Александар Пендароски, зет на Галичка свадба: „Женската носија тежи 25kg, моите родители се венчаа во Галичник во 1991-ва“

А што е со невестинската и облеката на младоженецот? Дали се шиеја специјално за вас? Колку се тешки?

Носиите не се изработуваат специјално за нас. Тие се веќе постоечки и претставуваат автентичен дел од богатото културно наследство на Галичник и Галичката свадба.

Тоа им дава уште поголема вредност и симболика. Женската носија тежи околу 25 килограми, додека машката е полесна.

И покрај нивната тежина, носиите се изработени од природни материјали и се изненадувачки пријатни за носење.

Кога ќе ја облечеш носијата, чувствуваш дека носиш дел од историјата и одговорност да ја продолжиш традицијата на достоинствен начин.

Во тие моменти тежината е најмалку важна во споредба со честа да се биде дел од една ваква единствена манифестација.

Твоите родители се првите што се венчале на обновената Галичка свадба. Колку си горд што годинава ти ќе бидеш зетот на свадбата?

Тоа навистина многу ми значи. Галичката свадба отсекогаш била дел од семејните приказни што сум ги слушал додека растев.

Фактот што моите родители биле дел од оваа традиција, а сега и јас ја имам таа чест, му дава уште поголема емоционална вредност на целиот настан.

Чувствувам голема гордост, но и одговорност.

aleksandar-pendaroski-zet-na-galichka-svadba-zhenskata-nosija-tezhi-25kg-moite-roditeli-se-venchaa-vo-galichnik-vo-1991-va-03.jpeg

Ви дадоа ли тие некој совет во однос на венчавката?

Да, добивме многу убави совети од блиските луѓе околу нас. Најчесто ни велат да уживаме во секој момент бидејќи денот поминува многу брзо.

Посебно ни остана во сеќавање советот да бидеме присутни во секој миг и да ја впиеме атмосферата, бидејќи ретко кој има можност да биде дел од една ваква традиција.

Сакаме да ги доживееме сите емоции, средби и моменти што оваа свадба ги носи со себе и да создадеме спомени што ќе ги паметиме целиот живот.

Дали нивната венчавка ве поттикна да се пријавите со Мартина за годинашната свадба? Чија беше идејата да се венчате на Галичник - твоја, на Мартина или можеби на твоите родители?

Семејната поврзаност со Галичник сигурно имаше влијание.

Моето семејство има длабоки корени во Галичник и оваа традиција отсекогаш била дел од нашето семејно наследство.

Кога се појави можноста, и двајцата почувствувавме дека ова е нешто посебно што сакаме да го доживееме заедно. Одлуката беше заедничка.

aleksandar-pendaroski-zet-na-galichka-svadba-zhenskata-nosija-tezhi-25kg-moite-roditeli-se-venchaa-vo-galichnik-vo-1991-va-04.jpeg

Какви беа првите реакции кога се спомна на глас можноста за венчавка на Галичник? Дали постоеше двоумење или веднаш рековте дека тоа е тоа?

Првата реакција беше голема возбуда. Свесни бевме дека станува збор за нешто многу повеќе од обична свадба.

Немаше многу двоумење. И двајцата почувствувавме дека ова е ретка чест и единствена можност што се случува еднаш во животот.

Колку долго сте во врска со Мартина? А кога ја запроси?

Со Мартина сме заедно две години.

По една година врска знаев дека таа е личноста со која сакам да ја градам иднината и тогаш ја запросив.

Тоа беше еден од најубавите и најемотивните моменти во нашиот живот.

aleksandar-pendaroski-zet-na-galichka-svadba-zhenskata-nosija-tezhi-25kg-moite-roditeli-se-venchaa-vo-galichnik-vo-1991-va-06.jpeg

Дали по ова ќе имате и друга свадбена веселба или сите гости ќе дојдат во Галичник?

Покрај Галичката свадба, ќе имаме и современа свадбена прослава на која ќе славиме со семејството и пријателите.

Галичката свадба е настан кој секоја година привлекува голем број посетители од земјата и странство и секој што сака може да биде дел од таа уникатна атмосфера.

Многу наши блиски ќе бидат со нас во Галичник, а со останатите радоста ќе ја споделиме и на свадбената прослава.

aleksandar-pendaroski-zet-na-galichka-svadba-zhenskata-nosija-tezhi-25kg-moite-roditeli-se-venchaa-vo-galichnik-vo-1991-va-09.jpeg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Галичката невеста Лилјана Михајлоска за CRNOBELO: „Mojот сакан Јован од дете сонувал да направи Гали... „Желба на речиси секој галичанец е да направи Галичка свадба, така што желбата и...
Дечко од Скопје на уникатен начин ја долови Галичката свадба: „Некои ќе кажат ‘селско’, а јас сум ма... „Постарите велат: „Штотуку излеговме од опинците – не сакаме назад во нив“. Млад...

Најчитани неделава