Марина и Драган од Штип за предвремено родените близначки: „Спасија се роди со 960g, Софија со 1.650g – два месеца живеевме во страв“
- Детали
- вторник, 28 јули 2026
„Се родија предвремено, во 31-ва недела, со мала тежина (Спасија 960g, Софија 1.650g). Бременоста течеше нормално сè до 7-ми месец. Софија беше 28 дена во инкубатор, а Спасија 63 дена. Беше многу стресно, одевме секој ден да ги видиме, да им шепнеме дека ги сакаме (посебно сопругот). Среќата е неизмерна сега кога сите сме заедно дома“ - велат за CRNOBELO.com Марина и Драган.

Марина Величковска Ѓорѓиевска – фармацевтски техничар и Драган Ѓорѓиевски – радио уредник и водител, музичар (гитарист во „Трио Тајфа“ и „Фокус Бенд“) од Штип, по вторпат станаа родители на близначките Софија и Спасија.
Тие го имаат и тригодишниот син Дамјан, а по раѓањето на близначките, живееле во страв цели два месеца, додека ќеркичките да си дојдат дома.
Софија и Спасија се родиле предвремено, во 31-ва гестациска недела, а сега конечно тие споделија дека целото семејство е дома.

На Фејсбук, Марина сподели видео направено од семејни фотки и напиша:
„После два долги месеци исполнети со страв, надеж, молитва и бескрајна љубов, конечно сте дома.
Добредојдовте дома наши мали херои!
Вашето патување започна многу порано и беше многу потешко од она на повеќето бебиња, но секој ваш ден беше доказ за вашата сила.

Денес ја затворате вратата на интензивната нега и го започнувате најубавото поглавје дома во нашите прегратки.
Сите други бебиња имаат еден датум за паметење ние имаме дури три,денот кога на свет дојдоа нашите најубави принцези, денот кога дома си дојде Софија и денот кога конечно сите сме заедно.
Најтешките моменти не направија најсилни,пред нас престојат уште многу убави моменти а ние ке бидеме тука да ги славиме сите ваши мали и големи победи...“
Ги контактиравме родителите, кои за CRNOBELO.com, детално раскажаа:
„Се родија предвремено на 21-ви мај на ГАК, на Спасовден, во 31-ва гестациска недела со царски рез, со мала тежина (Спасија 960g, а Софија 1.650g).
Секако дека не очекувавме. Бременоста течеше нормално сè до 7-ми месец, кога се појавија некои индикации што најавуваа скоро породување.
Софија ја пуштија порано, таа беше 28 дена, а Спасија беше во инкубатор 63 дена.

Беше многу стресно, одевме секој ден да ги видиме, да им шепнеме дека ги сакаме (посебно сопругот).
Минавме низ многу стресен период, но вербата во Бога беше посилна. Верувавме дека ќе се изборат и дека ќе си дојдат дома.
Огромна благодарност до професионалниот, љубезен и грижлив персонал на ГАК, како и до д-р Владимир Трајковски и неговиот тим.

Близначките се изборија со многу предизвици. Имаме и тригодишен син, Дамјан, кој ги прифати многу добро и ги чува и сака повеќе од сè.
Среќата е неизмерна сега кога сите сме заедно дома.
Во следниот период следуваат чести рутински контроли. Растеме како и сите останати деца.

Порака до идните родители: Да не се откажуваат од своите соништа, да веруваат и да бидат трпеливи. Среќата не се чека, среќата се бара“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело