Љубовната приказна на Нина Ангеловска и д-р Виктор Станков: „Утрото, на денот на свадбата, трчавме по кеј до Палас - за да ја проверам салата“
- Детали
- понеделник, 15 јуни 2026
„Првиот дејт ни беше во јули – месец што подоцна стана „наш“. И двајцата сме родени во јули, се венчавме во јули, а две години подоцна во јули го добивме и Стефан. На 7 месеци врска, веќе и живеевме заедно, а јас, како некој што се залага за родова еднаквост, отсекогаш сум верувала дека одлуката за брак треба да биде заедничка“, вели Нина Ангеловска Станков за љубовната приказна со д-р Виктор Станков, уролог на Клиниката за урологија, од неодамна обучен и за роботска хирургија на глобална програма.

Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија, на Балканската Алијанса за е-трговија и на Алијансата за родова еднаковост на работното место, ужива во љубовта со д-р Виктор Станков, уролог на Клиниката за урологија, од неодамна обучен и за роботска хирургија на глобална програма.
Парот заедно го има синот Стефан, а иако се знаеле уште од средношколските денови, нивната љубов започнала во 2022 година.
Јули е нивниот месец, кога бил и нивниот прв состанок, нивната врска напредувала навистина брзо, а се броело во месеци до мигот кога почнале да живеат заедно.
Веќе на 7 месеци врска сфатиле дека си се вистинските еден за друг за до крајот на животот.

Нина ја споделува нивната љубовна врска за CRNOBELO.com:
„Со Виктор се знаевме уште од средношколските денови, но вистински почнавме да се запознаваме дури летото 2022 година.

Тој ми имаше пишано на Инстаграм во период кога бев дома со ковид и сè уште со недорасчистена стара врска.
Неколку месеци подоцна, кога расчистив сама со себе, му дадов сигнал и договоривме прв дејт.

Првиот дејт ни беше во Камник, во јули – месец што подоцна стана „наш“. И двајцата сме родени во јули, се венчавме во јули, а две години подоцна во јули го добивме и Стефан.

Од самиот почеток имавме некоја лесна синхронизација – исти вкусови за храна и вино, разговори што течеа без напор, исти реакции во ист момент. Како да се знаевме многу подолго.
А Виктор беше вистински џентлмен, без игри и скриени пораки, сигурен во себе и многу јасен во тоа што го сака.

После првиот дејт ме „следеше“ каде и да одам – испланирано, а навидум спонтано.
Јас бев викенд во Охрид со другарки, тој дојде со брат му. Следниот викенд јас бев во Грција со мајка ми и сестра ми, па и таму се појави.
А потоа јас го поканив во Брајчино, каде што конечно се случи и првиот бакнеж.

Врската ни се развиваше брзо, но многу природно. Секаде бевме заедно – трчавме, игравме тенис, патувавме.

После две-три недели бевме заедно на свадба во Црна Гора, каде што Виктор беше кум, а еден месец подоцна, заедно трчавме и полумаратон во Португалија.
За мене, Страва е доказ дека сум трчала, a за него, трчањето е навика без потреба од мерење. Иако рекреативно трчаше со години, тоа му беше прв полумаратон.
