Пеце од Суперхикс за летувањето во Албанија - се шегува дека е патлиџан турист, восхитен е од новите патишта
- Детали
- четврток, 07 август 2025
Вели дека речиси и не постои место што не го посетил во оваа земја... Од информации за плажи со тиркизна вода до искрени поплаки од хигиената на одредени места, Пеце од Суперхикс ја доловува ситуацијата од летниот одмор во Албанија, земја која вели дека многу често му е дестинација за патување.

Петар Младеновски, познат како Пеце од Суперхикс, ужива на одмор во Албанија со семејството и открива дека оваа дестинација често е негов избор за летување и дека речиси и не постои место кое не го посетил таму.
На својот Фејсбук профил тој шеговито вели дека прави „патлиџан турс репортажи“ и дава детални информации за летувањето во Албанија.

Од најубавите места, подобрените патишта, но и одредени мани на плажите, Пеце искрено ја пренесува состојбата оттаму.

Неговата објава за летувањето во Албанија:
„Едно од ретките места кои не сме ги посетиле во Албанија е 'Ртот Родон (Cape of Rhodon, Kepi i Rodonit) се наоѓа помеѓу Драч (Gjiri i Lalezit) и Делот на Lezha/Shengjin.

Да стасаш до плажите на 'ртот е вистинска авантура (полуасфалт/полуНЕ) и предизвик.
А таму? Рај на земјата ама и она што мораат Албанците построго да го регулираат и средат следниве години (многу смет на јавните плажи и тоа на добар дел низ цела Албанија).

Водата - кристално чиста! Природа - недопрена!
На крајот на 'ртот се наоѓа и мала тврдина (Kalaja) и стара црква (за овој дел од 'ртот се наплаќа паркинг и влез од 3 евра).
Минус - нема тушеви, доволен број на канти за ѓубре, тоалети.
Плус - има лековито блато (кал) на крајот на плажата.
Местото е идеално за капење во кристално чиста вода, а и предизвик за нуркачите. Изобилува со карпи, гребени, богат морски свет.

Вреди да се посети и помине ден/два тука (околното село со име Shetaj има и некои мали капацитети, па можно е и подолго летување ако начекате место, има и ресторанчиња и прилично скап маркет).
Лежалките низ Албанија се движат од 5 до 10 евра. Во „ексклузивните“ делови на Јонското Море одат и до 50, што не е нормално.
Патувањето до 'ртот не е баш шега и се потребни некои 2 часа од Тирана или Шенѓин на пример или од Драч некои час и половина.
Овој дел допрва ќе се развива, а и има зошто!

Ете. Патлиџан турс со кратка репортажа за вас.
П.П.С. Мостот таму е од рубриката „неверовали или да!“
Прашувам едно локално момче „Добро , можам ли да поминам со автомобил низ ова?“
- „Па... пробај. Може и да поминеш. А може и не...“
