Љубовната приказна на Влатко Миладиноски и Кристина: „Се запознавме случајно во Охрид, веднаш знаев дека ќе ми е сопруга“
- Детали
- понеделник, 20 јули 2026
„Во нашата фамилија постои традиција сите младоженци да се облечат во носија и да се направи таква фотографија. Ние сакавме цела фотосесија и ја направивме на нашата омилена дестинација, на нашата викендичка и над селото Јаорец“, вели пејачот за CRNOBELO.com и ја раскажа љубовната приказна со сопругата.

Пејачот Влатко Миладиноски (40) наскоро ќе прослави 10 години брак со сопругата Кристина (36).
Но, парот е заедно многу подолго од тоа. Нивната љубов трае цели 19 години, а од неа се родија две деца, ќерките Илина и Андреа.
Влатко, во разговор за CRNOBELO.com, вели дека кај сопругата најмногу го цени тоа што и по скоро две децении заедно, таа останала иста.

За нивната љубовна приказна, првите излегувања, ќерките, но и свадбената фотосесија направена во носии, Влатко ни раскажа во интервјуто:
Кога почна вашата љубовна приказна? Раскажи ми за вашите почетоци...
Ние сме заедно скоро 19 години од кои без малку 10 во брак.
Првата наша судбинска средба беше во Охрид и таа беше потполно случајна. И затоа Охрид е нашиот омилен град.
Кога се запознавме и двајцата бевме млади деца, а таа ме освои со нејзината специфична и различна убавина што тогаш ги видов во тоа скромно девојче.
Но, од прв момент знаев дека ја видов мојата животна партнерка. Ми беше јасно како ден.
На таа возраст кога се запознавме работите течеа побавно, но од друга страна, бидејќи потекнуваме од ист град, од Кичево, на некој начин имавме олеснети околности и баш таму беа нашите први средби односно нашите почетоци.
Првите средби потоа течеа по природен пат исто како и целата врска. И нашите семејства, бидејќи потeкнуваме од ист град, неформално се познаваа од претходно.
Така дојде и бракот и семејството, по некој природен пат.

Кој е поромантичен од двајцата?
Двајцата знаеме да бидеме романтични и да си пружиме внимание еден на друг.

Како ја запроси? Ѝ подготви ли некакво изненадување?
Запросувањето се случи на еден наш одмор и, секако, во романтична атмосфера.

Раскажи ми некој интересен момент од свадбата, што го паметиш и денес...
Од тој ден, најубавото и најсветото нешто беше самиот чин на венчавање во манастирот „Света Пречиста“ во Кичево.
Тоа за мене беше вистинското нешто што ќе остане како најсвежо сеќавање засекогаш!

Вие, освен „класичната“ свадбена фотосесија во венчаница и костум, направивте уште една во народни носии...
Да, фотосесијата во носија беше дел од нашата свадбена фотосесија.
Во нашата фамилија постои традиција, сите младоженци да се облечат во носија и да постои таква фотографија.
Двајцата го обожаваме и почитуваме тоа и ни претставуваше задоволство не само да имаме фотка, туку цела фотосесија во народна носија.
Дури и на мојот вибер-профил стои слика од истата.
Инаку, се сликавме на нашата омилена дестинација на нашата викендичка и над селото Јаорец каде што се наоѓа таа.
