Катерина Ангеловска: „Сè додека не ја препознаеме внатрешната моќ, не сме во допир со универзумот“

„Сите ние сме божествени битија. И во секој од нас постои една универзална, интелигентна животна сила, која живее во нас како длабока мудрост и внатрешно знаење“, споделува Катерина Ангеловска, која заедно со Радован Витошевиќ ја напишаа книгата „Будење на свеста“ во издание на „Паблишер“.

katerina angelovska se dodeka ne ja prepoznaeme vnatresnata mokj ne sme vo dopis so univerzumot 7

Од неодамна вашата книга „Будење на свеста“ излезе од печат и конечно е достапна за читателите. Уште кога го видов насловот ме заинтересира фактот што книгата е напишана од двајца автори, Кате и Радован. Како течеше процесот на пишување на книгата?   

Ни претставува особена чест и задоволство заедно со мојот животен партнер да ја претставиме пред македонската публика нашата прва заедничка книга „Будење на свеста”.

Оваа книга е плод на заедничка посветеност и љубов и верувам дека секој читател читајќи ја ќе ја почувствува нашата енергија. Целото создавање на ова дело беше вистински предизвик.

Процесот беше навистина долг, но не толку за месеците поминати пред компјутер, туку за тоа што ние двајцата го доживеавме како искуство. Повеќе од една година бевме максимално посветени на книгата. Немаше ден, а да не работевме на нејзиното создавање.

Првично работевме одвоено, секој од нас поединечно ги изразуваше своите знаења и искуства, и после тоа работевме на нејзино заедничко креирање. Процесот на создавање на ова дело ни даде ексклузивна можност да навлеземе подлабоко во духовниот свет, и свесно да битисуваме тука и сега. Да се исцелуваме од непотребните парадигми и информации кои сѐ уште беа дел од нашето битие, да го прочистиме креативниот канал и да бидеме љубов.

Имавме моменти кога кај едниот повеќе преовладуваше машката енергија, моменти кога преовладуваше женската енергија, но на крај успеавме да ја усогласиме енергијата и да воспоставиме баланс и хармонија, и ова дело да има вистинско течение каде читателот нема да почувствува кога пишувал едниот автор, а кога другиот.

katerina angelovska se dodeka ne ja prepoznaeme vnatresnata mokj ne sme vo dopis so univerzumot 5

Поголем дел од луѓето се свесни дека вистинскиот извор на страдање во светот се стравот, болката и незнаењето. Не е лесен патот човекот да се ослободи од нив, но кои се првите чекори за воспоставување на хармонија и баланс во еден човечки живот?

Човековиот ум не е секогаш расположен така едноставно да се откаже од сопствените верувања, од сите оние навики, размислувања, вредности, мисли и емоциите, кои можеби не му носат добро. Има една прекрасна приказна која често милувам да ја раскажувам на моите предавања, и исто така е напишана во книгата „Будење на свеста”.

„Двајца монаси Танзан и Екидо оделе по еден селски пат раскалавен по големо невреме. Одејќи, во далечината виделе девојка облечена во свилено кимоно, која се мачела да го помине калливиот пат. Танзан без размислување се упатил кон девојката, ја кренал в раце и ја пренел преку калта. Потоа двајцата монаси продолжиле да чекорат во тишина. По пет часа, Екидо не можел повеќе да се воздржи и го прашал својот пријател: Зошто ја пренесе девојката преку патот? Ние монасите не би требало да правиме такви нешта? Танзан му одговорил: Јас ја оставив девојката пред пет часа, а ти сѐ уште ја носиш со себе.“ 

Колку сме поодлучни да се ослободиме од товарот кој го носиме во себе од минатото, толку поскоро ќе излеземе од комфорната зона во која се наоѓаме. Сè додека ја проектираме моќта надвор од нас, не сме во хармонија и баланс.

Сè додека не сме во хармонија и баланс, не сме во можност да ја препознаеме внатрешната моќ. Сè додека не ја препознаеме внатрешната моќ, не сме во допир со универзумот. 

Потребно е да ја поттикнеме личната и духовната преобразба, да се ослободиме од товарот што го носиме во себе, да станеме свесни за сопствените програми, да отпуштиме и да ослободиме место во нашето битие за љубов која целосно ќе нè трансформира и исцели.

katerina angelovska se dodeka ne ja prepoznaeme vnatresnata mokj ne sme vo dopis so univerzumot 4

Следново прашање можеби ќе звучи малку надреално. Да не речам гротескно. Сте пробале ли да го замислите светот без болка, незнаење, страв?

Секако. Светот навистина може да биде прекрасно место за живеење, каде секој поединец инспириран од сопствената извонредност ќе даде придонес кон сочувство, мир и љубов. Се додека секој од нас не преземе одговорност за сопствениот живот и сопствените резултати ќе постои сето страдање во светот.

„Будењето на свеста“ со себе носи вистинска одговорност. Кога зборувам за одговорност мислам на одговорност за сопствените мисли, емоции, одлуки, акции кои ги преземаме како и одговорност за сопствените резултати.

Кога секој од нас ќе прифати да преземе одговорност за сопствениот живот и сопствените резултати, во истиот момент престанува секој обид за жалење, судење, обвинување, барање изговор, префрлање на одговорност.

За одговорноста одвоивме место и во книгата „Будење на свеста“ бидејќи сметаме дека одговорноста е еден од фундаменталните чекори во процесот на будење на свеста.

Одговорноста не само што ни помага да се поврземе со вишото јас, нè учи дека творечката сила на универзумот се наоѓа во нас, истовремено ни помага да го препознаеме егото во сите негови облици со кои се идентификуваме, да се ослободиме и да бидеме љубов.

katerina angelovska se dodeka ne ja prepoznaeme vnatresnata mokj ne sme vo dopis so univerzumot 3

Велите дека незнаењето придонесува луѓето да се чувствуваат неисполнето и повредено, но на кои извори треба да им се верува? Каде и како луѓето да ја препознаат сопствената вистина?

Јас милувам да кажам дека сите ние сме божествени битија. И во секој од нас постои една универзална, интелигентна животна сила, која живее во нас како длабока мудрост и внатрешно знаење. А како доаѓаме до овој извор на знаење и мудрост?

Преку нашата интуиција, нашите внатрешни емоции кои ни откриваат еден нов свет преку кој знаеме што е вистина, а што не е вистина. Многумина го имаат изгубено односот со својот интуитивен дел од себе, и си замислуваат дека е тоа некоја мистериозна сила. Но нашата интуиција е доста практична, која ни е секогаш достапна да ни помогне во секојдневните одлуки, проблеми, предизвици со кои се соочуваме во секојдневниот живот.

Интуиција е природна и таа е дел од нашето битие. Во книгата „Будење на свеста” за интуицијата велиме:

„Свесноста за моќта на интуицијата дозволува да се движиме од состојба на страв и контрола во позиција на предавање и верба во интуицијата.“  

Интуицијата е величенствен извор кој може да придонесе за нашата благосостојба во секој сегмент на нашиот живот. Сѐ што треба да направиме е да го отвориме нашиот ум и срце и да ја слушнеме, зошто таа секогаш нѐ води.

Една од најсуштинските работи кои можеме да ги направиме за себе е да ја ослободиме и развиеме нашата интуиција.

katerina angelovska se dodeka ne ja prepoznaeme vnatresnata mokj ne sme vo dopis so univerzumot 2

Би сакал да го слушнам вашето искуство. Кога започна вашата лична и духовна преобразба?

Мојата лична и духовна преобразба трае повеќе од 20 години, и знам дека ќе трае до крајот на мојот живот во овој облик. Кога имав 19 години ја прочитав првата книга која ми откри нови увиди и сознанија, „Моќта на потсвеста” од Џозеф Марфи.

Книгата беше на српски јазик, во тоа време кај нас немаше книги за личен и духовен развој на македонски јазик. Сета литература која понатаму ја читав во тие години беше обично на некој од јазиците на нашите соседи, или пак на англиски јазик.

Но желбата за промена беше голема, и никогаш овој сегмент не претставуваше пречка за натамошен развој. Затоа можам со задоволство да кажам дека мојот пат на личен развој има минато, има сегашност и има иднина.

Патување во потрага по вистината. Вистинска авантура исполнета со многу предизвици, откривање на нови полиња и потенцијали, посветеност, дисциплина, учење, медитирање, нови пријателства.

Сето знаење и искуство за мене претставува величенствен начин да одам надвор од моите лимити, да ја живеам мојата мисија и визија, да бидам љубов и да бидам промената која сакам да ја видам во светот.

katerina angelovska se dodeka ne ja prepoznaeme vnatresnata mokj ne sme vo dopis so univerzumot 1

Кои беа главните препреки кои ве одделуваа од процесот на духовно созревање?

Повеќе милувам да кажам предизвици или пак лекции. Бог, универзум, повисокото јас, духот, виша сила, како и да го нарекуваме креаторот, толку многу не сака и сака да ни го покаже патот, така што се додека не ја научиме лекцијата нè враќа на почеток, ни дава ситуации кои често пати ни се повторуваат, но во различни форми.

Но доколку сме свесни и будни ќе разбереме дека всушност ни дава можност да созреваме, свесно да разбереме со целото наше битие, да отпуштиме, прифатиме и ослободиме. Да ослободиме место за вистинската суштина на нашето постоење и битисување. Место за љубов.

katerina angelovska se dodeka ne ja prepoznaeme vnatresnata mokj ne sme vo dopis so univerzumot 6

За кого сѐ е наменета „Будење на свеста?

Книгата „Будење на свеста” е подарок за сите прекрасни битија кои се посветени на себеспознавање и кои го почитуваат својот личен и духовен развој, и за сите моќни парови кои заедно и свесно ја создаваат својата реалност.

Секој збор, секоја мисла во оваа книга е како нуркање во најдлабоките, најмагичните и најисцелувачките ритуали на постоењето.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татк... „Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, ја...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Коста Петров: „Кога се сакаш себеси, кога ќе научиш да си простиш себеси, кога ги прифаќаш сите свои... „Детето во мене никогаш не беше проблемот. Проблемот беше товарот што детето го ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg