Денес се слави Св. Ана, мајката на Богородица - Ѝ се молат жени и парови кои сакаат да добијат деца
- Детали
- четврток, 07 август 2025
Православните христијани денес (7 август), го празнуваат успението на Св. Ана, мајката на Пресвета Богородица Марија, бабата на Исус, иако главен празник на оваа светица е на 9 септември.

На Св. Ана ѝ се молат жени, но и парови кои немаат деца, а сакаат да станат родители, верувајќи дека таа ќе им ги услиша молитвите и ќе им даде потомство, оти и самата станала мајка на постари години.
Родителите на дева Марија, Ана и Јоаким, имале кралско потекло. Ана е родена во Витлеем, Јоаким во Назарет, но и двајцата биле потомци на кралот Давид.
Тие биле побожни и со благороден карактер, а иако биле богати, своето богатство го делеле со сиромашните. Но и после долги години брак, немале деца.

Легендата вели дека Јоаким со години бил скршен од болка, па откако свештеници не сакале да ги примат неговите дарови на голем празник, велејќи му дека „е недостоен зашто е бездетен“, тој заминал во пустина, живеел сам и постојано се молел да добие дете со Ана и да го надмине нивниот срам.
Ана, пак, кога дознала за причината зошто заминал нејзиниот сопруг, и самата почнала деноноќно да се моли за потомство.
Еден ден, на Јоаким му е укажал ангел кој му рекол дека Господ ќе го благослови со дете, а истиот ангел подоцна го видела и Ана.
Кога им се родила ќерката Марија, Ана и Јоаким му ветиле на Господ дека детето ќе му го посветат на храмот.

Св. Ана често е прикажана како постара жена со покривало за глава, која седи и ѝ го објаснува светото писмо на Марија или ја поучува; а исто толку често се прикажуваат и Ана сама, со малото девојче Марија покрај неа и бебето Исус во рацете.
Празникот Успение на Св. Ана се слави низ цела Македонија, но постои верување дека цркавата во селото Маловишта кај Битола има чудотворна моќ за двојките кои не можат да имаат деца.
Некои парови и сега преспиваат таму вечерта помеѓу 6 и 7 август и се молат да добијат пород.
Во близина на манастирот има и лековита вода што извира од коренот на една бука.
Затоа се верува дека луѓето со ова име се среќни и носат позитивни животни промени.

А. Ј. | Црнобело
