Ивана Анѓеловска магистрираше во Санкт Петербург: „Професорите се секогаш достапни, има разлики во образованието и животот“

Ивана Анѓеловска е уште една Македонка која последните неколку години ги помина на магистерски студии во Санкт Петербург. По 16 години работа со млади и младински активизам и желба постојано да патува, Ивана е подготвена своето знаење стекнато во Русија да го пренесе и во Македонија.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 2

За CRNOBELO.com, Ивана го споделува искуството од магистерските студии, за образованието што постои таму, за убавините на Санкт Петербург, како и зошто младите треба да се вклучат во граѓански сектор …

Од неодамна стана магистер по Ориентална култура или Културата на Истокот и тоа во градот на културата и уметноста, Санкт Петерсбург. Претпоставувам дека искуството и знаењето што го стекна таму ќе отвори многу нови врати во животот. Ивана во Русија се најде во моментот кога пандемијата го измени лицето на светот, па можеш ли да ни кажеш како беа организирани твоите магистерски студии и како се одвиваа предавањата и полагањата?

Да, преку Федералниот фонд на Руската Федерација имав можност да добијам целосна стипендија за студирање во насоката Културологија, отсек Ориентална култура или Културата на Истокот.

Своите студии ги започнав во 2019 година каде што предавањата се одвиваа во редовна форма со присуство и интерактивно предавање од страна на професорите. Покрај теоретските предавања кои ги имавме на факултетот, дел од предавањата беа организирани преку практика во музеи, театри и други културни установи.

Од средината на март 2020 година целиот образовен систем се префрли на предавања во онлајн формат, преку онлајн платформи каде што професорите си ги организираа своите предавања, а нашето присуство се евидентира со вклучена камера или микрофон, и најчесто предавањата беа интерактивни, а не само читање на лекција од страна на професорот.

Испитите исто така се одвива во онлајн формат со усно одговарање на зададени прашања или во писмен формат.

Втората година од моите магистерски студии ги започнавме во комбиниран формат, дел од предавањата се одвиваа со лично присуство, а дел во онлајн формат, а некаде во декември месец целосно се вративме во онлајн формат на предавања и полагање на испити и така до самиот крај на студиите, односно до јуни.

Мојот магистерски труд јас го бранев онлајн, бидејќи за образовниот систем не беше дозволено да се врати во нормален редовен формат.

На повеќето професори овој стил на предавање не им се допаѓаше и не им одеше во прилог според нивната предвидената програма за работа, но тие сторија сè за да предвидениот материјал и знаење да се пренесе на студентите.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 3

По 4 семестри поминати во Санкт Петербург верувам дека многу можеш да зборуваш за градот, образованието … Но, она што ме интересира е кои се главните разлики што ти ги забележа помеѓу образовниот систем во Русија и оној во Македонија?

Она што јас имав можност да го искусам од образовниот систем во Русија во споредба со македонскиот образовен систем има голема разлика.

Студентот веќе по завршувањето на првата година има задача да реализира некоја практика поврзана со насоката на која студира.

Се пишуваат многу трудови и статии кои се објавуваат во весници на универзитетско и државно-научно ниво и скоро сите се достапни за користење како литература при студирањето.

Интерактивност помеѓу студентот и професорот е силна страна. Во Русија предавањата се одвиваа 6 дена во неделата, а кај нас на магистерски студии предавањата се 2-3 дена во неделата и најчесто 2-3 часа во денот.

Што се однесува до достапноста од страна на професорот за студентите, во основа тука важи поговорката: „Ние сме тука за студентите, а тие за нас“.

Околу системот на оценување има големи разлики – тука сè уште е активно оценувањето до 5, каде што 3, 4 и 5 се преодни оценки, а доколку се 1 и 2 не го поминуваш испитот.

Исто така дел од предметите се поделени на испити и на колоквиуми или на руски – зачет – и на тоа добиваш писмен одговор положено или не положено односно – зачетено или незачетено.

Во однос на темата на магистерскиот труд на неа се размислува во текот на првата година и се избира професор кој ќе биде твој ментор и ќе те води во процесот на истражување и создавање на магистерскиот труд.

Во почетокот на втората година од магистерските студии, електронски се поднесува темата и се утврдува кој професор е твојот ментор и се работи до крајот на четвртиот семестар каде што во јуни се одржува официјалниот чин на одбрана на својот труд пред комисија која е составена од 7-8 члена.

За студентот на магистерски студии се предвидени 4 семестри или 2 години за да ја заврши оваа етапа од образованието и да се движи кон развојот на својата кариера или работа на полето кое го усовршувал.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 10

Скоро 3 години си во Санкт Петербург, на кои места постојано им се на навраќаш и уживаш да бидеш таму?

Градот има своја магија која го привлекува човекот кој и покрај острите зимски денови, тој знае да биде прекрасен и да се смее, да блеска како испишана бајка.

Петербург е град на вода, познат под името Северна Венеција која мора да се посети за да се доживее таа негова магија која ја има во текот на цела година без оглед дали е лето или зима или есен или пролет.

Моите омилен места на кои обожавам да поминувам дел од своето слободно време се плажата на Финскиот залив, брег на Балтичкото море во близина на моето место на живеење, на Василевскиот остров во Петербург.

Исто така незаменливи се прошетките низ Летната градина во близина на музејот Ермитаж, Михајловски парк кој е центарот на градот, паркот пред добро познатиот Исакиевски Храм каде што доколку поминеш покрај него не можеш да не седнеш и да уживаш во глетката помеѓу овој култен споменик на Петербург и кејот на Реката Нева – постојано место за прошетка, како на локалците така и на секој посетител.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 6

Со оглед на тоа што и Македонците и Русите имаат словенски корени, какви се мештаните во Санкт Петербург?

За мене Русите, еве, конкретно Петербуршците се општествено културни луѓе во однос на тоа што не зборуваат гласно во јавен превоз и на јавни места, активни се во спортот, ја чуваат својата животна средина и обожаваат да пешачат.

Тие се културно возвишена нација која редовно посетува театар, опера, музеј или кој било друг културен настан.

Најчесто Петербуршците создаваат свој круг на пријатели и се движат со нив, но има и од тие Петербуршци кои се отворени за пријатели од други делови на светот.

Сликата за нив ми е тоа што доколку можат ќе ти помогнат доколку не тие си ја тераат својата работа.

Со оглед на тоа дека македонскиот и рускиот народ се блиски по културите и одредени традиции, некако словенските корени нè сплотуваат па така можам слободно да кажам дека наидов на пријатно прифаќање од страна на локалците и нивна пружена рака за дружба и помош во секое време.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 5

Како човек што сака да патува, успеа ли да посетиш некои други места освен Санкт Петербург?

За жал, поради пандемијата и мерките која ги наметнува истата не успеав да посетам ништо друго освен места во околината на Санкт Петербург и Ленинградската Област како Царско Село, во градот Пушкин каде се наоѓа познатиот Екатерински дворец, Павловск, познатиот дворец во Петергоф кој Петар I го нарачал во стилот на францускиот Версај, затворениот град Соснови Бор полн со историја и интересни карактеристики и места, како и други места во околината на Санкт Петербург.

Се надевам со следното мое враќање во Русија ќе имам можност да видам дел од останатите поголеми градови во Русија, како Москва, Казан и секако познатото Бајкалско Езеро…

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 9

По неколкугодишен престој, знам дека е тешко да се одберат неколку настани, но по што ги помниш годините поминати во Санкт Петербург?

По многу пријатни моменти, по пријателите кои ги запознав од Русија, Балканот и од разни делови на светот.

По долгите снежни и бајковити зими, белите ноќи кои ги има во текот на летото и кои се заштитен белег на овој град.

Културни настани на кои имав можност да учествувам и посетам. Национални празници кои спектакуларно се прославуваа во Петербург и по многу други моменти.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 8

За секоја држава кружат секакви митови, верувања, претпоставки, факти, а за Русија може да се согласиме дека списокот е навистина долг. Успеа ли да допреш до најголемите верувања или митови што постојат за Русите?

Русите се сметаат за нација која многу пие, особено вотка. Но, до некаде тоа е така, но сепак има други народи кои се пред Русите кога станува збор за пиење. Русија е мултинационална држава.

На нејзината територија живеат над 130 народи. Сите тие претставуваат самостојни етнички заедници, и сите грижливо ги чуваат својот идентитет и својата традиција.

Можеби не би било лошо и самите да се уверите во тоа во текот на следниот одмор? Можете ли да си замислите живот во сибирски колиби? Месо од елени? Според многу Руси обиколката на Русија понекогаш може да биде понеобична и поегзотична од патувањата во странство.

Интересен мит е за Големиот московски кнез Иван Грозни – кој всушност „Грозни“ не е наречен поради тоа што тој бил грд или правел грозни дела, туку „Грозни“ во основа го има зборот „гроза“ што во превод значи грмотевица и во 16 век се поврзувало со поимот врховно божество или гнев Божји – во контекст за правда и нештата да не поминат неказнети.

За овој кнез биле отпеани многу песни, раскажани приказни и истории.

Познатата Руска салата – која кај нас е позната за време на новогодишните празници, се подготвува и во Русија и е задолжителен оброк на новогодишната трпеза во Русија и таму се нарекува оливие.

Одење на гости со празни раце – има верување дека носи сиромаштија, затоа Русите секогаш кога одат кај своите пријатели на гости или се сретнуваат со некого некаде во парк или на друг отворен простор носат со себе вино или торта или други слатки работи.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 11

Веќе 16 години активно си вклучена во граѓанскиот сектор и посветена си на работа со младите и младински активиза. Колку посетените тренинзи, младински размени и проекти ти помогнаа да се изградиш во личноста што си денес?

Уште од своите средношколски денови започнав со активности во граѓанскиот сектор, меѓу народот попознато како невладин сектор, и до ден денес чувствувам потреба од свое активно вложување и учествување во градењето на подобро општество за себе, за младите и сите граѓани на ова општество.

Досега имам посетено и учествувано во повеќе од 100 различни едукативни тренинзи, младински проекти, настани, конференции, отворени дискусии и волонтерски акции на национално и на меѓународно ниво, со истото темпо продолжив и во Русија и немам намера да престанам, бидејќи секогаш има што да се дознае ново, создаде и реализира во нашето општество.

Мене лично многу ми помогнаа сите овие активности, особено во градењето на личните навики, карактерот, иницијативност, поставување и реализирање на лични цели и приоритети, отворање на разни перцепции во различни области како во едукација, така и на професионално и приватно поле во мојот живот.

И секако, не смеам да заборавам на огромниот број на пријателства кои се создадени и се трудам да ги одржувам постојано без оглед кај и да сум.

Според тебе зошто една млада личност дел од слободното време пожелно е да го посвети на граѓанскиот сектор и каков совет имаш за нив?

Со оглед на тоа што јас како млада личност уште од своите тинејџерски денови сум дел од граѓанскиот сектор сметам дека младите треба да бидат дел од ваков тип на активности од причина што ќе им помогне во создавање на својата личност, градење на својот карактер и насоки кон изборот на својата професија.

Со вклучувањето во младински активности и проекти, една млада личност може да се стекне со искуство, едукација, можност да се запознае со нови перцепции на разни теми, култури, традиции и многу пријателства.

Искуството кое јас имав можност да го стекнам преку учество на разни видови проекти и активности преку граѓанскиот сектор е незаменливо и не може да се купи или да се научи, може да се стекне и низ годините да се развива и применува.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 4

За време на твојот престој во Санкт Петербург работеше на различни проекти, а еден од нив ги вклучува младите од Македонија и Русија. Можеш ли да ни кажеш за што поточно станува збор?

Како што веќе споменав, својата активност и вложување во активизам на младите го продолжив и во Русија.

Заедно со младинска организација од Краснодар, југот на Русија создаваме проект за млади од Македонија, кои го изучуваат рускиот јазик во основните и средните училишта преку онлајн активности и имаат можност да го практикуваат рускиот јазик, да го изучуваат на ниво кое се зборува во Русија и да се запознаат поблиску со руската култура и традиции кои ги има во Русија.

Проектот моментално го развиваме во онлајн формат поради глобалната ситуација со пандемијата, но нашата цел е да се развие овој проект во младинска размена помеѓу младите од Македонија и Русија во живо со посета на младите од Македонија на Русија, и млади од Русија да ја посетат Македонија и поблиску младите да се запознаат со културните вредности, традиции и убавини на овие две држави.

Секако со партнерите од Краснодар имаме за цел проектот да го развиваме и кон другите балкански држави.

ivana angjelkovska steknatoto znjaenje i iskustvo vo rusija sakam da go primenam vo makeodonija 7

Тука ќе го завршиме разговорот, па како за крај сакам да те прашам каде планираш да го употребиш стекнатото знаење и искуство во Македонија?

Своето стекнато знаење и искуство во текот на своите магистерски студии на Државниот универзитет во Санкт Петербург веќе размислувам да ги применам во културни активности и настани преку кои би ја доближиле културата на истокот до македонскиот народ.

Претставување на нивната богата културна палета од аспект на традиции, театар, кино и други културни сегменти, до поврзување и претставување на македонската култура кон овој свет.

Размената на културните вредности, навики, традиции сметам дека треба да бидат една убава алатка на младите луѓе да се запознаат подобро со другите народи од другиот дел на светот и да го збогатат своето културно искуство.

Сметам дека секој народ има свои културни навики и вредности кои треба да ги негува и претставува пред другите култури, како и запознавање на нови културни вредности и нивно почитување.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Е. Х | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Јасмина Цветковска 9 години живее во Сиднеј: „Како инженер лесно најдов работа, но проблем се скапит... „Дипломите од природните науки, машинските струки, архитектура, електро-инженерс...
Никола од Скопје живее во Русија: „Би сакал да се вратам во Македонија, но да имам достоен живот как... „Тука гасот е речиси бесплатен, а струјата е многу поевтина. Јас живеам во стан ...
Емилија Масларковска-Каневче, туристички водич: „Не сум сретнала странец кој не е воодушевен од Маке... „Омилени ми се туристите од Азија. Љубопитни се и сакаат да ја дознаат нашата ис...
Елена од Кавадарци е мејкап артистка во САД: „Не планирав да се селам, тука заработката е поголема и... „Во САД најчесто само невестата, девериците и мајките најмуваат шминкер за свадб...
Сипхокази Трпкоски од Јужноафриканска Република е македонска снаа: „Сакам пастрмалија и ракија, Охри... „Македонската свадба е за мене е најубавата македонска традиција. Многу е убаво ...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg