Кирил Ангелов, жртва на педофил од Велес, ќе пешачи 111km за кревање на свеста за сексуалното злоставување на деца
- Детали
- сабота, 30 август 2025
„Организирам пешачење за подигнување на свеста за сексуално злоставување на деца, булинг и секоја останата форма на злоставување. Преку овој физички подвиг како група мечтаам да ги утешиме сите жртви дека треба да побараат помош, да се доверат некому и да го поминат животот во љубов и пријателство, а не сами и во изолација“, вели Кирил Ангелов, нагласувајќи што нему му било потребно кога бил најранлив.

Кирил Ангелов, роден во Велес, а живее во Скопје од 2008 година, работи во Секретаријатот за европски прашања, има дипломирано Дипломатија и меѓународни односи во Грција и е магистер по европска културологија, но и инспиративна личност која воодушевува со храброста.
Тој во интервју за CRNOBELO.com говореше за злоупотребата од страна на педофил, како низа други животни предизвици.
Сега, тој отворено откри дека ќе има хумана мисија во која сака да им помогне на другите деца кои се соочуваат со ова.

Неговата објава гласи:
„111 километри пеш за подигнување свест за сексуално злоставување на деца
Почитувани пријатели,
Со Господ напред и со полно срце и трепет во душа, ве информирам дека од 30 март до 04 април 2026 година*, организирам пешачење за подигнување на свеста за сексуално злоставување на деца, булинг (врсничко насилство) и секоја останата форма на злоставување.
Почетна точка е Скопје, а завршна е Демир Капија.

Целта ми е, како што пишав, подигнување на свеста во Република Македонија за сексуално злоставување на деца, булинг (врсничко насилство) и секоја останата форма на злоставување.
Молкот на државните структури низ годините наназад, ме натера на овој потег: верувам дека народот може да промени сѐ, ако има желба.
Можам ова пешачење да го направам сам, но целта ми е да покажеме дека жртвите не треба да поминуваат сами низ сопствените тегобни патешествија.
Затоа преку овој физички подвиг како група мечтаам да ги утешиме сите жртви дека треба да побараат помош, да се доверат некому и да го поминат животот во љубов и пријателство, а не сами и во изолација.

Болката не треба да е табу, а ни тишина.
Сите заинтересирани нека ми пишат во порака. Оние кои сакаат да земат учество не мора да го изодат цел пат. Може да се приклучат од Скопје, некои од Велес, некои од Неготино, да изодат само еден ден, итн - плановите би ги скроиле заедно.
Да покажеме дека сме луѓе, пред сѐ останато. Ве очекувам со исто толку полно срце и исто толку силен трепет во душа.
Со љубов,
Кирил“



Прочитајте и Кирил Ангелов од Велес: „На 9 години бев жртва на сексуално злоставување, зборувам јавно со надеж да помогнам на други“
С. С. | Црнобело
