Емина Јаховиќ искрено за љубовта и разводот со Мустафа Сандал: „Ми стана непријател, сакаше да ме оштети“
- Детали
- недела, 23 ноември 2025
„По разводот не плаќаше алиментација од инает, сакаше да ме оштети и ден денес сме на суд. Кога останав самохрана мајка морав сама да заработувам, и оттогаш повеќе ги ценам мажите кои обезбедуваат за домот. Живеев размазено, мислев дека парите ми паѓаат од небо, немав платено сама сметки. Но не се каам за разводот, 3 години пред тоа знаев дека е крај. Немаше веќе емоција, се презаситивме и не се каам за одлуката“ – Емина Јаховиќ искрено за почетоците на љубовта, но и за разводот со Мустафа Сандал.

Емина Јаховиќ живее во Истанбул со своите два сина Јавуз и Јамал кои ги доби од бракот со турската мега-ѕвезда Мустафа Сандал.

Со него беше во брак 10 години до 2018-та, кога се разведоа прво пријателски, но потоа следеа низа скандали и препирки во нивниот однос, а од 2022 е среќно оженет со својата нова избраничка.
За нејзиниот приватен живот и деталите таа никогаш не зборувала многу, но пред неколку месеци, по повод промоција на новиот албум и концертите кои се случуваат месецов, таа почна да гостува во српски емисии и повеќе да се отвора за себеси.
Во едно гостување таа посебно се расприкажа за љубовниот живот, раскажа како се запознала со Мустафа и како се вљубила во него, но и како потоа емоцијата згаснала.
Таа зборуваше за нивниот нарушен однос по разводот, но и за тоа како е да се биде самохрана мајка, која треба да обезбеди повеќе од пристоен живот за себе и своите синови, како што навикнале претходно да живеат.
За почетоците со Мустафа пејачката на широко раскажа во детали:
„Го запознав на плажа во Бодрум. Отидов на летување, а често одев и во Истанбул. Тоа беше преубав хотел, јас имав 21 година.
Тој мене ме виде, бевме на плажа во костими за капење, не знаев кој е тој, беше цел мокар и ми ја извади слушалката од уво, па на англиски ме праша како се викам, од каде сум и која музика ја слушам.
Виде дека малку претера со тоа што дојде и ми зема слушалка, се извини и ме викна со друштвото да пиеме чај, бидејќи во 5 часот таму се пие чај.
Не ми се допадна воопшто на прва, но ми делуваше многу безопасно. Беше океј и пријатен.

Потоа роднината ми кажа дека тоа е Мустафа Сандал, дека е познат и си реков па да го знам него, сум го слушнала, но повеќе имав слушнато за Таркан.
Си тргнавме од плажа, јас имав потреба да се поздравам затоа што ми пријде фино, а и кога дознав кој е, ми беше непочитување да го одминам, па го поздравив.
Тој ме застана, ми побара телефонски број, не му го дадов, но јас земав негов број. Ми кажа дека има семејна вечера и ме покани со другарката.
Се исплашив кога некој од Нови Пазар ми кажа да не одам дека се многу познати да не се случи нешто опасно, но роднината ме натера да се јавам и да се извинам што нема да одам.

Тој на телефон ми се израдува како да се знаеме цел живот, ме замоли да дојдам со мајка му, па отидов да го испочитувам.
Седнавме, разговаравме, одеднаш луѓето си заминаа, јас и тој останавме сами и ми рече знаеш што – ти ќе бидеш моја жена и ќе имаме 2 деца.
Јас се смеев, но така и беше“.