Трпат јавни навреди, имаат тетоважи на лицето со моќно значење - Кои се претставничките на Хрватска на Евросонг 2026?
- Детали
- вторник, 17 февруари 2026
По победата на женската група „Лелек“, едни сметаат дека Хрватска направила одличен избор, други пак, велат дека ова е мелос „кој потсетува на Србија и Косово“, и дека би поминал кај европската публика пред 20 години, но не и денес.

Групата „Лелек“, која ја сочинуваат Инка Вечерина Перушиќ (33), Лара Бртaн (19), Марина Рамљак (26), Корина Оливија Рогиќ (24) и Јудита Шторга (25), победи на „Дора“, хрватскиот избор за песна на Евровизија.
Тие ја испеаја песната „Андромеда“, која ги подели мислењата на домашната јавност.
Едни сметаат дека земјата направила одличен избор, други пак, велат дека ова е мелос „кој потсетува на Србија и Косово“, и дека би поминал кај европската публика пред 20 години, но не и денес.
Девојките привлекоа големо внимание со тетоважите на нивните лица и раце.

Значењето на тетоважите
Исцртаните мотиви се посвета на древна и скоро заборавена традиција на хрватските жени од Босна и Херцеговина.
Станува збор за традиција позната како сикање или боцање, форма на традиционално тетовирање која била распространета меѓу католичките жени во Босна и Херцеговина.
Ова украсување на телото ви БиХ особено се развило во отоманско време, од 1463 до 1878 година, а тие тетоважи имале заштитна и идентификациска улога.
Тетоважите се изработувале рачно, со игла. Иако настанале како симбол на заштита во тешки историски околности, денес се гледаат како дел од културното наследство и силен знак на идентитет.
Најчест мотив бил крстот, но се појавувале и различни геометриски и соларни симболи, стилизирани орнаменти и цветни мотиви.
Тетоважите се правеле на раце, прсти, подлактици, а понекогаш и на челото или на градите.
Девојчињата најчесто ги тетовирале меѓу шестата и шеснаесеттата година.

Јавно исмевање, навреди и критики
Од моментот кога победија, членките на „Лелек“ се цел на навреди и критики преку социјалните мрежи, а некои ги споредуваат и со Марко Перковиќ Томпсон, кој е често забранет во Хрватска поради своите усташки и националистички песни.
„Треба да се викаат ‘Куку лелек’ каква драма направија“.
„Да не се лажеме - победата на Лелек е победа на Томпсон“.
„Србија преку Хрватска ја турна Gnezdo orlovo на Евровизија. Ја немаа Сајси МС во жири за да го помножи со нува ова лелекање“.
„Разбудете се од сон и тргнете на часови по пеење“.

Кои се членките на Лелек?
Во групата членуваат пет девојки. Тие и лани настапија на „Дора“ и на изненадување на многумина го освоија високото четврто место.
Јудита Шторга стана позната во земјата во 2023 година, како натпреварувачка во талент шоуто „Superzvezda“, а се занимава со музика уште од дете.

Корина Оливија е родена во Канада, а нејзиното семејство се вратило во Хрватска кога била бебе. Во 2023 година аплицирала на талент шоуто „The Voice“, a нејзино хоби е тајландски бокс.

Марина Рамљак е графички дизајнер по професија. На музичко талент шоу го запознала својот дечко со кого сега настапува често во хрватски кафулиња.

Лара Бртан студира односи со јавноста, а работи во киното во Загреб. Таа е најмладата членка на бендот.

Најстара е Инка Вечерина Перушиќ, која и претходно пеела во бендови, студирала новинарство и аматерски глуми во приватен театар во Загреб.

Погледнете го нивниот настап на „Дора“:
А. Ј. | Црнобело