Антониа Гиговска за новиот албум: „Роберт го замисли целиот проект, круната е за него - Киан ја обожава ‘Папилеј’“
- Детали
- понеделник, 08 јуни 2026
„Имаше многу интересни моменти на снимањата, па на спотот за „7 дена, 7 ноќи“, среде есенскиот сет, ни дојде полиција и во еден момент мислевме дека воопшто нема да успееме да снимиме, а на „Чукај, чукај“ почна силно да врне - Благица се сврте кај Роберт и му рече: Ова е бериќет!“, вели Антониа за CRNOBELO.com.

Антониа Гиговска вчеравечер направи промоција на својот втор албум, наречен „Жена“, а публиката денес веќе може да ги слушне песните, но и да ужива во спотовите за секоја од нив, а кои таа ги снимаше изминатиов период.
Вели, ниедна песна не е конкретно посветена на нејзиниот сопруг, но нему „му ја предаде круната“ и за CRNOBELO.com кажа дека тој со застанал целосно зад овој проект, и направил сè за да ги реализираат, вклучувајќи и изградба на цела соба, која би се користела како сет за снимање.

За албумот „Жена“ кој го промовираше вчера, Антониа раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Нов албум - нова Антониа... Публиката ќе ги слушне песните премиерно денес, но ако треба со три збора да го опишеш албумот, кои би биле тие?
Уникатен, поинаков, свој и храбар.
Овој албум е слика на Антониа, таква каква што сум навистина.
Без правила, без граници и без компромиси. Секогаш различна, своја и храбра.

Колку твои лични приказни и искуства има во песните? Која од нив ти е најинтимна, онаа во која најмногу се пронајде или која најдобро те опишува?
Секоја песна има своја приказна - од „Прво види се себе“ до „Хемисфери“.
Секоја од нив нѐ инспирирала во различен период и во различен момент од животот.
Верувам дека публиката ќе го препознае тоа и дека секоја песна ќе стане нивна приказна - приказна што некогаш ја живееле или сѐ уште ја живеат.

Дали има песна посветена на Роберт или на Киан? А која песна ним им се допаѓа најмногу?
Нема песна што е директно посветена на Роберт.
Можеби најблиску до тоа е „Папилеј“, кога станува збор за Киан. Тој ја обожава и постојано ја пее.
Песната сама по себе нема строго определена тема - секој може да ја доживее на свој начин и да ја пее за она што го чувствува. Ете Киан е мојот „Папилеј“.

А тебе? Одбери само една песна, немој да ми кажеш дека сите ги сакаш подеднакво...
Искрено, го знаеш одговорот однапред (ха, ха).
Навистина сите ми се подеднакво драги и не можам да издвојам само една.
Но, „Прво види се себе“ и „7 дена, 7 ноќи“ се песните што најчесто ги слушам во автомобил, бидејќи се најблиску до музичкиот стил што сакам да го негувам.
„Хемисфери“ ме разнежнува, „Папилеј“ ме прави среќна, „Немој да ме палиш“ исто така ми буди посебни емоции, а „Чукај, чукај“ секогаш ме разигрува и ми го подобрува расположението.

