Интервју со Весна, сопругата на Драган Вучиќ: „Свадбата ни беше со 500 гости, нè разведуваа, но тој беше прекрасен сопруг и татко“
Навечер гледаше спорт, фудбал не пропушташе, сакаше добар филм, пешачеше секојдневно, пазареше за дома, а последните години знаеше да ме изненади и со некој специјалитет.
Јас на работа до 22 часот, а тој знаејќи дека сум гладна, ќе ме изненадеше со поставена трпеза.
Цел работен век го помина во кафеани, ресторани, хотели, но најмногу сакаше домашна храна, наша традиционална.

Какви ви беа семејните одмори, имате ли нешто што секогаш ќе ви остане во сеќавање како најубав спомен?
Кога бевме млади одморите ги поминувавме таму каде што свиреше, најчесто Охрид, Јадран, Грција.
Мартин е роден во август, така што секој роденден го прославуваме на различни места со наши пријатели, додека беше мал, а подоцна најчесто одевме во Грција и повторно во друштво на пријатели.
Во Охрид имавме глисер и уживаше да испловиме и да плива на сред езеро, убаво беше тогаш...

Каков татко беше Драган? Раскажете ни некоја анегдота од моментите со Мартин.
Драган беше извонреден родител. Јас бев построга, признавам, а Драган ниту му подвикнал на Мартин.
Кога одеше да свири на Јадранско Море со „Тавче гравче“, Мартин имаше 4 години, јас на работа, а тој ми вели: „Прати ми го детето со авион до Сплит, ќе го земам а ти дојди во август кога ќе ти почне одморот“.
Навечер додека седеле на музичка маса на пауза, дошла некоја девојка седнала со нив, Драган нешто ја прашал, а Мартин му вели: „Тато не ја познавам девојкава, не разговарај многу, многу, ќе те кажам на мама“, ха-ха.

Со возраста и талентот на Мартин (нема на кого, ха-ха), музиката, песната и инструментот му станаа професионална определба, па нивните разговори имаа поинаква тежина.
Се разбира не секогаш се согласуваа за одредени работи, кога се работело за некој текст од некоја композиција, или аранжман, но Мартин секогаш се обраќал со почит кон татко му, затоа што знаеше да го цени искуството и знаењето што Драган го имаше кога беше во прашање естрадата.
Како и да е, Дракче беше исклучителен и како родител и како сопруг полн со разбирање, топлина и љубов, затоа, мноооогу ни недостасува.

Имате ли некој совет или животна лекција од Драган, што вечно ќе ви бидат врежани во сеќавање?
„Не грижи се за нешто што не можеш да промениш, што не зависи само од тебе. Чувај си го здравјето…“.
Ова често ми го велеше кога реагирав бурно во сообраќај, за несовесни возачи, а и пешаци што не почитуваат закон и знаци…
И навистина ништо не можам јас да променам, освен кај себе кога грешам.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело