Милош Ристовски живее во Брисел: „Можностите се на сите страни, младите луѓе треба само да се осмелат“


Милош Ристовски живее во Брисел: „Можностите се на сите страни, младите луѓе треба само да се осмелат“

Милош Ристовски (29) од Куманово е Генерален секретар на Млади Европски Федералисти – ЏЕФ Европа, обучувач/фасилитатор за Европскиот Младински Форум и Младинскиот Сектор при Совет на Европа. Иако има завршено информатика, тој преку неформално образование се вклучува во различни просеци за креирање на Европски политики. 

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 10

Истовремено тој е и главен европски фасилитатор на Европскиот дијалог за млади низ претседателствата на Европската Унија на Германија, Португалија и Словенија. Милош е голем фан на стриповите Марвел. Слободното време покрај гледањето на филмови и серии, особено со супер-херои на различни начини истражува за можните начини на кои дигитализацијата може да се користи во младинското учество и образование.

Милош, твојата посветеност на работата постојано те носи спрема нови достигнувања и напредок во кариерата. Во моментот си Генерален секретар на Млади Европски Федералисти – ЏЕФ Европа, интернационална политичка младинска организација, можеш ли да ни кажеш што претставуваа оваа позиција за тебе и која е одговорноста што ја носи?

Последните 3 години сум Генерален секретар на ЏЕФ Европа, интернационална политичка младинска организација со членови во над 30 европски држави. Да се биде дел од лидерството на ЏЕФ Европа е привилегија, но и голема одговорност.

ЏЕФ е организација која дава простор на млади луѓе да разговараат, развиваат и промовираат политики за развивање на Европа базирана на мир, демократија и владеење на правото. Како организација која наредната година слави 50 години од своето постоење секојдневно се обидуваме да ја иновираме својата работа и да останеме релевантни како за нашите членови, така и за нашите партнери. За мене работата во ЏЕФ Европа е спој на простор каде можам да придонесам со моите вештини, но и секојдневно учам од моите колеги.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 1

Со ЏЕФ Европа се запозна на твојот домашен терен, во Македонија, а истовремено беше вклучен и како тренер/едукатор на различни интернационални активности. Сега твојата позиција е една од централните на организацијата. Како стигна да бидеш назначен за Генерален секретар и тоа со 2 мандати и со кои обврски и предизвици постојано си соочен?

ЏЕФ Европа ја запознав преку локалната секција во Македонија, имав привилегија да бидам краток период вклучен во нејзиното обновување. Со тоа полека се вклучив во интернационални активности на ЏЕФ Европа каде што определен период бев вклучен како обучувач. Од првиот настан на ЏЕФ Европа бев восхитен од знаењето и дискусиите на членовите, на најразлични теми (миграциски политики, финансиската унија, човекови права, дигитализација).

ЏЕФ за мене претставуваше простор каде што како активист којшто има јасен став за иднината на Европа можам да работам и да придонесувам со моите искуства. Преку обуките и соработките со ЏЕФ секциите низ цела Европа развив разбирање за мрежата и решив да аплицирам за позицијата Генерален секретар. Моментално сум во вториот мандат, воедно сум и првиот Генерален Секретар со 2 мандати во организацијата. Моите обврски се најразлични, од менаџирањето на Европскиот секретаријат, финансиите и администрацијата на организацијата до политичкото лидерство со Извршниот одбор. Генерален Секретар е позиција која е централна на организацијата и претставува линк помеѓу политиките и секојдневните активности, тоа само по себе е еден од најголемите предизвици.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 2

Да се навратиме малку на твоите почетоци… Уште на твоите 15 години членуваше во младински организации, по тоа две години раководеше со Центар за интеркултурен дијалог во Куманово, паралелно посетувајќи бројни младински размени, интернационални обуки, тренинзи… Токму преку твојата посветеност си имал можност постојано да се надоградуваш, но што е она што најмногу влијаеше врз тебе и те изгради она што си денес?

Започнав со волонтирање на локално ниво од 15 години, развивањето на локалната заедница, а воедно и дружење и забава со пријателите се времиња на кои секогаш се сеќавам. Просторот каде што можев да учам, но и тоа што го учам да го применувам во пракса беше нешто од коешто највеќе научив како член на младинска организација.

Пред сè тоа што највеќе ми помогна е сигурниот простор за учење, никогаш нема да заборавам на една од првите активности на ЦИД кога еден од фацилитаторите кажа дека не постојат глупи прашања и дека секое искуство е важно. Можноста за учество на интернационални обуки и младински размени ми даде желба да продолжам да учам и да се развивам за да еден ден работам со Европски Младински Политики.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 3

Зошто младите треба да се вклучат во волонтерски активности?

Без разлика дали тоа се активности кои се организирани од невладините организации, училишта итн., секогаш од срце на сите им препорачувам да се вклучат во волонтерски активности. Мене тие активности на локално ниво ми дадоа пријатели за цел живот, знаења и искуства кои секојдневно ги користам и ставови/вредности за да можам без предрасуди и затвореност да чекорам низ животот.

Некои од работите коишто ги имам научено низ обуките, планирањата и активностите во МултиКулти ги користам во мојата работа секојдневно. Доколку видете некој оглас, реклама или повик пријавете се, искористите ги можностите што се нудам затоа што нема што да изгубите.

На кој начин младите во Македонија можат своето слободно време да го посветат на проекти и активности кои имаат за цел да создадат подобро општество за сите и колку реално постојат такви можности кај нас?

Мислам дека можностите се на сите страни, и сè повеќе и повеќе се приспособени и атрактивни за млади луѓе кои имаат различни интереси. Покрај тоа доколку не постои простор за активности кои не одговараат на интересите на определени индивидуи, секогаш можат сами тоа да го реализираат.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 5

Милош, моментално директно го следите процесот Conference on the Future of Europe, кои се актуелностите што се ставени во фокус помеѓу организациите и институциите во Европа?

