Доктор од Валандово помогнал пациентка да се породи во амбулантно возило во Софија: „Немаше време - се фрливме во акција“
- Детали
- понеделник, 21 јули 2025
„Ново срце запиша први отчукувања – на пат, во амбулантно возило, во длабока ноќ. Имав чест да бидам дел од породување кое се случи во движење, само неколку минути по полноќ. Немаше време. Можевме да видиме дека породувањето почнува и едноставно се фрливме во акција“ - вели за CRNOBELO.com д-р Даниел Кировски од Валандово, кој работи во Софија, Бугарија.

Доктор Даниел Кировски од Валандово веќе подолг период работи во Софија во медицинскиот тим за реанимација, но има работено на повеќе позиции.
Низ годините има учествувано во многу хуманитарни мисии, меѓу кои помош на бегалци од Украина во 2022, поддршка по земјотресот во Турција во 2025, како и учество во транспорт до Софија и Варна на повредени во пожарот во Кочани во март 2025.

Сега на својот Фејсбук профил тој објави необична и позитивна вест, дека заедно со останатиот медицински тим за реанимација во Софија, помогнал на жена да роди бебе додека била транспортирана во болница.
„Ново срце запиша први отчукувања – на пат, во амбулантно возило, во длабока ноќ.
Во моменти кога времето станува критично, кога нема простор за двоумење – животот си го наоѓа патот.
Имав чест да бидам дел од породување кое се случи во движење, само неколку минути по полноќ. Девојче – здраво, силно и прекрасно – дојде на свет во рацете на медицинскиот тим. Без родилна сала, но со целосна посветеност, мирна координација и срце полно адреналин.
Мајката и бебето се во одлична состојба.
Во вакви моменти потсетуваш зошто си го избрал овој повик – затоа што животот понекогаш се раѓа баш таму каде што најмалку очекуваш“ - стои во објавата.

Го контактиравме д-р Даниел и тој за CRNOBELO.com даде подетални информации околу оваа интересна случка.
„Немаше време. Можевме да видиме дека породувањето почнува и едноставно се фрливме во акција.
Ноќните смени се тешки, заморот е голем, но во такви моменти адреналинот и мислите за пациентката преземаат контрола“, споделува д-р Кировски.
Раѓањето на новиот живот се случило во 1:35 часот по полноќ, а девојчето тежи 3 килограми и 200 грама.

Соопштението кое д-р Кировски ни го испрати, гласи:
„Сигналот за жена во активна породилна состојба бил примен од метрополитенска област околу 1:15 часот по полноќ.
Доктор Даниел Кировски од Валандово, Македонија медицинската сестра Маријана Николов од Србија и возачот Иван Јорданов (Бугарија) веднаш тргнале на пат.
Во 1:35 часот по полноќ, девојчето, родено во сообраќајот на пат кон болницата АГ во Софија, веќе било во рацете на медицинските лица“.
Мајката и нејзиното дете веднаш по раѓањето биле однесени во софиската породилна болница „Света Софија“, каде што лекарите потврдиле дека и мајката и нејзиното бебе се во одлична состојба.
„Како лекар, секојдневно се соочувам со различни предизвици и обврски. Работам на повеќе места, што ми овозможува поширок увид во потребите на пациентите и разновидност во професионалното искуство.
Секоја средина носи свои специфики, што дополнително го збогатува моето знаење и пристапот кон медицината.
Балансирањето на различни работни позиции бара добра организација, посветеност и постојано усовршување – сето тоа го правам со цел да обезбедам најдобра можна грижа за оние што ми ја доверуваат својата здравствена состојба“ - дополнува тој за CRNOBELO.com

М. М. | Црнобело