Ана Костадиновска запеа првпат по пожарот во Кочани: „Учам да живеам со тагата и болката, Сара е дел од мене“
- Детали
- вторник, 27 мај 2025
„Каролина е голема како уметник, но и како човек. Секогаш ми била столб и умеела да го направи тоа што е потребно, а толку суптилно, ненаметливо… Така беше и синоќа - со моите колеги од бендот го направија не само подносливо, туку и вистинско уживање моето присуство на сцената, за што сум бескрајно благодарна“, вели Ана Костадиновска за CRNOBELO.com.
Два месеца по трагедијата во Кочани, која засекогаш ги смени животите не само на оние кои беа директно вклучени во пожарот и нивните најблиски, туку и на цела Македонија, Ана Костадиновска, придружниот вокал на ДНК, во себе најде сила да направи голем чекор напред кон своето зацелување.
А тоа го направи со музиката, застанувајќи на сцената покрај Каролина Гочева на нејзиниот концерт во Валандово, и првпат по повеќе од два месеца, таа запеа.
Овој пат стоеше исправено сама, без својата Сара, најдобрата пријателка, за која отсекогаш велеше дека ѝ е сестра.
Но со поддршката од Каролина, членовите на нејзиниот бенд и луѓето со кои пеела многу години наназад, Ана успеа да го победи својот голем страв, да ја погледне болката во очи и да најде малку радост меѓу публиката.
Дека не ѝ било воопшто лесно, Ана раскажа за CRNOBELO.com, a ни откри и кој ѝ ја дал најголемата поддршка да се врати на сцената:
„Недостасуваат зборови кои прецизно би опишале како точно се чувствувам. Би рекла само дека полека учам и се навикнувам да живеам со тагата, болката и недостигот кои се дел од мене целиот овој период.
Да се вратам на пеењето ме охрабрија моите блиски пријателки и колешки Каролина и Елена Ристеска, кои подобро од мене почувствуваа и знаеја каков лек ќе ми бидат пеењето и сцената.
Каролина е ВЕЛИКА како уметник, артист, но и како човек. Патем е моја долгогодишна сопатничка, и приватно и професионално.
Покрај неа ги имам поминато сите животни премрежија и секогаш била мој столб. Умеела да го направи токму тоа што е потребно, а толку суптилно, ненаметливо…
Така беше и на синоќешниот настап. Дефинитивно вистинската личност зад и покрај која првпат настапив.
Таа и моите колеги од бендот го направија, не само подносливо, туку и вистинско уживање моето присуство на сцената, за што сум бескрајно благодарна.
Без Сара е и ќе биде тешко. Таа е дел од мене, моето второ јас и секогаш ќе биде присутна во секој испеан стих на кој заедно сме се радувале.
Со Каролина ја споменуваме често, имаме еден куп патешествија и заеднички спомени на кои со радост се сеќаваме“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





