Бојан од Скопје има 176 шишенца од парфеми, а најстарото датира од пред 100 години (фото)

„Најстарото шише е од 20-тите или 30-тите години, на минатиот век, тоа е шише од парфем од една од моите прабаби, Бојка Тозија“ - вели Бојан Георгиевски, кој е колекционер на празни шишенца од парфеми распослани на специјално изработена витрина. 

Bojan-od-Skopje-ima-kolekcija-od-176-shishenca-parfemi-01.jpg

Бојан Георгиевски од Скопје има необично хоби – тој е колекционер на празни шишенца од парфеми. Естет, перфекционист, вљубеник во уметноста и убавината во секоја форма, една од неговите страсти е токму оваа колекција, распослана на специјално изработена витрина во модернистички стил.

Колекцијата на шишенца од парфеми брои вкупно 176 шишенца, па поразговаравме со него и тој за CRNOBELO.com откри детали за својата пасија...

Кога го започна ова необично хоби? Од каде потекна идејата за собирање шишенца од парфеми?

Не можам точно да се сетам. Знам беше во основно школо, ама точно кога, а и како, не се сеќавам баш. Знам тогаш сѐ нешто собирав, моливи – тие исто сè уште ги собирам, тефтерчиња некакви, салфети, па дури и празни кутии од цигари, иако кај мене дома немаше пушачи.

Вака во ретроспектива ова последното, малку грозно звучи денес. Но како и да е, собирањето на шишенца од парфеми се покажа издржливо на забот на времето, барем во мојов случај.

polici site 2.jpg

Кога ја запрашале славната Коко Шанел каде една жена треба да нанесе парфем, таа одговорила: онаму каде што сака да биде бакнувана. Како ти ги доживуваш парфемите?

Многу ги сакам! Ги гледам како едно значајно обележје на човештвото, на цивилизацијата. Фасцинантно ми е тоа дека сме успеале да направиме една таква игра со мирисот во служба на привлечноста, но не само во нејзина.

Парфемите служат да нè доискажат, да го пополнат просторот на недоискажаното, она малку, а битно што останува за нашиот карактер, за нашите желби… па и вредности, кои не ги кажува говорот, облеката, маниризмот. Она што во суштина се перципира само преку мирисот, преку носот.

dolni polici 1.jpg

dolni polici 2.jpg

Што е најголемиот предизвик во твојата колекција на шишенца од парфеми, дали можеби начинот на нивното одржување?

Да, навидум одржувањето е голем проблем… особено поради начинот на кои се изложени кај мене дома. Но за среќа, не е толку страшно. Мислам дека ако добивме една неочекуван корист од зимското згадување во Скопје, откако масовно почнавме да купуваме прочистувачи за воздух, е што сите имаме помалку прашина дома (познатата сива скопска прашина од која немаше спас) па така сериозно е олеснето нивното одржување.

sredni polici 3.jpg

Во суштина за мене беше покомплицирано да се најде, да се конструира, соодветен начин за нивно изложување дома. Не сакав да изгледа премногу како музеј, ниту пак да биде премногу претенциозно (мислам тука дека малку потфрлив, и дека малку е претенциозен начинот на којшто се поставени ?), а во исто време сакав да им дадам едно значење, едно посебно место. Па по одредено размислување се одлучив за оваа опција.

sredni polici 1.jpg

Кои се најинтересните шишенца во колекцијата? Од кога датираат и која е приказната што ја носат со себе? Кое е најстарото, а кое најновото шишенце во колекцијата?

Мојата привлечност кон оваа колекција е во суштина естетска, од визуелен но и тактилен аспект, така што повеќето парчиња ми се допаѓаат. За мене е поинтересно тоа што преку колекцијата, затоа што во неа има временски распон од речиси 100 години, можам да гледам како се менува вкусот … општиот вкус, општата естетика… но и мојот вкус.

Интересно е дека некои шишенца кои многу ми се допаѓале порано сега не ми се ништо посебно, но секако има и такви кои ги сметам за одлични вонвременски естетски остварувања.

Меѓу нив би ги издвоил, Farouche од Nina Ricci, Ô de Lancôme, Paloma Picasso, Moustache од Rochas, Fabergé, Eau Sauvage од Christian Dior од овој парфем повеќе ми се допаѓа старото шише иако и моменталниот дизајн кој е… мислам од 80-тите е убав… но стариот е навистина елегантен… и Paris од Ives Saint Laurent исто така оригиналниот дизајн. Секако ми се допаѓаат и други, но овие ми паѓаат први на памет.

FotoJet (2).jpg

FotoJet (3).jpg

FotoJet (4).jpg

sisenca mnogu 1.jpg

Инаку, најстарото шише е од 20-тите или 30-тите години, на минатиот век, сега кога сме веќе во 20-тите на овој мора да го назначиме векот. Тоа е шише од парфем од една од моите прабаби, Бојка Тозија.

На него нема обележје на производител, и искрено не ја знам неговата приказна. Инаку таа пред Втората светска војна го користела парфемот Rêve d’Or, за жал од него немам оригинално шише од тоа време, но за среќа истиот сè уште постои па верувам дека ќе имам еден ден. Најново… најновото кое ќе биде додадено на колекцијата за некоја недела е L’Homme од Ives Saint Laurent.

sisence 1.jpg

Дали некогаш си се заинтересирал за вредноста на твојата колекција на шишенца, особено оние постарите од четвртата или седмата деценија на минатиот век? Дали некогаш би ја продал колекцијата и колку би чинела таа според твојата процена?

Не сум помислил, воопшто не сум помислил досега… Ако вака размислам, мислам дека нема никаква монетарна вредност. Можеби некои од постарите да се маргинално повредни, но не верувам дека би било нешто вредно да се прати на аукција.

Најискрено, целосно се сомневам дека некој некогаш би ми понудил да ја купи. За мене нејзината вредност е емотивна. Речиси за сите шишенца се сеќавам од кого ми се, така се поврзани со моето детство и раната младост. Значајни ми се како една потрага по убавото, убавото во секојдневните предмети.

sisenca mnogu 2.jpg

Сосема за крај, кој е твојот омилен женски и машки парфем и зошто токму тие?

Немам омилени, не сум ни имал… зависи од приликата, годишното време, од човекот кој го носи. Знаете вкусот се менува, тоа е убавото за него, па така немам безвременски омилени парфеми.

Ако и вие сте колекционер и сакате да ја споделите вашата колекција и приказна со нашите читатели, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

(О)Милена | Црнобело

Фото: (О)Милена / Фејсбук

Би можело да ве интересира:

Јелена Розга за CRNOBELO: „Мислев ќе се срушам од убавина кога публиката ја пееше ‘Гинем’ на цел гла... „Утрото пред концертот имав некој чуден страв, па ѝ се јавив на другарка ми и ѝ ...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татк... „Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, ја...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg