоата, му направив редизајн и ми стана новото омилено модно парче“, вели Елена Димовска од Битола, која вели дека највредните нешта не се купуваат, туку се наследуваат.

Елена Димовска од Битола е девојка која знае на старите парчиња облека да им даде нов живот.
Таа стои зад Инстаграм профилот „LovemadebyElena“, а за CRNOBELO.com ја споделува емотивната приказна за омиленото сако од баба ѝ, на кое му дала нов живот и сега ѝ е омилено модно парче.
Елена вели дека оваа трансформација ја потсетила дека највредните нешта не се купуваат, туку се наследуваат.

Елена за CRNOBELO.com споделува:
„Во еден стар плакар меѓу заборавените долги фустани, мирисот на лаванда, пожолтените фотографии и мирисот на детство, висеше едно тегет сако со бели пруги.

За мене тоа не беше само обично сако, во него беше вткаена една семејна приказна, еден настан од пред точно 37 години и една жена чија елеганција и ден денес живее.

Баба ми го носеше тоа сако на свадбата на вујко ми, далечната 1989 година. Време кога веселбите траeja до зори, автентични и спонтани, а фотографиите се правеa внимателно, со ограничен број на кадри, и со секогаш присутен „страв“ од осветлување на филмот.

На тие слики баба ми стои гордо и исправено, со мирен поглед и достоинствена насмевка. Тука е и дедо ми, јас - четиригодишно дете, брат ми – едвај двегодишен, вујна ми, вујко ми, татко ми, само мајка ми, по грешка на фотографот, останала надвор од кадарот.

Пред некое време, при едно враќање во Битола, баба ми повторно го извади сакото од стариот плакар и ме праша дали ми „фаќа око“ за некаква комбинација.
Во истиот момент знаев дека тоа парче заслужува нов живот, ја погледнав и ѝ реков дека веќе имам замисла што со него.

Ткаенината ја носеше тежината на времето, но истовремено и безвременската убавина на белите пруги врз тегет основа.
Секоја пруга гласно зборуваше за моментите кои се врежани во мојата глава како најдрагите спомени од моето детство кога сите бевме заедно и на број.

Наместо да го менувам целосно, решив да ја задржам неговата суштина и да му дадам нов современ израз.
Инспирирана од актуелниот тренд на брош – сакоата започнав со внимателен процес на редизајн.
Избрав брошеви со различна симболика и емоција - секој поставен со јасна намера во прецизно осмислена композиција.

