Потресна исповед на мајка на девојче убиено во масакрот во „Рибникар“: „Ми недостасува секоја секунда, секој ден плачам на гробот“
- Детали
- четврток, 25 јуни 2026
„Не му било доволно еднаш, двапати, трипати, тој седумпати ја застрела ќерка ми. Тоа е… Тука нема правда. Нас секој ден ни е 3-ти мај“, вели мајката на Адријана Дукиќ која беше убиена во масакрот во основното училиште „Рибникар“ во Србија.

Билјана Пауновиќ е мајка на Адријана Дукиќ, девојче кое беше убиено во масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Периодов таа гостуваше во две српски емисии каде што зборуваше за трагедијата и ќерката што ја изгуби.
Во емисијата Jutro na Prvoj, Билјана зборува и за тоа дали смета дека правдата е задоволена со неодамнешната пресуда за родителите на детето убиец.
„Мојата Адријана е убиена со седум куршуми, на училиште. Тоа е нешто незамисливо. Родителите имаа должност да го спречат незамисливото.
Никогаш нема да се помириме со тој факт. Родителите се должни да воспитуваат, да ги надгледуваат и да ги сакаат своите деца, а тоа е она што Владимир и Миљана Кецмановиќ не можеле да го направат.
Детето кое пати психички, а кое е поддржувано со љубов и сакање од своите родители, е дете кое сум сигурна дека ќе ги надмине сите тешкотии.
На детето само му треба љубов. Јас верувам дека на тоа дете најмногу му недостасувале родителска љубов и внимание“.
На прашањето дали ги познавала Коста и неговите родители, Билјана одговара:
„Не. Јас не ги познавав, тоа се луѓе кои се арогантни, луѓе кои од судење до судење покажуваа некој вид ароганција и, едноставно, тоа е нивниот начин на функционирање.
Тоа дете самото кажа дека да се биде без емпатија и да се биде студен… Детето мислело дека тоа е доблест. Дете на 13 години можело да го научи ова само дома.
Јас бев на секое судење и на секое рочиште и секојпат наивно очекував од нив да се свртат и вистински да заплачат и да се покаат.
Овие луѓе ќе ја отслужат својата казна и потоа ќе излезат и ќе си продолжат со нивните животи.
А ние, семејствата на убиените деца, сме доживотно казнени да живееме во тага без нашите деца“.
Потоа водителката ѝ вели на ужалената мајка дека сигурно секој ден си го поставува прашањето „Зошто?“, на што Билјана одговара:
„Секој ден. А и јас се преиспитувам, во смисла како јас сум го воспитала моето дете, не сум ја учела за ваков свет. Не ја учев да се брани. Во овој случај немала шанса да побегне.
Мојот меморијал е во мојата душа, во моето срце и на гробот каде што секој ден одам да се исплачам.
Мене не ми е важно дали јавноста ќе заборави или не, важно е дека јас никогаш нема да заборавам, дека моите деца никогаш нема да заборават.
Но мислам, навистина мислам дека ова е трагедија која никогаш не смеела да се случи и од која навистина мораме да научиме нешто“.
Билјана исто така гостуваше и во емисија на српската телевизија UNA.
„Коста е сторителот кој пукаше во нашите деца, а родителите се тие кои му овозможиле пристап до оружјето.
Тој ја уверувал, не знам како да ви кажам, колку е тоа тешко“.