Вирџинија од Скопје, го живее детскиот сон: „Шетам со маска среде Венеција и никогаш не ми било поубаво“
- Детали
- вторник, 18 февруари 2025
„На 5 години за Први април во градинка ставив венецијанска маска. Кога ме прашуваа децата во што сум маскирана и ќе кажев во венецијанска дама, не им беше јасно што е тоа. Се вратив дома плачејќи зашто се чувствував како да имам најлоша маска“, вели нашата Вирџинија и откри дека конечно ѝ се исполнил најголемиот детски сон - да биде дел од карневалот во Венеција.
Вирџинија Ристеска од Скопје, која е позната како @serafinapekkalla на Инстаграм, е диплoмирана актерка, но за себе вели дека е светски патник.
Оваа девојка, која има впечатлив моден стил и сина коса, по која ја забележуваат сите, деновиве е во Венеција.
Таму замина за посебен повод - да биде дел од карневалот под маски - нешто за што сонувала уште додека била дете.
Сега, на 32 години, оваа скопјанка си го исполни сонот, а своето воодушевување го сподели преку фотографиите што ги објави на Инстаграм.
Во својата објава, таа вели:
„Универзумот има чуден магичен начин да ни ги оствари соништата што долго ги сонуваме - тогаш кога најмалку очекуваме. За карневалот во Венеција сонувам од дете.
Дома имавме еден украс гондола и љубопитно дете, како што бев, посебно кога ќе чуев збор што не го знам, барав да ми се објасни што точно значи.
Така и научив сѐ за Венеција и карневалот. Преку гондолата - украс.
Имав 5 години кога за Први април во градинка ставив венецијанска маска на себе.
Кога ќе ме прашаа другите деца во што сум маскирана и ќе им кажев во венецијанска дама, на никој не му беше јасно што е тоа.
Памтам дека се вратив дома плачејќи затоа што се чувствував како да имам најлоша маска.
Еве ме денес, повторно со маска на лице на сред Сан Марко и никогаш во живот не сум се чувствувала подобро.
Третпат сум во градот на маските, гондолите и каналите, овој пат конечно за време на отворањето на карневалот кој годинава е насловен „Во времето на Казанова“ по повод 300 години од раѓањето на најпознатиот венецијански љубовник - Џакомо Казанова.
Да кажам дека се радував како дете на секоја маска што ја видов ќе биде огромно потценување.
Да, на секоја следна маска бев исто толку восхитена како и на претходната, насмеана од осмица до осмица, извикувајќи Bellissimi на секој костимиран пар. Вирџинија - среќна и исполнета“.
Погледнете повеќе фотографии на следната страница...
Би можело да ве интересира:





