Кристина од Скопје за животот и студиите во Рим: „Тука студентите се поопуштени – нормално е некој да задоцни на предавање“
Што ти беше најголемиот предизвик кога се пресели во Италија?
Најголемиот предизвик за мене беше адаптацијата на целосно нов начин на живот и фактот што за првпат живеев сама, далеку од дома.
Освен обврските за факултет, требаше сама да се справувам со секојдневни работи, организација и административни процедури, што понекогаш знаеше да биде стресно.
Исто така, на почетокот ми требаше време да се навикнам на новата средина, јазикот и различниот начин на функционирање, но мислам дека токму тие предизвици најмногу ме изградија како личност.
Кои се најголемите разлики во секојдневието? Дали Италијанците се разликуваат многу во однос на менталитет?
Искрено, мислам дека Македонците и Италијанците имаат доста сличен менталитет, и кај нас и кај нив дружењето и поминувањето време со блиските се важен дел од секојдневието.
Но, интересно ми беше што во Италија утринското кафе најчесто го пијат брзо, стоејќи во бар, со кроасан, додека кај нас кафето повеќе е долг ритуал и седење со часови.
Од друга страна, Италијанците тоа чувство на уживање и дружење повеќе го имаат преку aperitivo после работа или факултет.
Ми се допадна што дури и во обични секојдневни моменти знаат навистина да уживаат и да не брзаат постојано.
Што најмногу ти се допаѓа за животот во Италија, а што ти недостасува од Македонија?
Најмногу ми се допаѓа тоа што во Италија секој ден има некаква динамика и инспирација — од архитектурата и уметноста, до самата атмосфера и начин на живот.
Животот во Рим ме натера многу повеќе да излегувам од зоната на комфор, да бидам посамостојна и да запознаам луѓе од различни култури.
Од Македонија најмногу ми недостасува спонтаноста што ја имам тука со моите блиски луѓе. Во странство сè мора повеќе да се планира, а дома некако сè е полесно, поприродно и поопуштено.
Какви ти се плановите за во иднина? Дали планираш да се вратиш во Италија?
Моментално сум фокусирана на мојот понатамошен професионален и личен развој, особено во областа на бизнисот и моделингот.
Би сакала да продолжам да стекнувам меѓународно искуство, да работам на различни проекти и да се развивам во повеќе различни средини.
Италија секогаш ќе има посебно место за мене и дефинитивно би сакала повторно да живеам таму во одреден период од животот, но засега сум отворена за различни можности и не сакам да се ограничувам само на едно место.