Елена Ристеска има 2 факултета, Пере дипломирал во Барселона: Какво образование имаат познатите Македонци?

Ване Маркоски

Факултетот кој го завршив пред неколку години е Оперативен менаџмент. А годинава се одлучив конечно да се запишам на мастер студии за човечки ресурси.

Мојата приказна со факултетот е доста интересна. Мојот прв избор беше Правен факултет и тоа почнав да студирам во 2007 година.

Иако секогаш ме влечеле маркетинг и менаџмент и сакав тоа да го студирам некаде надвор. Но, кога запишував факултет, по линија на помал отпор и страв да излезам од комфорната зона, решив да запишам што било, сè додека имам можност да студирам во Тетово, градот каде што тогаш живеев.

Па, некако правен факултет ми се виде како најдобра опција во тоа време.

Студирав две години и одлично поминав, со оглед на тоа колку материјал има и колку учење си бара факултетот.

Потоа решив малку да одморам, а тој одмор значеше подолга пауза. Решив повторно да продолжам кај што застанав, но не одеше.

По 10 години се отпишав од Правен и решив да почнам сè од почеток, па по сите „екскурзии“ факултет завршив на 31 година.

Не сум работел досега по струка, но има доста работи од оперативниот менаџмент кои ми помагаат многу во процесот на работа, со оглед на тоа дека работам во компанија која брои доста вработени и за сè си бара добар менаџмент.

elena-risteska-ima-2-fakulteta-pere-diplomiral-vo-barselona-kakvo-obrazovanie-imaat-poznatite-makedonci-05.jpg

Агнеса Органџиева

Имам завршено Правен факултет на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Но, тоа не ми беше прв избор. Јас претходно почнав да студирам Историја со архивистика, кој е смер на Правниот факултет Јустинијан Први, но по краток период се префрлив на правен смер.

Искрено, на почетокот сакав да студирам друго, бидејќи цела моја фамилија се професори и правници.

Сакав да го скршам мразот, да не одам по нивните стапки, но сфатив дека сепак ме влече правото, бидејќи веќе знаев многу работи од тој домен, имав спремна подлога и полесно учев, па и брзо дипломирав.

Инаку еден период работев и во струката, но оттогаш сменив неколку интересни работни позиции.

Работам од мои 18 години и прво работно искуство ми беше мојата приватна фирма која функционираше скоро 2 години.

Потоа се вработив во Општина Карпош каде бев Шеф на кабинет на тогашниот градоначалник.

Следното работно искуство ми беше во ИТ секторот во голема компанија.

Оттаму заминав во компанија која беше виртуелен мобилен оператор, а каде што бев директор на продажба.

Потоа работев и во компанија за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, каде што бев главен координатор во маркетингот, но работата ми беше поврзана со правниот дел.

elena-risteska-ima-2-fakulteta-pere-diplomiral-vo-barselona-kakvo-obrazovanie-imaat-poznatite-makedonci-06.jpg

Александар Белов

Завршив на Славјански универзитет во Свети Николе и по професија сум дипломиран економист.

Тоа не ми беше првиот избор. Бидејќи завршив средно музичко училиште, сакав да се запишам на Музичка академија.

Не го направив тоа, туку се запишав на Педагошки факултет, но студирањето беше неуспешно, бидејќи таму останав само една година.

Во 2011 година се запишав на Славјански универзитет, на смерот Економија и менаџмент, а поради обврските што ги имав со музиката и кариерата, дипломирав дури во 2016-та.

Никогаш не сум работел за тоа за што завршив, за жал.

Во меѓувреме се преселив во Србија и работам како радио-водител, а продолжив и да се занимавам со музика.

Но, важно ми е што ја нострифицирав дипломата и можеби во иднина ќе работам во струката, иако не се жалам што работам нешто сосема трето.

Од денешен аспект знам дека направив вистински избор што завршив економски факултет, без оглед што не работам по струка.

elena-risteska-ima-2-fakulteta-pere-diplomiral-vo-barselona-kakvo-obrazovanie-imaat-poznatite-makedonci-03.jpg

Јоце Панов

Со високо образование се стекнав на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот за музичка теорија и педагогија. Студиите ги завршив во рекорден рок и дипломирав во 2004 година.

Љубовта кон музиката кај мене се роди од најмала возраст. Талентот за музика, пак, го имам како дар од Бога.

А со оглед на тоа што потекнувам од музичко семејство, растењето и секојдневието ми поминуваа со музика и песни.

По завршувањето на основно училиште, се одлучив да го продолжам образованието во средно музичко училиште, па така Факултетот за музичка уметност ми беше непоколеблива одлука и желба.

Во време на пандемијата, во 2021 година, добив понуда да работам како предметен професор по музичка уметност во средното училиште „Јосип Броз Тито“.

За мене беше голем предизвик, бидејќи добив можност теоретските, практични знаења и љубовта кон музиката да ги пренесувам на млади личности.

На истото работно место сум и денес и морам да истакнам дека работата со средношколци и енергијата која ја имаат тие е нешто што ме исполнува, прави среќен и горд.

Љубовта која ја имам кон музиката, творењето, настапите и теоретските часови со моите ученици се нешто што ми дава енергија.

Работата ми е исполнета со бројни предизвици, имам добиено многу награди на еминентни фестивали. Гледано од оваа перспектива, не би го променил патот по кој чекорам.

elena-risteska-ima-2-fakulteta-pere-diplomiral-vo-barselona-kakvo-obrazovanie-imaat-poznatite-makedonci-09.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Македонката Андреа Кидд, фитнес тренер во Дубаи: „Се занемарив и имав депресија - ми требаа 10 годин... „Благодарна сум за секој успех, пад и сѐ што ми застана на патот и ме направи то...
Не се знае која е поубава - Познати дами од Македонија и нивните ќерки Некои се модели, некои актерки и пејачки, а некои се држат далеку од шоу - бизни...
Елена Најдоски во Грција, Владимир Четкар на Охридско Езеро - Кои познати Македонци ја дочекаа есент... Едни во Грција, други во Турција, трети на Јадранско Море - многу познати Македо...
Љубовта не знае за години: Кои познати дами од Македонија биле или се постари од своите партнери? Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Турунџиева... На македонската јавна сцена ...
Стефан Лазаров прави свадба со Марта - бели гулаби пред црква, традиционални обичаи: „По 7 години вр... „Во врска сме скоро 7 години. Се запознавме во 2016-та година, Марта беше сè ушт...
Ламбе Алабаковски крадел штици од напуштени куќи, Дани Димитровска месечарела: Кои се детските тајни... Дани Димитровска пелтечела бидејќи не можела да каже убаво „Р“ и ѝ требало долго...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg