Кирил Ангелов, од жртва на педофил до успешен автор: „Сакам да помогнам барем на едно дете или личност, злоупотребена во детството“
А „Исаак“ и „Касиа“? Како дојде да ги издадеш и напишеш тие дела? Дали исто обработуваат тешки животни теми?
Трилогијата за Исаак ми беше делумно напишана и осмислена од средношколските денови, значи измеѓу 2000 и 2004 година. Тогаш (па и сега) голема утеха наоѓав во творештвото и книжевноста. Па затоа, да избегам од сѐ, или учев странски јазици или пишував – и токму во оние најтешки денови кога живеевме без струја, на свеќа, на дневна светлина; затоа зафаќаат толку голем дел од мене, затоа ми значат толку многу.
Во фиока имам над десет необјавени ракописи меѓу кои беше / е оваа трилогија.
Да, и овие дела иако по својата жанровска класификација спаѓаат во авантура и трилер, сепак обработуваат и тешки животни теми и приказни.
На главниот лик му имам дадено свои искуства, за барем малку да се ослободам од нив како млад човек, за Исаак да ми помогне со товарот. И тоа ми успеваше тогаш, а и сега.
Овие дела решив да ги издадам за да ја раширам приказната за Исаак, а воедно и да подигнам свест за големите животни проблеми, а и да му исполнам желба на средношколецот Кирил.

Дали добиваш поддршка од јавноста? Од своите колеги писатели? Од сите поддржувачи и читатели?
Многу сум благодарен за тоа.
Не знаев како да реагирам кога ми пишуваа луѓе после објавувањето на Безсловен. Ми пишуваа и сѐ уште ми пишуваат многу луѓе од цела држава за да ја искажат нивната поддршка и љубов.
Ми пишуваат и жртви на педофили, личности кои успешно го победиле ракот, па и луѓе кои изгубиле некој поради таа болест. Премногу приказни има. Премногу луѓе допрени од сите тие темнини.
Многу сум благодарен и на вас CRNOBELO.com што ми дадовте простор да ја раскажам мојата животна приказна, како и на издавачката куќа Сакам Книги и драгите Ивана, Деана, Светле, и целиот тим. Има многу љубов таму.
Голема поддршка секако дека имам и од своите колеги писатели, од сите читатели, книжевни групи, поддржувачи, букстаграмери, од сите.
Се трудиме сите да се поддржуваме и да бидеме тука едни за други – бидејќи навистина тоа е целта на сето ова, на овој наш мал книжевен свет во оваа наша мала држава. Да се променат животи преку љубов, добрина, разбирање.
Но, најважно, е да се има сопствен круг на луѓе кој ќе е тука за тебе до крајот на животот. Бидејќи на крајот, тоа е она кое останува. Кое значи љубов. Кое ќе остане и после нас.

Дали се имаш соочено со некои невкусни моменти после твојата првична исповед, па и после издавањето на „Безсловен“?
Да, но не би сакал да навлегувам во тоа бидејќи се малку и се незначајни. Бидејќи колку моќ и даваме на негативноста, таа само повеќе расте. Сенека вели: секоја суровост произлегува од чувството на немоќ.
Луѓето сакаат сензационализам, сакаат да навредуваат, сакаат да бидат сурови и злобни, за да се задоволат себеси.
А нема потреба од тоа. Бидејќи годините одминуваат многу брзо.
Ние сме многу кратко на овој свет. Не вреди животот да се помине во злоба, а камоли да се земат на срце злобни и сурови коментари.
Кирил, кои се твоите следни планови?
Уште поголемо подигнување на свеста за менталното и физичкото злоупотребување во и надвор од семејниот круг, сексуалното злоупотребување на децата, врсничкото насилство, раната детекција на канцер.
Заедно со мојата пријателка Александра која е воедно админ на една книжевна група, планираме уште неколку пешачења со кои ќе ја вклучиме и јавноста, односно сите заинтересирани кои ќе сакаат да пешачат со нас.
Не собираме финансиски средства, не земаме ништо за нас, едноставно сакаме да дадеме сѐ што имаме, да се слушне гласот на сите жртви кои биле сексуално злоупотребени, кои претрпеле врсничко и семејно насилство, кои се излечиле од траумите. Сакаме да помогнеме.
Сакаме да се направи нешто за сите нив од оваа држава. А ако не, тука сме ние. И заедно, со љубов и пријателство ќе можеме да промениме нешто. Веруваме дека ќе е така.

Каде можат да те најдат твоите читатели следно? Па и оние кои би сакале само да те запознаат и сретнат?
Секој може да ме контактира на моите социјални медиуми. Како што и досега правеа. Се обидувам со сите да поразговарам, посебно кога станува збор за темите за кои и пишувам.
А на 05 јуни 2026 година ќе имаме целодневно дружење (поточно од 11.00 до 18.00 часот) и неофицијална промоција на Касиа во книжарницата на Сакам Книги во Центар, Скопје.
Ќе зборуваме за идните подвизи и подигнувањето на свест, за приказните што веќе се објавени, за светот на Безсловен, за Исаак и неговите авантури, за продолжението Касиа.
Ќе зборуваме и за патот на еден автор, за идеите што созреваат тивко и за делата што сè уште нè чекаат, оние заклучените во фиока, подготвени еден ден да излезат пред читателите. Ќе биде ден за интересни разговори, размена на идеи, книжевна близина и многу љубов кон домашната литература. А можеби, само малку, ќе наѕреме и во она што следува.
Поканети сте сите.

Кога можеме да го очекуваме продолжението на Безсловен?
Се надевам некоја топла и убава пролет, кога сѐ почнува одново.
Каква порака ќе испратиш до нашите читатели и сите оние кои поминуваат низ исти или слични тешки патешествија и трауми?
Најважно е да си ги признаете сите тие болки и да прифатите дека не сте биле виновни за ништо. Жално е кога жртвата се обвинува, а тешко е кога и окружувањето ја обвинува. И ако сте подготвени, зборувајте и работете на себеси. Не сте сами. Никој не е сам.
На оваа земја сме да си помагаме, а не да се туркаме надоле. Оние кои имаат приказни и кои сакаат да ги раскажат односно кои можат и имаат решителност, нека го направат тоа.
Дали преку интервју, дали преки книга, дали преку поткаст, нека раскажат. А јас ќе бидам првиот што ќе застанам да ги поддржам и секогаш ќе го подигнувам гласот за менталното и физичкото здравје.
Не сме тука да се сожалуваме, да си одмагаме, да се исмеваме, да судиме, да навредуваме, но тука сме да се подигнуваме и искачуваме нагоре, заедно, обединети преку пријателство и љубов, над болките и траумите. Бидејќи пак ќе повторам, тоа ќе остане.
С. С. | Црнобело
