Владислав Илиќ, македонскиот стенд-ап комичар кој настапи на BBC за животот во Лондон: „Мора да си издржлив или градот ќе те скрши“

„Лондон е напорно место за живеење, уште повеќе ако се обидувате да остварите кариера, а уште повеќе ако тоа е стенд-ап! Од тоа да чуваш пари за апсурдно високите кирии, до расправањето со криминалци на улица, до промотери кои не те букираат бидејќи едноставно не им се допаѓаш, до други комичари кои кажуваат лаги за тебе за да ти ја нарушат репутацијата. Не велам дека сè е лошо, ама мора да си издржлив или градот ќе те скрши“, раскажува Владислав Илиќ (27) од Куманово, кој настапи на BBC.

vladislav ilic stand up komicar koj nastapi na bbc vo momentot koga prestanav da se grizam sto mislat drugite za mene stanav pozitiven magnet za publikata 8

Поразговаравме со Владислав, откако на социјалните мрежи стана хит со неговите видеа од стенд-ап, а тој за CRNOBELO.com открива интересни работи...

Деновиве во Македонија си посебен хит, многумина зборуваат за Македонецот Владислав Илиќ кој направи растур со стенд-ап во Лондон и воедно се појави на BBC. Видеото од твојот настап стана вирално по социјалните мрежи... Раскажи ни нешто повеќе за твојот животен пат, за она низ што помина последниве години?

Најпрвин би сакал да кажам дека не верував дека видеото ќе отиде „viral“ (моментално повеќе од 440,000 разгледувања) и не сум привикнат на такво внимание, но секако сум длабоко благодарен на сите позитивни коментари и честитки.

Како со стенд-ап? Во најкратки црти – студирав на Малта, ја запознав Лариса, со која сум верен, која е актер кој има дипломирано на драмската академија за уметности во Лос Анџелес.

Откако се решив да станам професионален комичар – опциите беа Лос Анџелес или Лондон. Животното искуство на Лариса во Л.А. помогна со тоа што се решивме дека Лондон е најдобрата опција. Дипломирав, се спакувавме и со прв авион директ Хитроу.

Стигнавме со неколку куфери и пари колку за еден месец кирија. Почетокот беше многу тежок и единствено што нè држеше таму беше надежта дека имаме шанса да ги оствариме своите соништа.

vladislav ilic stand up komicar koj nastapi na bbc vo momentot koga prestanav da se grizam sto mislat drugite za mene stanav pozitiven magnet za publikata 6

Што се случуваше пред и за време на снимањето во BBC? На кратко, доближи ни го искуството од студиото...

Самиот настап имаше свечен амбиент. Веќе имав набилдано позитивен рапорт со еден од продуцентите на шоуто, кои ме гледаа на еден друг настап претходно.

Откако ми потврдија, со нетрпение го чекав, ми се чинеше ќе пукнам од желбата да кажам на сите околу мене, но не смеев да изустам ни збор никому освен на најблиските.

Првин текстот помина низ рацете на едиторскиот и адвокатски тим, кои направија некои помали легални промени - во голем дел го играв оригиналниот текст што го испратив и тоа ме радува.

Самата продукција беше како една огромна фамилија. Јас бев повеќе од добредојден, а прашањата за мојата историја, култура и домашна стенд ап сцена не застанаа и бев пријатно изненаден од нивната љубопитност.

Покрај интересот за тоа кој сум, од каде сум и зошто сум овде, BBC исто така ми понудија првокласен третман - транспортот до снимањето ми беше покриен, а добив и своја хотелска соба, место за проба на сетот, како и свој костимограф и шминкер.

Навистина не можев да побарам повеќе и дури и ми беше срам. Пораснав како и секое обично дете во Куманово, седејќи на плоштад до доцни саати, делејќи идеи со друштво од своја генерација и мечтаејќи за подобро утро. Затоа се до моментот додека не излегов на сцена, не можев да се убедам дека ова навистина се случува.

Сега кога ќе погледнам, малку оддалечен од сето ова, сфаќам дека тоа беше комбинација од многу работа, издржливост и дисциплина. Секако талентот и среќата се дел, но идејата да настапувам на англиски започна уште кога имав 19 години, а во самиот стенд ап вложив три години, пред дури и да бидам забележан и избран за на ТВ.

Поентата ми е дека од каде и да сте и што и да сакате да направите мора првин да го градите тоа во себе со целосна и потполна верба. Зад сето ова стои една планина од работа која може да ја сроните во зрно ориз, само преку љубовта, вербата и посветеноста во она што го работите.

Се надевам дека ова е само почеток - ако не сте го гледале дел од видеото гледајте го и стискам палци дека кога ќе заврши пандемијата ќе имам можност и чест ќе ми е да настапувам пред домашната публика.

На времето студираше општа и компаративна книжевност, а паралелно се движеше низ актерските кругови во Куманово, потоа се пресели на Малта, па во Лондон. Каде се запозна со стенд-ап комедијата? Кога сфати дека поседуваш комичар во себе?

Додека студирав книжевност, имав некои поголеми лични проблеми (неповрзани со книжевноста). Бев во некаква депресија која траеше со месеци. Паметам дека една недела боледував и не можев да станам од кревет со денови.

Еден мој пријател дојде кај мене да ме развесели и кажуваше шеги цела ноќ. Една шега ме насмеа толку многу што ми ги отвори очите и сфатив дека животот не е едноличен и дека секој проблем може да се погледне од другата страна.

Оттогаш хуморот ми даде нова перспектива која навистина (и ова го видов како главна задача како комичар) треба и мора да се пренесе на луѓето околу нас.

Општо, оттогаш се смеам повеќе и гледам да не ги сфаќам работите премногу сериозно ниту пак да ги земам здраво за готово, се обидувам да не се заглавувам во нив и секогаш барам изговор да се насмеам.

Да предизвикаш насмевка на нечие лице е најубавиот и најценетиот подарок што можеш да му го подариш на твојот сограѓанин или другар. Некогаш навистина и не можам да се сопрам. Девојка ми ми вели дека понекогаш се смеам и во сон. Во овие моменти дознав дека хуморот е начин на живот за мене, мојата животна вокација.

Ова, иако го знаев по некоја инстинктивна инерција, навистина добро го размислив и осознав на Малта.

Дотогаш веќе имав неколку стенд-ап настапи и одлучив дека ќе одам на поголема сцена, како таа во Лондон, се предизвикав да бидам подобар и да се натпреварувам рамо до рамо со најдобрите и најталентираните луѓе во Велика Британија.

Бев решен да оставам впечаток – за себе, за моите пријатели и за членовите на фамилијата кои веруваат и вложуваат во мене скоро секој ден, а и за мојата земја на која очајно ѝ е потребен позитивен фокус и перспектива.

vladislav ilic stand up komicar koj nastapi na bbc vo momentot koga prestanav da se grizam sto mislat drugite za mene stanav pozitiven magnet za publikata 5

Можеш ли да се сетиш кој беше клучниот момент кога на клупските промотори и талент агенции им стана интересен како комичар?

Клучниот момент беше кога престанав да се трудам да сум смешен и започнав да сум поприроден на сцената, да дозволам смешното само да излезе. Кога сте на почеток, ненамерно ги имитирате вашите омилени комичари, бидејќи сте ги идолизирале долго време.

Во моментот кога престанав да се грижам што мислат другите за мене, станав позитивен магнет за публиката.

Луѓето ја ценат таа автентичност и оригиналност. Тоа секако го забележаа промотерите и притоа ми донесе неколку награди и договор со талент агенција.

Лондон, како центар на светски културни збиднувања е преполн со силна конкуренција и предизвици. Со што сè се соочи откако се пресели таму?

Уф, со што сѐ не! Лондон е напорно место за живеење, уште повеќе ако се обидувате да остварите кариера, а уште повеќе ако тоа е стенд-ап!

Од тоа да чуваш пари за апсурдно високите кирии, до расправањето со криминалци на улица, до промотери кои не те букираат бидејќи едноставно не им се допаѓаш, до други комичари кои кажуваат лаги за тебе за да ти ја нарушат репутацијата. Не велам дека сè е лошо, ама мора да си издржлив или градот ќе те скрши.

За среќа, се родив на Балканот каде ако немаш дебела кожа и ако не си доволно паметен, сите ќе те исмеваат – така да, тој уличен менталитет ми помогна многу.

vladislav ilic stand up komicar koj nastapi na bbc vo momentot koga prestanav da se grizam sto mislat drugite za mene stanav pozitiven magnet za publikata 4

Ајде да начнеме нешто и за инспирацијата, која е клучна за секој уметник. Идеите сами ти доаѓаат или мора да ги „бркаш“ за да дојдеш до некоја конкретна замисла и концепт?

Идеите доаѓаат кога се релаксирам, пример кога патувам. Секогаш се враќам со три или повеќе идеи откога ќе посетам ново место.

Исто така, наидувам на идеи во разговори. Седејќи во друштво и тресејќи глупости е најлесниот начин да напишеш стенд-ап шоу, тогаш ми доаѓаат некои од најдобрите идеи.

Често и ми „лебдат” идеите. Ги следам секој ден, во моите мисли, но секој втор или трет ден ќе седнам и ќе се обидам да ги следам на лист хартија неколку часа. Напорно е, но вреди за петте кафиња што ќе ви се расипат на лаптопот.

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Јелена Розга за CRNOBELO: „Мислев ќе се срушам од убавина кога публиката ја пееше ‘Гинем’ на цел гла... „Утрото пред концертот имав некој чуден страв, па ѝ се јавив на другарка ми и ѝ ...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg