За 30 минути распродаде концерт во Белград, а нема своја песна - Кој е Јаков Јозиновиќ (20) по кого полуде цел Балкан?
- Детали
- сабота, 08 ноември 2025
Во последните неколку недели скоро и да не постои човек кој барем еднаш не го слушнал името Јаков Јозиновиќ, или да не видел негово видео на социјалните мрежи. Кој е младиот музички феномен од Хрватска?

Неговата изведба на песната „Оливера“ од Ѓорѓе Балашевиќ стана вистински хит на ТикТок и оттогаш почна да расте неговата популарност во бивша Југославија.
20-годишното момче од Хрватска нема ниту една своја песна, а сепак го сметаат за музички феномен во регионот, откако за само 30 минути се распродадоа билетите за неговиот прв концерт во Сава центар во Белград.
Потоа закажа уште 4 концерти, кои, исто така, се распродадоа со неверојатна брзина.
Кое е младото момче кое како ураган се појави на музичката сцена и ја воодушеви публиката од цел Балкан со својот ангелски глас?
Јаков е роден во Винковци, Хрватска.
Вниманието на домашната јавност го привлече на 12 години, кога се појави во музичкото шоу „Ѕвездички“ - хрватска верзија на „Пинкови ѕвездички“.
Четири години подоцна, на свои 16, се натпреваруваше во шоуто „Суперталент“, и во тоа време Маја Шупут му предвиде голема кариера, но и дека ќе стане миленик на жените.
„На 16 години тоа беше голем залак, зашто пееш пред голема публика и не си сигурен што треба да избереш за пеење и дали ќе им се допадне.
Но, знаев дека пеам со искреност и емоција, и тоа искуство ме изгради како пејач“, рекол во едно интервју Јаков.
До пред една година настапуваше во кафулиња низ Хрватска или на плоштади, но и на свадби и разни веселби за кои го ангажираа Хрватите.
Но, кога ја испеа „Оливера“ од Балашевиќ и видеото го сподели на ТикТок, тоа почна да се шири вирално.
@jakov.jozinovic Pjevamo zajedno Oliveru 25.7- u Osijeku, Beergarden fest iii 26.7- u Zadru,Dispet bar #olivera #balasevic
♬ original sound - Jakov Jozinovic
Ова му ги отвори вратите кон големата сцена, па изминатиов период одржа неколку концерти.
Сепак, никој не остана рамнодушен на фактот дека „дете“ од Хрватска кое нема свој хит, само со преработки на познати хитови од екс-ју пејачи, успеа да продаде не еден, туку 5 концерти во Сава центар во Белград, а за неговите настапи се бара билет плус.
Сепак, тој најави дека работи на свои песни и дека наскоро ќе промовира ЕР, односни мини албум со 3 или 4 песни.
Инаку, Јаков е студент на факултетот за политички науки во Загреб.