Славчо Попоски, метеоролог: „По екстремно високите температури, нè очекува пороен дожд во петок“
- Детали
- среда, 25 јуни 2025
„Во петок (27 јуни) попладне и навечер ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локално невреме“, вели Славчо Попоски за претстојната недела.

Неделава се соочуваме со екстремно високи температури кои се очекуваат да достигнат и до 40 степени Целзиусови.
Но, добрите вести се дека кон викендот може да очекуваме освежување.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски:
„Под влијание на многу топла воздушна маса која продира од југ, односно од Африка кон Македонија, од денес (25 јуни) до петок (27 јуни) ќе ни биде најтопло, односно топлиот бран ќе го достигне својот максимум кога температурите ќе се искачуваат во интервалот од 32 до 40-41 степен Целзиусов во Повардарието.
Времето ќе биде сончево, стабилно и суво со појава на мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Во Скопје и околината максимумот на температурата за време на максимумот на овој топол бран од Африка ќе достигне до околу 40-41 степен Целзиусов.
УВ индексот пак ќе има многу висока до екстремно висока вредност и ќе изнесува коефициент 9. Токму поради ова, апелирам граѓаните да не излегуваат без потреба во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 часот, но и да пијат повеќе течности.
Во петок (27 јуни) попладне и навечер ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за локално невреме.
За време на викендот следува намалување на интензитетот на овој топол бран од Африка, освежување на времето и умерен до засилен ветер од северен правец. Секако со ова ќе имаме и пад на температурите“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com