„Мајко, стигнав, ова е за тебе“: Антонио истрча 600km до Острог за да собере пари за Детската клиника во Скопје
- Детали
- понеделник, 21 јули 2025
„Мајко… Стигнав. Уште малку сила ми остана, ама срцето е полно. Твојот сон сега е мое дело. Секоја солза, секоја болка, секој камен под моите нозе вредеше. Го положив мојот подвиг пред Острог. И ти го посветив тебе. И на сите мали срца што се борат за живот. Нека знаат љубовта не запира. И јас нема да застанам“, напиша Антонио во емотивната објава откако истрча 600 километри од Скопје до Острог - подвиг што го посветува на неговата мајка која починала од рак.

На 2-ри јули, Македонецот Антонио Пандовски тргна на пат кон Острог, Црна Гора.
Тргнувајќи од Соборниот храм во Скопје, тој истрча дури 600 километри за да собере пари за децата во Универзитетската детска клиника во главниот град.
Поддржан од фондацијата „Ице Бегов“, која редовно известуваше за прогресот на Антонио, вчера (20.07) тој пристигна на својата дестинација.
И самиот Антонио објавуваше фотографии и видеа од херојскиот подвиг, а откри дека сето ова е со цел да им се помогне на болните дечиња, но и во чест на неговата мајка.
Во видео објавено од фондацијата „Ице Бегов“, Антонио вели:
„Идејата за трчање до Острог се роди преку големата желба на мојата мајка да го посети св. Василиј Острошки. Но, за жал, ја спречи нејзината најлоша болест, боледуваше од канцер, и во чест на неа, се одлучив на овој подвиг“.
Околу една недела пред да пристигне на својата цел, Антонио сподели фотографија со мајка му, со емотивна објава:
„Уште малку мамо… Уште неколку чекори, уште неколку капки пот, уште некоја болка во нозете… И твојата најголема желба ќе биде исполнета. Овој пат води до Острог, не само со срцето, туку и со секоја моја клетка.
Не е важно колку ќе се изморам, не е важно колку ќе боли, но ќе стигнам ако треба и на колена, важно е што те чувствувам до мене на секој чекор. Твојата љубов ме води, твојата сила ме носи. До Острог за тебе“.
Со подвигот на Антонио, отворени се и броеви за донации со цел да се соберат 45.500 евра за децата кои се во Детската клиника во Скопје.
За време на патувањето, Антонио ги потсетуваше своите следбеници дека секој негов чекор е за децата во клиниката, а сподели уште неколку фотографии со мајка му.
Објавата со која кажа дека приситнгал ја посвети на неа.
„Ден 18, победа Острог! Мајко… Стигнав. Уште малку сила ми остана, ама срцето е полно. Твојот сон сега е мое дело. Секоја солза, секоја болка, секој камен под моите нозе вредеше.
Го положив мојот подвиг пред Острог. И ти го посветив тебе. И на сите мали срца што се борат за живот. Нека знаат љубовта не запира. И јас нема да застанам“.
Во Острог, пак, Антонио беше пречекан од херој од страна на претставниците на фондацијата „Ице Бегов“, но и волонтери и поддржувачи.
„660 километри. 18 дена. Еден човек. Илјадници срца. Денес Антонио Пандовски стигна во Острог. Последниот чекор од подвигот што го започна за нашите мали херои. Од Скопје до Острог, со срце кое трча за секое дете на Клиниката за детски болести.
600 километри надеж.
600 километри љубов.
600 километри верба дека заедно можеме.
Средствата уште се собираат. Следните 3 недели се наша шанса – твоја, моја, на сите нас – да бидеме дел од оваа приказна.
Поддржи ја мисијата. Донира, Сподели. Охрабри уште некој.
Од срце благодариме на сите кои досега донираа, волонтира, споделуваа охрабруваа – оваа победа е и ваша.
За децата. За хероите. За нас“, стои во последната Фејсбук објава на Фондацијата.
Како што е наведено на веб-сајтот на фондацијата, собраните средства ќе се искористат за набавка на шест вида медицинска опрема за Универзитетската клиника за детски болести.
Можете да донирате преку телефонските броеви на објавата во продолжение или да донирате на сметката која е наведна подолу.
Како што е пишува на веб-сајтот на фондацијата, со секое јавување се донираат 100 денари.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фондација „Ице Бегов“