„Проучував психопати, сметам дека е доблест да немаш емоции“: Детали од сведочењето на детето-убиец од „Рибникар“
- Детали
- четврток, 26 март 2026
Детето-убиец од училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград вчера вторпат сведочеше во постапката која се води против неговите родители. Уште еднаш потврди дека татко му го носел на стрелање, како и дека многу лесно допрел до неговите пиштоли со кои го изврши масакрот. Спомна и дека го извршил масовното убиство бидејќи се чувствувал отфрлено.

На 3-ти мај 2023 година, детето-убиец уби девет соученици од училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград.
Вчера (25.03) тој по вторпат сведочеше во Специјалниот суд во постапката против неговите родители.
Детето-убиец, Коста Кецмановиќ, беше изведено од психијатриската установа во којашто престојува, а сослушувањето траеше цели пет часа.
Сослушувањето беше затворено за јавност, но српските медиуми веќе имаат информации за она што било изнесено.
Транспортот на Коста Кецмановиќ од психијатриската установа до судот се одвивала со максимално обезбедување.
Како што пренесува српскиот Blic, на двата влеза од установата биле распоредени полицајци, а транспортот со возило на брза помош траел неколку часа.
Детето-убиец постојано имаше капа на главата, а кога излезе од возилото пред судот, полицајците го скрија и со чадор.
За време на сослушувањето, Коста прво изјавил дека се држи до сето она што го кажал на претходното сослушување, а сметал дека татко му е виновен што тој имал пристап до оружје.
Потоа кажал дека го изврши масакрот со два пиштола кои му припаѓале на татко му. Оружјето го нашол во гардероберот на татко му, два дена пред трагедијата, и го чувал во својата соба.
Коста споделил и кога ја добил страшната идеја за масакрот – гледал Јутјуб документарец за масовно убиство во американско училиште.
На судењето присуствувале и родители на жртвите, а кога една мајка го прашала зошто го изврши масакрот, детето-убиец одговорило:
„Се чувствував отфрлено“.
Според извор кој присуствувал на судењето, детето и овој пат повторило дека татко му го носел на стрелање:
„Малолетниот убиец денес повторно сведочеше во постапката против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ, каде што одговараше на прашања со кои уште еднаш потврди дека татко му го носел на стрелање и дека лесно допрел до оружје.
Исто така беше прашан зошто воопшто го расклопил оружјето по масакрот, а тој рече дека го расклопил од навика која, како што кажа, ја стекнал додека одел на стрелање“.
Коста бил прашан и дали долго го барал оружјето, но тој рекол дека побарал само во спалната соба и веднаш го нашол.
„Тоа практично значи дека тој потврдува дека пиштолите на татко му биле лесно достапни, практично ’на дофат на рака‘.
Ова ја побива одбраната на Владимир Кецмановиќ, кој тврди дека соодветно го обезбедил оружјето и го држел настрана од децата“.
На претходно судење, Коста кажал дека татко му го нарекол психопат, а сега споделил дека по овој разговор, и самиот почнал да се гледа како психопат:
„Почнав да ги истражувам психопатите, го проучував психопатското однесување и во тој период додека ги проучував, целосно се поистоветив со нив.
Сметам дека е доблест да се биде ладен и без емоции“.
Според српските медиуми, најголемо изненадување на вчерашното сослушување бил обидот на Коста да ја одбрани мајка му.
Во претходното судење, тој ја обвинувал мајка си дека постојано го карала, го терала да биде најдобар од сите и дека ова нејзино однесување донекаде го натерало да го изврши убиството.
Вчера споделил слична изјава, но како одбрана на мајка му – кажал дека однесувањето на мајка му не го натерало да го изврши масакрот, а го сфатил ова сега бидејќи „созреал“.
Пред да го изврши масакрот, Коста имал дури 211 изостаноци на училиште, па бил прашан и за ова. Тој признал дека лажел за да не оди на училиште:
„Еднаш бев настинат, но за останатите денови се преправав дека сум болен бидејќи ми беше напорно да одам на училиште“.
По судењето, адвокатката на семејствата на жртвите изјави дека со вчерашниот исказ биле добиени цврсти докази кои ја потврдуваат вината на родителите на Коста.
Инаку, детето-убиец во оваа судска постапка не се гони кривично бидејќи кога го изврши злосторството немаше наполнето 14 години.
Целата постапката се води против неговите родители и нивниот удел во масакрот.
Претходно, татко му Владимир беше осуден на 14 и пол години, додека мајка му Миљана на три и пол години зад решетки. Апелациониот суд во Белград неодамна укина голем дел од првостепената пресуда, па затоа судењето против родителите почна одново.
Таткото е обвинет за загрозување на безбедноста бидејќи го обучувал син му да стрела и не го чувал оружјето соодветно. Мајката, пак, е обвинета за занемарување и злоупотребување на детето.
Спирова С. | Црнобело