Conferene on the Future of Europe е процес кој започна пред неколку дена, поточно на 9 мај, Денот на Европа. Овој процес е важен за иднината на Европа затоа што директно ќе отвори простор граѓаните да искажат каде ја гледаат Европа во наредниот период.

Во неколку прилики избрани граѓани заедно до политичарите ќе дискутираат и даваат предлози за иднината на Европа. Според мене, темите кои највеќе ќе се дискутираат се климатските промени, здравството и минималните здравствени услуги кои ќе се достапни за секој европски граѓанин, вклученост на маргинализирани групи но и поставувањето на Европа во врска со глобалните процеси (миграција, воени конфликти итн.).

Јас лично се надевам дека Европа ќе заземе став којшто е базиран на понатамошна интеграција, процеси кои ќе го подобруваат животот на луѓето и отворено ќе соработува со целиот свет за теми на коишто треба глобален пристап. Се надевам дека пандемијата нè научи сите дека напредокот се постигнува само доколку сите заедно напредуваат, а не само определени држави или индивидуи.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 4

Веќе неколку години живееш во Брисел, за кој верувам дека можеш да кажеш дека тоа е твојот втор дом. Што е она што најмногу те фасцинира од градот?

Прашањето е многу едноставно, пиво и чоколада! Белгија е држава во која имаме најдобро пиво и чоколада во целиот свет. Покрај тоа, нешто што мене веднаш ме привлече во Белгија е различноста и просторот за да се презентира истата. На неколку наврати пријатели и роднини кои го посетија Брисел заклучија: „Во овој град доколку си разлутен се вклучуваш без проблеми“. Тоа што во мојата зграда во којашто живеев првпат кога се преселив во Брисел живееја над 20 различни националности за мене е фасцинантно и претставува простор во кој можеме да научиме толку многу.

Кои места од Брисел срдечно им ги препорачуваш на луѓето да ги посетат?

Тоа што најчесто им препорачувам на сите што ќе дојдат во Брисел да посетат се парковите кои се наоѓаат на различни страни од градот. Покрај тоа големиот број на ресторани кои служат храна од целиот свет. Од знаменитости кои би предложил да се посетат кога ќе се посети Брисел се: Централниот плоштад, Атомиумот и Палатата на Правдата.

Во централниот дел низ тесните улички постојат многу интересни места кои според мене би требало да ги истражите без мапи и само да уживате во различните мали пивари и барови кои често имаат и свои пива кои можете да ги пробате само таму.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 7

Во разговорот не може да го изоставиме прашањето и за пандемијава. Што се случува во Белгија на тоа поле?

Белгија како држава многу строго се постави спрема пандемијата затоа што Брисел, како главен град на Европа е место каде не може, а да не се движат луѓе, посетуваат и да не се организираат настани. Поради тоа ноќниот и културниот живот беше целосно затворен за повеќе од 8 месеци. Според мене тоа не е решението затоа што таквите решенија сè повеќе ги мотивираат луѓето сами да се организираат и да не ги почитуваат мерките, според мене мора да се постават решенија во кои секоја возрасна група ќе може да има барем некој пристап до своите интереси.

Тоа што за мене беше позитивно е што училиштата беа отворени повеќе од времето и беа на врвот за тоа што е важно да остане отворено. Мислам дека оваа пандемија остава последици кај децата и младите со кои допрва ќе треба да се справува општеството.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 8

Постојано си во движење, постојано си од една во друга држава… Сподели ги најинтересните моменти кога деловните патувања се претвораат во интересни спомени кои со задоволство ги раскажуваш?

Во време во коешто патувањата се реткост, а со тоа и мојот живот е целосно променет во последните 2 години секогаш со насмевка се присетувам на нив. Постојат многу случки, но тоа што можам да го заклучам е дека сеќавањата секогаш се врзани со луѓето кои ги имам запознаено.

Најинтересните случки биле разговорите со луѓе кои ги споделуваат своите животи, споредбите и заклучоците дека иако нашите проблеми навидум изгледаат различни, сепак се многу слични. Секогаш со моите пријатели се потсетуваме на промашените возови, губењето по градови во време кога немавме Google Maps, и интересните мали градови и места кои сме ги виделе без да планираме.

milosh ristovski generalen sekretar na jef evropa moznostite se na site strani i se poveke se prisposobeni i atraktivni za mladite lugje da se vklucat vo razlicni proekti i aktivnosti 6

Како за крај ќе те прашам кои можности им стојат на располагање на младите во Македонија за вклучување во интернационални проекти и активности надвор од границите?

За младите кои сакаат да се вклучат во Европски размени низ нивното студирање и/или волонтирање можат целосно да ја користат програмата Еразмус+. Преку оваа програма младите може да одат на студирање, пракса, волонтерска размена и краткорочна обука низ цела Европа, па и светот.

Младите во Македонија можат повеќе информации да дознаат преку Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност која е задолжена за имплементацијата на програмата. Исто така многу локални и национални организации како ЦИД Куманово секојдневно нудат можности со кои младите без дополнителни трошоци да се вклучуваат во вакви размени. Со големиот напредок во дигитализација младите можат да се вклучат во дигитални размени и онлајн работилници.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Е.Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Владимир Петровиќ - “Мали од Наше Маало”: Прва љубов ми е девојчето од градинка, а потоа глумата Пред 17 години на екраните се појави серијата „Наше маало”, која до ден денес бу...
Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“ Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дом...
Војо Иванов: Живеев 10 години со крокодил! Доколку не го познавате лично, сигурно сте го сретнале некаде низ Скопје. Најчес...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg