Василие Стојановски, eлектроинженер кој работи како фитнес тренер: „Ги менувам луѓето физички, духовно и карактерно“


Василие Стојановски, eлектроинженер кој работи како фитнес тренер: „Ги менувам луѓето физички, духовно и карактерно“

Василие Стојановски (27) од Скопје е дипломиран електроинженер, кој се занимава со бодибилдинг и работи како персонален фитнес тренер. Обожава да чита романи, да гледа аниме и филмови со Бред Пит. 

vasilie stojanovski fitnes trener i bodibilder lujjeto postojano baraat reshenie vo vid na restrikcii apce suplement a ne odjojuvaat vreme za mala edukacija koja ke im go napravi zivotot poiubav 2

Најголемиот дел од времето сака да го поминува со себе и своите најблиски. Активен е на социјалните мрежи, посебно на Инстаграм – @funkmaster_v и Јутјуб каде едуцира и инспирира голем број на луѓе.

Василие, заврши електро, а се одлучи да се впуштиш во водите на бодибилдинг и да работиш како персонален фитнес тренер.

Знаеме дека веќе со години активно тренираш, но како дојде до тоа својата иднина да почнеш да ја градиш во друг правец?

Откако завршив факултет, веднаш побарав работа од мојата област и дадов сè од себе да работам како електроинженер, но тоа траеше само месец дена.

Можностите за напредок и градење кариера како електроинженер во нашава држава се непостоечки. Изборот е меѓу неколку фирми во кои само ќе постоев како бројка и ќе тонев во живиот песок претставен како месечна плата без воопшто да напредувам како личност.

Обожавам да им помагам на луѓе кои сакаат помош и сметам дека секој човек е способен за достигнување на врвен квалитет ако му се дадат шанси. Сфатив дека преку фитнесот не само што можам да ги менувам луѓето физички, туку и духовно и карактерно.

Имав заштедено пари од што ’рмбав во Германија преку лето и решив дека најмалку 6 месеци секојдневно ќе учам, тренирам и ќе градам мрежа од луѓе. Тренирав наутро во 7, се едуцирав читајќи студии и блогови 6-8 часа секој ден, комуницирав со луѓе на Reddit и разни фитнес групи на Фејсбук и правев уште еден тренинг околу 20-21 часот.

За само 4 месеци веќе имав 4 странски клиенти и уште 10 луѓе кои ме бараа за персонални тренинзи и така започна приказната.

Сакам сè што ми се случува во животот да зависи од мене во најголем процент и сакам јас да го диригирам темпото со кое ќе проаѓам низ животот, навистина никогаш повеќе не би можел да сум „вработен“.

Пандемијата нè фати сите неподготвени, меѓутоа колку и да негодуваме, секој од нас успеа да извлече нешто позитивно од ситуацијата.

Каков облик и концепт добија твоите тренинзи и консултациите со клиенти?

Скоро ништо не се промени. Ја имам удобноста и „привилегијата“ (која сам ја создадов) да работам од дома со луѓе кои по секоја цена се спремни за промена и напредок, така што карантинот и затворањето на фитнес центрите воопшто не им беше пречка.

Некои од моите клиенти си направија домашни теретани, со некои ги адаптиравме тренинзите според опремата што ја имаат, а останатите не ни престанаа да одат во теретана бидејќи живеат во држави каде што карантин скоро и да немаше (Нов Зеланд, Шведска, итн..)

На интернет, речиси и да постои одговор на секое прашање што може да ни текне. Еве, кога станува збор за нутриционизам, многумина се одлучуваат на своја рака да донесуваат одлуки и експериментираат со начинот на исхраната.

Кажи ми кои се најчестите грешки што многумина ги практикуваат, а не се свесни за тоа?

Се накострешувам кога ќе го слушнам зборот „експериментирање“. Секогаш се прашувам во која конотација го кажуваат тој збор. Експеримент е научен процес, во контролирани услови, базиран на одредена хипотеза.

Тоа што некој одлучил да не јаде после 19 часот не е експеримент. Сите работи поврзани со топење сало, градење мускул, општо здравје, невротрансмитери, хормони се веќе откриени. Исто така зборот диета значи начин на исхранување, така што диета не е нешто периодично, туку претставува животен стил.

Луѓето постојано бараат решение во вид на огромни рестрикции, апче, суплемент, некој таен начин или специјална диета, наместо да посветат време за мала едукација која засекогаш ќе им овозможи подобар и поубав живот.

На телото му се потребни одредени калории за да преживува. Калориите се енергија што ја внесуваме преку храната и ја трошиме преку физичка активност. Различните ткива во телото и различните храни содржат различно количество на калории.

Салото не претставува ништо друго освен најефикасниот начин за складирање на калории (енергија). За успешно да го „топиме“ салото, треба да трошиме повеќе калории отколку што внесуваме, односно да бидеме во калориски дефицит.

Кога веќе ја начнавме темата за нутриционизмот, сподели некои корисни совети за повеќе енергија, за одржување на имунитетот…?

Хидрација е првото нешто што ќе го кажам. Телото во најголем процент ни содржи вода, а сите ја земаме здраво за готово. Секој возрасен треба да пие минимум 2 литри вода во текот на денот.

Витамин Д е еден од најважните витамини кои треба да ги внесуваме (дури сите лекари и здравствени организации посочија дека значително помага во борбата против корона), 90% од луѓето се во дефицит од витамин Д, а тоа доведува до помалку енергија, послаб имунитет, нарушена тироидна функција и уште многу работи.

Проверете ги вашите нивоа со крвна анализа (можете да ја направите во која било лабораторија) и суплеметирајте со витамин Д соодветно.

Движете повеќе и тренирајте барем 3 дена во неделата. Внесувајте доволно протеин! Скелетните мускули, вените, капиларите, артериите, мазните мускули, кожата и косата се составени од протеин.

Многу од хормоните во телото исто така се составени од протеин како: инсулин, глукагон, хормонот за раст HGH, IGF-1, адреналин, норадреналин, албумин. Внесот на протеин во телото секогаш треба да биде најмалку 2 г/кг телесна тежина.

За сè што правиме во животот треба мотивација. Веројатно и многу твои клиенти очекуваат да ги мотивираш за да постигнат одредени резултати. Но, како се справуваш ти со тоа?

Никогаш не сум имал потреба од мотивација. На сè што мислам постојано е дека животов е конечен, имаме лимитирано време во оваа земна реалност и не смеам да си дозволам недостиг од разни надворешни фактори да ме спречи во мојот напредок како човек.

Трансформација на клиент на Василие:

Јануари освен што означуваше нов почеток, истовремено е и месец каде не можевме да одолееме на вкусна храна. Тука се појавуваат и безброј мисли што прават да се чувствуваме непријатно од претерано јадење.

Ова веројатно ќе се однесува за оние што не се толку активни, а имаат некаква желба во себе. Со кои активности и вежби да се почне со вежбање во домашни услови?

Буквално што било ќе ја зголеми вашата активност. Вежбањето и кардиото воопшто не се нешто специјално и нема вежби кои мора да се прават. Започнете со наједноставни телесни вежби и истегнувања, пешачете повеќе, планинарете или започнете некое ново хоби кое ќе ви овозможи зголемена физичка активност.

Полека започнете со вклучување на што повеќе работи поврзани со фитнес и здрав начин на исхрана во вашиот животен стил. Не е целта да се изгубат 5 килограми за следната свадба на која сте поканети, туку да се доживее здрава и цврста старост и да се продолжи животниот рок.

Активен си на Јутјуб, во последно време почесто почна да споделуваш видеа. Што најмногу сакаат да гледаат луѓето во Македонија, а што е она што ти самиот редовно го следиш на социјалните мрежи?

Воопшто не знам што сакаат да гледаат луѓето во Македонија. Преку Јутјуб видеата сакам да оставам уште еден траг од себе освен моето физичко постоење.

Сакам да едуцирам и инспирирам што е можно повеќе луѓе, а и ќе биде интересно во иднина да си ги гледам старите видеа и „стариот“ Василие. Не следам скоро ништо на социјални мрежи. Немам време за тоа.

На твојот Инстаграм најави дека подготвуваш неколку проекти, кои за сега ќе останат во тајност, но се изјасни дека стартуваш и свој бренд. За што поточно станува збор?

Навистина би сакал да задржам сè во тајност. Сѐ во свое време.

Како за крај ќе те прашам кон што се движи сиот твој напор и посветеност?

Сакам да достигнам апсолутна слобода. Сакам да сум целосно независен од секоја инстанца на системот. Сакам да го живеам секој ден, а не да го работам за некоја измислена иднина.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Игор Џамбазов: Не, немам ќерка! Го знаеме како актер, водител, шоумен, а можеби и никогаш не сте знаеле дека сак...
Ангела Маслова, охриѓанка од Алјаска: во лето на 0ºC децата се по кратки ракави и имаме 24 часа сонц... Сосема случајно на Инстаграм, наидовме на прекрасни фотки од наша девојка која ж...
Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“ Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дом...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg