Љубовната приказна на Нина Ангеловска и д-р Виктор Станков: „Утрото, на денот на свадбата, трчавме по кеј до Палас - за да ја проверам салата“
За Св. Валентајн отидов кај Виктор дома со мојот креативен подарок - сет картички што ги дизајнирав, со различни искуства што сакав да ги споделиме.
Главната порака беше „Успеавме. Честито 7 месеци”. Тоа беше мајлстон, симболиката беше дека бевме заедно подолго од неговите претходни врски. А Виктор ме пречека со романтична вечера и прстен.
Како дел од говорот за нас му беше и тоа дека за него ние веќе сме ги поминале „сите годишни времиња“ – иако во реалност не ги имавме.

Тоа беше неговата метафора за сè што поминавме – и убавото, и недоразбирањата што успешно ги надминувавме заедно.

Веќе и живеевме заедно. Како некој што се залага за родова еднаквост, отсекогаш сум верувала дека одлуката за брак треба да биде заедничка, а не формално поставена како прашање од едната страна.
И кај нас предлогот беше во тој, денес прифатен „американски“ стил – но не ми пречеше. Затоа што реално никој не го поставува тоа прашање ако веќе не го знае одговорот.

Пред свадбата, наместо класично девојачко и момачко имавме заеднички викенд со најблиските во Грција. Имаше игри, предизвици, тестови и многу смеа.


Имам двајца старосвати – моите двајца блиски другари, Виктор и Филип. А сестра ми Марина ја презема улогата на главен организатор, имаше осмислено цел концепт со прашања, игри и мали тестови за тоа колку се познаваме, колку сме усогласени и каде сме различни.
