„Работам во градската болница во Велес – ќе ви ја раскажам трогателната приказна за тинејџерот (17), зависник од дрога“

Кога ја пренесов приказната за дедо Петре, кажав дека има уште неколку случки кои оставија траг врз моето срце и душа. Сега би сакала да ја раскажам втората. Уште еднаш, јас сум над дваесет години дел од тимот на градската болница во Велес. За сите тие години имам видено многу убави нешта, но и многу тажни моменти. Низ мои раце поминале животни приказни, кои ако ги соберам сите, би испишале страници и страници од безброј книги. Има такви кои ги имам заборавено брзо, има такви на кои се сеќавам половично, но има и такви кои нема никогаш да ги заборавам. Ова е приказната за младичот.

Rabotam-vo-bolnica-ushte-edna-trogatelna-prikazna-za-tinejdzerot-i-prostuvanjeto-02.jpg

Жена која над 20 години е дел од тимот на градската болница во Велес за CRNOBELO.com пренесува уште една емотивна ситуација која вели дека е една од трите случки која ќе ја помни до крајот на животот. Преку нејзината приказна таа ни порачува како треба да си простуваме, за да не изгубиме време, денови, месеци, години без личноста која некогаш ни значела, а ние сме биле премногу горди за да простиме.  

„Приказната која сакам да ја раскажам сега се случи на почетокот на мојата кариера, и беше една од оние приказни кои те учат на многу работи.

Една вечер беше донесен млад дечко (тинејџер), околу 17 години, кој беше очигледно дека се дрогира. И после направените анализи тоа само и ни се потврди. Беше во многу лоша состојба. Помина одреден период, и дечкото некако закрепна и си замина.

Не поминаа неколку месеци, и повторно го донесоа кај нас. Старите доктори почнаа да го караат, да го подучуваат, да му даваат совети. Ама имаше некоја тага во неговите очи. Како да не се дрогираше од задоволство, туку повеќе од болка. Како да не му беше грижа што ќе се случи со него.

Во текот на неговиот втор престој во болницата, доаѓаше татко му да го посети. Го знаев како моќен човек во градот, па сигурно и него не му беше лесно да го гледа така син му. Но посетите беа прилично чудни. Таткото не разговараше со синот, ни синот со таткото. Ќе дојдеше, ќе поседеше во собата и ќе си заминеше.

Една вечер, кога скоро сите си беа заминале, дечкото прозборе додека ги проверував собите: „Може ли да ве замолам нешто?“

„Повелете?“ му реков.

„Може ли да ја викнете мајка ми, ама да не знае никој, дури ни татко ми.“

Кога виде дека бев затекната, реши да ми раскаже за него, и за неговиот живот. Половично ја знаев приказната. Дека неговите родители беа разведени.

Не може во толку мал град да не се знае за нешто такво, посебно кога станува збор за моќни и угледни луѓе. Ама никој не ја знаеше причината.

Ми кажа дека бракот на неговите родители завршил поради љубомората и насилството од страна на неговиот татко. Знаел многу често да ги претепува и мајка му и синот, само поради претпоставки за работи кои не биле вистина.

Мајка му сакала да си замине со него, ама таткото се заканил дека ќе ѝ го уништи животот, и дека не смее да го допре ни да помисли да го земе синот. А секако моќните луѓе секогаш го добиваат тоа што го сакаат.

Ми раскажа дека мајка му живее сега со нејзините родители, и дека не смее да го види ни да му се доближи веќе три години.

Морам да признаам дека откако ја слушнав приказната, ми надојде страв. Знаејќи колку беше моќен неговиот татко, и што можеше да ми направи ако би се дознало, ме стави во позиција на тотална парализа. Ама од друга страна, знаејќи колку болка можев да видам во очите на дечкото, не можев да го одбијам.

Му ветив дека ќе се јавам уште вечерта. Ми кажа дека успеал некако скришно да го добие домашниот број кај неговите баба и дедо, од роднини. И го чувал напишан на ливче.

Откако ми го даде бројот, веднаш се јавив. Телефонот заѕвони неколку пати и се јави женски глас. Знаев дека тоа е мајка му. Накратко ѝ раскажав што се случи.

„Ах, тоа чудовиште го уништи син ми“, никогаш нема да заборавам како почна да плаче во тој момент. „Ама знаев дека ќе ми се јави денеска, знаев... паметен тој...“

Не сфатив што мислеше со тоа, иако чувствата и мене ми беа измешани. Страв и задоволство. На сите здравствени работници им е должност да помагаат. На било каков начин. И се надевав длабоко во себе дека ја направив вистинската работа.

После максимум од еден час мајка му пристигна. Скромна жена во нејзините 40-ти години. Со насолзени очи влезе во болницата и веднаш се упати накај мене. Полека ја однесов до собата на синот кој веќе спиеше.

Полека се смести во столицата, ја остави големата торба до креветот и си ги бришеше солзите.

И кога го видов тоа, знаев дека ја направив правилната работа. Бидејќи љубовта на една мајка кон своето дете, не може да се измери со ништо. Од друга страна почувствував гнев и болка како може човек како него да оддели родител од дете. Не ми беше јасно.

Знаевме сите за неговиот темперамент и сите неубави работи кои ги имаше направено во градот, но ова ги поминуваше сите граници.

Мене смената ми завршуваше тоа утро, но не сакав да си заминам. Знаејќи дека татко му ќе дојде тоа утро, сакав да останам да не се случи некој скандал. Му реков и на обезбедувањето да биде во близина да не се случи нешто полошо.

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Весела Богдановиќ од Битола е една од 50-те најдобри учителки во светот: „Избегнувам да давам тестов... „Ако учениците се среќни ќе бидат активни и фокусирани, а јас ќе бидам смирена, ...
Катерина С. Анѓеловиќ, јога и лајф коуч: „Со јогата се спознаваш себеси, медитацијата е одмор за умо... „Го прашале јогинот – „Што постигна со јогата?“ – „Па постигнав д...
„Работам во градската болница во Велес – мора да ви ја пренесам тажната приказна за дедо Петре“ Над дваесет години како сум дел од тимот на градската болница во Велес. За сите ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg