Трогателна исповед на маж (39) од Велес, кој бил жртва на педофил, но и жртва на семејно насилство од татко си: „Летото посебно го мразев“
Дека сѐ уште ги мирисам лигите на Сеништето по мојот врат додека ме злоставуваше, алкохолот и цигарите во здивот на татко ми, крвта по моето лице од неговиот удар, староста на мојот дедо, мртво тело, нечистотијата во мојата душа, изгорената трева во Речани, на сѐ...
„Добар ден, имате ли парфем кој мириса на Црква? На темјан?“
„Има неколку, да.“
Барам, се спровирам низ полиците, се искрадувам низ опијатите. Скапите шишиња ме заслепуваат, ме примамуваат. Барам, мирисам, парфем по парфем, сакам да ме уништи, да ме оживее, да ме понесе, однесе, одвее. Не наоѓам. А сакам.
„Зошто толку сакаш парфеми?“ ме праша со потсмев како да не може да ме разбере; а јас само сакам да бидам прегрнат за да вреснам во место кое ќе ми е сигурност.
Како да им објаснам, како да кажам? Повторно ли да им кажам? Дека сѐ уште ги мирисам лигите на Сеништето по мојот врат додека ме злоставуваше, алкохолот и цигарите во здивот на татко ми, крвта по моето лице од неговиот удар, староста на мојот дедо, нечистотијата во мојата душа, изгорената трева во Речани, на сѐ...
Сакам да смрдам на парфем, одбивен да им бидам. Да знам и да знаат дека сум чист барем надворешно, но да не можат да ми се приближат.
Уште чувствувам сѐ, не сакам ништо да мислам. Сакам да ме убие парфемот. Да мирисам на Црква.
Буричкајќи дома најдов развиени филмови, со фотографии кои ги бев заборавил, неизвадени. 153 сеќавања кои толку болеа, толку мирисаа, толку ме потсетија. Денес продолжив да барам начин како да мирисам на Црква.
Ако некој сака да ме направи радосен, нека ми подари темјан. Темјан дишам, темјан сонувам, темјан прегрнувам, темјан живеам.
Не се живее од воздух, ама од темјан да. Колку и да треба ќе дадам, ќе продадам, себеси ќе се продадам, за да останам така, да мирисам на Црква.
Ова ново дело што го пишувам е сѐ и ништо продолжено, од страв под ќилим сокриено, со трепет обвиено. Сите плачат, сите плачеме, само јас никако да се соберам за да можам крик да испуштам. Мојата душа е инструмент, плач на соѕвездијата кон кои се издига темјанот. Оставете ме да мирисам на Црква.
Ако се намачкам со миро или смирна, запалам темјан, се искадам да се исплачам и измачам, пак нема да им чинам.
„Недостоен“, „опрелестен“, „соблазнителен“, „рак“. А јас само сакам да сопрат бурите, да ми се утешат сите гревови нададени туѓи и направени мои. И да мирисам на Црква.
Ако не мирисам на смола, ќе се изгубам разбирате ли? Ако не мирисам на домот, ќе ме снема во туѓина. Нема да знам како да се вратам, нема да знам како да заплачам.
Можеби премногу ме опиваше цвеќарата што мајка ми ја љубеше толку, за да можам да ги признаам сите лузни. Од цветовите се опивав, од боите, од миризбите... ете од каде е... ете...
Кириле, пет години си без рак и секој ден уште е борба. А утехата тивка не ја кажувај никому, бидејќи повторно нема да им чиниш. А ти сакаш само да мирисаш на Црква.
Во мојот мир, темнина, тишина и сенка, сакам само да мирисам на Црква.

За сѐ ќе преречат и на секој можен начин ќе те изгорат: „Требало повеќе да откриеш во Безсловен“, рекоа сензационалистите и обожавателите на шокот, сеирџиите; „Ти се свиѓаше силувањето а? Уште сакаш а?“ рекоа троловите зад скриените профили и скршените бедотии.
„Ако, така му треба што ќутел“ - рекоа злобните кои од злоба живеат и само тоа љубат.
„Ај бе батали го, лаже“ - рекоа уништувачите на вистини, лажни роднини, пријатели, колеги. Лажни душебрижници, експерти за сѐ, неквалитетни работници, болни умови, а сите под нив.
Можеби најдобро е сепак тоа, да се каже и напише злото со име и презиме, за да се знае. Можеби тоа е најдобро. Секој оган да прочисти.
И во црквата гори сѐ, ама гори кротко. А куќата од моето детство изгоре, и детството со него, љубовта, шансата, надежта.
Пропатував низ голем дел од светот. Бев во Азија, работев во Брисел, бев во Африка, низ Европа, и сега Оксфорд, и пак сум тука, но болка како од распарани души од родниот град не видов и не почувствував. Како во мнозинството таму да е собрано сето зло кое може да се собере и да не пушта таа злоба, завист, болка - која нив ги гори, ама и мене исто.
Ах мој Велес, кој тебе те изгоре? Кој тебе те проколна? Оган. Насекаде.
Откако статуата на малиот Кирил кој беше заробена во Велес се урна и раскрши, јас си дојдов дома.
И станав цел. И почнав да го љубам летото и да ги чистам остатоците од деновите и месеците.
Само, што со изгореницата на мојата лева рака која со темнина ме жигосала и темно ме потсетува? Што со оганот во душа кој е нескротлив и бесен?
Што со лузната на левата дланка од обидот за самоубиство? Што со пожарот кој се плашам дека ќе распукне од мене и изгори сѐ?
Како да се живее после излекувањето? Како да се живее со тагата и болката дека еден живот е поминат со огнен прстен околу тебе, кој ти не си го подметнал? Како?
И како да погледнам во петте теракотни вазни кои останаа со траумите и вистините кои тлеат?
Со една прегратка може да се сопре секоја болка. Ама чија? Ама чија? Ама чија?
Веќе не можам со огнената“.

Инаку, на прашањето „За што се работи во продолжението на Безсловен“, Кирил вели:
„Продолжението се фокусира на неоткриените трауми во првиот дел, оние пет теракотни вазни кои ги споменувам, и сите вистини, болки за кои не бев подготвен да говорам кога ја пишував „Безсловен“.
Каков е животот после големото излекување, сите стравови, жалења за изгубеното минато, борбата со остатоците од траумите (како физички, така и психички) и прошката кон сите и самиот себеси.
Делото исто така има поглавја кои се напишани од мојата мајка, која се соочувала со сопствените болки во тој период, и нејзините вистини и тајни“.

Но, додека се чека продолжението, Кирил на 17 јуни 2025 година ја одржа промоцијата на второто дело, кое овојпат е фикција и има примеси од мистерија и драма.
Паралелно приказната се одвива во Охрид и Оксфорд на распон од 141 година, за на крај двете приказни да се спојат со слоевити пресврти.

Повеќе за неговото дело „Исаак“ ТУКА...
С. С. | Црнобело
