Интервју со Радица, Инстаграм блогер: „Кога ми го хакнаа профилот ми беше најголема трагедија, денес сметам дека тоа ми било најголем благослов“

Доколку сте активни на Инстаграм и сакате да готвите, нема шанси да не сте погледнале барем еден рецепт на Радица. Радица (30) е девојката која се крие позади профилот @radishas_kitchen_diaries.

intervju-so-radica-instagram-bloger-koga-mi-go-haknaa-profilot-mi-beshe-najgolema-tragedija-denes-smetam-deka-toa-mi-bilo-najgolem-blagoslov-01.jpg

По потекло е од Кавадарци, половина живот е во Скопје каде студира и работи, сега е веќе мажена и мајка на 2-годишно детенце. По професија е економист, а работи како инспектор за Cyber Crime во МВР.

Освен што работи 8-часовна работа и води свој блог за храна, ужива да го поминува времето со својот 2-годишен син, а како поранешен инструктор по пилатес, сè уште ја негува таа љубов со вежбање дома или во двор по програми кои ги спремала за своите вежбачи.

Со Радица поразговаравме за нејзината љубов кон готвењето, за тоа како се справи кога и го хакираа Инстаграм профилот, за нејзините омилени и најсподелувани рецепти и дали во Македонија може да се заработува од ваков тип на Инстаграм блог:

Кога започна приказната за @radishas_kitchen_diaries? Каква беше твојата реакција кога виде дека ти го снема Инстаграм профилот минатата година?

Приказната со radishas_kitchendiaries започна во октомври 2019 година, а „заврши" во октомври 2020 година (кога ми го хакнаа првиот профил).

Веќе 4 месеци функционирам на новиот профил - и, знаете што, тогаш мислев дека тоа е најголемата трагедија што ми се случила, денес на таа случка гледам како најголем благослов.

Целата таа поддршка и љубов што ми ја дадоа сите следбеници и други познати блогери ме направија тоа што сум денес, посилна, похрабра и максимално посветена.

Кои се трите најбарани и најсподелувани рецепти на твојот Инстаграм профил?

Најсимнуваниот и најподготвуван рецепт на мојот блог за храна се дефитивно добро познатите ЧУРОС. Рецептите може да ги најдете со клик на сликата.

View this post on Instagram

A post shared by Radisha's_diaries🌼 (@radishas_diaries)

На второ место се ГЕРМАНСКИТЕ ПАЛАЧИНКИ кои направија бум на мојот профил, мислам немаше девојка која не ги направи.

Трет најсочувуван рецепт е рецептот за екстра БРЗИТЕ ПАНЦЕРОТКИ, за 15 минути имате вкусни топли панцероти од рерна.

Дали се случува да ти ги „украдат“ твоите рецепти и фотки и да си ги видиш на друго место без дозвола? Дали те лутат вакви работи?

Моите слики досега не сум видела некој да ги искористил, барем не до сега, а за рецептите постојано ги гледам на разни профили и групи на социјалните мрежи и не, не ме лути тоа, sharing is caring.

Од каде инспирацијата за рецептите?

Инспирацијата за моите рецепти е најчесто во мојата глава. Многу често експериментирам во кујна со состојките што ги имам на располагање па така излегуваат сите чудесии кои до сега ги имам направено.

Исто така, дневникот со рецепти од мојата сакана баба е секогаш тука да ми даде инспирација да ја продолжам нејзината традиција со феноменалните рецепти со кои растев.

Секогаш се трудам да ги искористам сезонски достапните намирници кои многумина од нас ги имаат во домот, а немаат идеја што да направат со нив.

intervju-so-radica-instagram-bloger-koga-mi-go-haknaa-profilot-mi-beshe-najgolema-tragedija-denes-smetam-deka-toa-mi-bilo-najgolem-blagoslov-03.jpeg

Дали може да се заработува од Инстаграм профил од твојот тип во земјава? Има ли интерес од клиенти кои сакаат професионална соработка?

Да бидеме искрени во нашава земја ретко кој блогер заработува од социјалните мрежи, а да нема плус дополнителна работа која му носи приходи. Знаете како, целата оваа моја кулинарска приказна почна од љубов и мерак кон готвењето, сликањето, пишувањето на инспиративни текстови...

И до ден денес тоа ми е приоритетна цел, сакам да им го разубавувам и олеснам секојдневието на моите следбеници со моите рецепти подготвени со многу љубов.

intervju-so-radica-instagram-bloger-koga-mi-go-haknaa-profilot-mi-beshe-najgolema-tragedija-denes-smetam-deka-toa-mi-bilo-najgolem-blagoslov-07.jpg

Премногу сум благодарна што ете токму Инстаграм ми даде можност да стекнам безброј нови пријателства со кои денес имам остварено релации во секојдневниот живот. Тоа не се купува со ниедна пара на светот.

Која кујна ти е омилена – што најмногу сакаш ти да јадеш?

Јас сум личност што сака да пробува нови вкусови, да експерименира со вкусовите, сум била во повеќе земји низ светот ама ете ќе ги издвојам италијанската и шпанската кујна. И денес во мојата кујна многу често подготвувам рецепти од тие кујни, се разбира секогаш со мои мали модификации.

Во однос на тоа што можам и сакам да јадам секој ден ПАСТА, ПАСТА, ПАСТА, не за џабе Италијанците си ја имаат изреката "PASTA IS AN EMOTION".

intervju-so-radica-instagram-bloger-koga-mi-go-haknaa-profilot-mi-beshe-najgolema-tragedija-denes-smetam-deka-toa-mi-bilo-najgolem-blagoslov-06 (1).jpg

Како изгледа кујната кога готвиш – дали настанува мал хаос кој бара долго чистење?

Добро прашање, не сум педантна кога станува збор за готвење, и воопшто не гледам така на тоа, уживам во мојот совршен хаос додека готвам, кога ќе се заврши целата таа приказна обавезно средувам и чистам и сè си е пак на своето место.

Кои се твои омилени состојки кои со задоволство сакаш да ги вметнеш во секое јадење?

Уф, омилени состојки ... ако веќе треба да издвојам би биле: сирење и кашкавал, ги ставам многу често во разни пити, проја, крекерчиња па дури и во моите омилени комбинации на чизкејк, исто многу сакам мак, многу често е вклучен во моите рецепти во разни штрудли, торти, како и мојот најнов хит палачинки со мак.. совршенство, сакам многу зачини, го сакам исто циметот во сите комбинации, ѓумбир, кари, мелено каранфилче... Ги сакам сите зачини.

Кога ќе ги погледне човек фотките на твојот Инстаграм профил, буквално во истиот момент му се пријадува. Која е тајната за да сè изгледа толку добро?

Тајната за совршени фотографии е љубовта и енергијата која ја вложуваш додека сликаш - и најнепрофесионалните фотки можат да стоплат душа многу повеќе од некоја профи фотка која нема срце и душа.

Дефинитивно енергијата се чувствува преку сликите, а јас сум многу среќна што моите следбеници го забележуваат тоа.

intervju-so-radica-instagram-bloger-koga-mi-go-haknaa-profilot-mi-beshe-najgolema-tragedija-denes-smetam-deka-toa-mi-bilo-najgolem-blagoslov-03.jpg

Што е нешто без кое не можеш да живееш во кујната?

Во мојот совршен хаос сè си има свое место, меѓутоа морам да признаам дека не би можела без повеќето сукалца кои ги имам во сите големини и форми.

Обожавам да си играм и експериментирам со тесто па без сукалото немаше да излезе ниедна вкусна пита, кифлички и разни други вкусни рецепти.

intervju-so-radica-instagram-bloger-koga-mi-go-haknaa-profilot-mi-beshe-najgolema-tragedija-denes-smetam-deka-toa-mi-bilo-najgolem-blagoslov-06.jpg

Фуд блогер, можеби сопствен ресторан и постојана посветеност на храната – се гледаш ли себеси во ваква улога 24/7 и дали имаш можеби некои планови за во иднина?

Мислам дека секој од нас се стреми да си ја најде работата што ја сака, што го прави среќен, исполнет, мојот одговор на вашето прашање е големо ДА, сакам да готвам, сакам да сликам, сакам да го пренесувам моето знаење и љубов кон храната.

Како уживател на планинските изобилства мојот сон, а воедно и на сопругот е изградба на ЕКО село близу река од комплекс на брвнари во чии склоп би имало ресторанче со етно кујна.

Во повеќето од специјалитетите би користела зачински билки кои би ги одгледувала во чиста еколошка средина, така што сите би уживале во вкусни намирници одгледани на здрав и природен начин. Покрај чистиот воздух би имале прилика да уживаат во здрава исхрана.

Ќе ви откријам една мала тајна, сето ова веќе долго време го осмислуваме и правиме елаборат како би изгледало на лице место, надевајќи се дека условите во догледно време ќе дозволат сето ова да се реализира.

Еден брз рецепт за сите оние кои не сакаат да поминуваат многу време или едноставно немаат многу време за во кујна:

Дефинитивно сите мои варијанти на добро познатите БРАУНИС, мешаш се во еден сад, истураш во тавче и печеш 10 минути.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. П. | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татк... „Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, ја...
„За 2 месеца стигнав до 1 милион следбеници“ – Марија Мешкова стана најследена Македонка на Инстагра... „Пред повеќе од 1 година одлучив да создадам бренд како ментор за течно говорење...
Марјан Петров, шминкер: „На 17 години отворив салон во домот во Мокриево, денес работам со големи ба... „Моите почетоци беа во село Мокриево, струмичко, местото каде го поминав детство...
Данче Антовска: „Најголемиот шок ни беше кога докторката ни соопшти дека ќерка ни Анастасија има цис... „Анастасија растеше и напредуваше нормално. Еден месец пред да ја дијагностицира...
Ивана К. Чурлевска живее во Финска: „Кога Финец ве договара за кафе, очекува да му кажете точно врем... „Кога првпат на гости ни дојдоа Финци, јас секако дека имав подготвено вечера, а...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg